Дијаспора

ВО АВСТРАЛИЈА ЖИВЕЕ УШТЕ ЕДНА МАКЕДОНИЈА

Фиданка Танаскова  

Во Скопје на 14 октомври промовирана антологијата со поезија „Илинден во нашите срца“ од членовите на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј

Промотор на антологијата на овој свечен чин во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ на македонските поети од петтиот континент беше проф. д-р Виолета Ачкоска.

Прекрасна октомвриско-роднокрајно-иселеничка промотивна вечер беше тоа во главниот град на Македонија. Вечер за незаборав во Скопје, во која низ стиховите, низ обраќањата, пораките, благопожелбите и емоциите, беше акцентирана непобитната вистина на македонскиот вознес дека, каде и да сме – едно сме. Нам древната македонска земја ни е коренот, дедовината, мајковината, татковината.

На овој македонско-австралиски свечен промотивен чин се истакна дека во далечна Австралија постојани се активностите, битките, делата и резултатите на генерации Македонци, што е најверниот показ и доказ, дека се чуваат, негуваат, афирмираат и во срцата се носат македонското име, јазик, идентитет, култура, обичаи и традиции во тој мултикултурен колаж на петтиот континент.

И овој стихопис и оваа антологија, продолжува да биде мостот на поврзување меѓу библиска Македонија и втората татковина Австралија. Таму, каде што век-векуваат стотици илјади наши браќа и сестри од сите делови на оваа земја на сонцето. Македонските патриоти од перото и стихот, испишуваат историја со главната тема – Илинден. Но, испишуваат и пораки и завети за денешната и идна наша Македонија.

На промотивната вечер во Националната универзитетска библиотека, пред љубителите на поезијата, антологијата „Илинден во нашите срца“ многу ефектно ја претстави проф. д-р Виолета Ачкоска. Се обратија и првите луѓе на организаторот: од Агенцијата за иселеништво Горан Ангелов и од Националната библиотека Јовица Никчевски. За Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј се осврна членот Оливера Јовановска.

Горан Ангелов: ГОРДОСТ Е ДА СЕ БИДЕ МАКЕДОНЕЦ

Гордост е да се биде Македонец и овде во татковината, и насекаде во светот. Овие културни настани се одлична можност да го истакнеме она што го прават нашите активисти, нашите сонародници заминати надвор од Македонија. Еве како што конкретно во Австралија, кои творат од сѐ срце, и секоја година имаат голем број на дела. Се работи на тоа овде, да се отвораат македонски литературни катчиња, па се почнува со Норвешка, ќе следи и Австралија.

Илинден засекогаш е во нашите срца. Ќе бидеме горди Македонци ако и натаму го негуваме македонскиот јазик, култура, традиции и името древно македонско.

Јовица Никчевски: ТАТКОВИНАТА ВРЕЖАНА ВО СРЦЕТО

Оваа антологија е непобитно сведоштво за силата на нашиот јазик и за нераскинливата врска меѓу татковината и Македонците во светот. Преку пишаниот збор ги зачувуваме јазикот, идентитетот и врската со родниот крај, независно од географските далечини. Зборот на мајчиниот јазик има посебна вредност кога се создава творештвото далеку од родниот крај, но со татковината длабоко во срцата. Особено е важно што ова издание е од Друштвото во Сиднеј што го носи името на големиот македонски поет и преродбеник Григор Прличев.

Виолета Ачковска: СТИХОПИСОТ ИЛИНДЕНСКИ

Промоторот на антологијата на македонската поезија од Австралија „Илинден во Нашите срца“ проф. д-р Виолета Ачковска, во инспиративното обраќање, анализа и пофалби, меѓу другото рече:

Ова дело е посветено на нашите Илиндени кои се меѓници на непокорот во македонската историја, во минатиот век, но и со белези, на една незавршена борба која трае и до денешни дни. Во темелот на таа борба е вграден денот на илинденското востание 2-ри август 1903, и претставува извориште, инспирација на борбеност и храброст на генерациите Македонци. Бидејќи тој прв Илинден го даде и вториот Илинден, антифашистичката НОБ во кој, младите партизани ги губеа животите за слобода со името на славните илинденци. И конечно 8-ми септември 1991 година, кој симболично е третиот Илинден, кога се оствари сонот за самостојна, суверена држава Република Македонија.

Во објавените песни во антологијата од кои извираат и низа лирски призвуци, овие творци, овие македонски патриоти, уште еднаш со своето перо го испишале крвописот на македонската историја, но, не како минато, туку како завет за денешнината, и како патоказ за иднината. Тие недвосмислено кажуваат дека соочени со повторното негирање на нашето право на самоопределување, ќе мора да го издвојуваме и четвртиот Илинден.

Некои однадвор со сите сили и на сите фронтови работат на некаква си задача, Република Македонија да остане безимена земја, со безимен народ без минато, сегашност и иднина. Но, наспроти сите нив, ние имаме сеќавање, имаме минато и имаме свое име. Имаме визија.

Делото „Илинден во нашите срца“ е поезија што доаѓа во време кога сме изложени на жестоки удари по нашиот идентитет и опстој. Но, гледајќи наназад можам само да запрашам – кога нам на Македонците ни било лесно? Меѓутоа, секогаш се менувал и зацврстувал нашиот отпор. Јакнела вербата за ново утре. Ете, оваа антологија ќе влезе во низот на македонскиот непокор, во трезорот на паметењето, како уште еден камен соѕидан во македонската куќа на вечноста. Гласот на непокорот силно одекна во Австралија, каде Македонците застанаа цврсто против политиките на меѓународните фактори кои го попречуваа меѓународното признавање на нашата земја, и поставуваа непостоечки критериуми за нејзиниот прием во ОН, во ЕУ и НАТО.

Таа политика продолжува да ескалира, па денес сме сведоци на размената на украдени македонски артефакти кои си ги разменуваат Бугарија и Грција, како некакво сценарио за негирање на македонската посебност и историја. Но, нештата имаат и поинаков тек.

Објавените песни во антологијата, со силен патриотски набој како потсетник на славното минато, опоменуваат и повикуваат повторно да застанеме простум. Тие претставуваат уште еден голем бедем на македонствување, тврдина против посегањата врз македонската историја, име, јазик и идентитет, кои евтино ги продадоа и ги продаваат дел од политичките гарнитури во Република Македонија. Особено оние кои ги потпишаа наводните „добрососедски’ договори со кои се присвојува македонското минато од страна на Бугарија и Грција. За македонскиот народ да го губи историскиот легитимитет врз својата вековна територија. Таквиот тек на решавање по век и половина, македонското прашање болно го доживува секој македонски патриот, а особено оние кои се далеку од македонската земја.

Сепак, и по толку потрошени пари за пропаганди за поткупување на предавници, по толку репресии и прогони, балканските сојузници не успеале од Македонците да го избришат колективното паметење, нивниот идентитет и историјата пренесувани од колено на колено, низ усната традиција, како и низ безбројните страници напишани од новите генерации.

Затоа, не случајно, токму сега како дел од постојана борба за македонствување на нашите патриоти во Австралија, ние во рацете го имаме овој стихопис во чие средиште е Илинден, најголемата македонска епопеја во поновиот век. Ги читаш стиховите и чиниш слушаш топот на коњи, пукот на малихери, ѕвекот на сабји. Го слушаш повикот на славните илинденци кои со гордо крената глава тргнаа во бој против Османлиите, со борбениот извик – Слобода или смрт- За Македонија. Стихувањата поетски продолжуваат и во Втората светска војна, во борбата против фашизмот, кога на првото заседание на АСНОМ се роди слободната македонска република Демократска Федерална Македонија.

Но, нивниот повик е недвосмислен, дека борбата не завршила, за да си го вратиме погазеното национално достоинство. Тука со нас во строј чекорат комитите, војводите, партизаните: Гоце Делчев, Питу Гули, Никола Карев, Јане Сандански… Коле Канински, Елпида Караманди, Методија Андонов Ченто, и македонските бранители од 2001-та година. За овие творци од петтиот континент, Македонија е далеку зад мориња и океани, но, таа е тука во нивните неизбришливи спомени, во корените кои ги чуваат и секој ден докажуваат дека тие корени никој и никогаш не ќе може да ги откорне. Зарем може да откорне нешто што е длабоко во срцата.

Антологијата на македонската поезија од Австралија „Илинден во нашите срца“ ќе остане како трајно сведоштво за една генерација Македонци кои продолжиле да го носат факелот на борбата за Македонија, за нејзиниот опстој и среќна иднина. Некогаш зборот е посилен од куршумот, а молкот е најсрамен чин.

Оваа книга е повик да кажуваме, да твориме, да пишуваме и стихуваме. И додека твориме – постоиме и ние и Македонија и македонскиот јазик и македонската историја, биднина и иднина. Тоа е големата порака на оваа длабоко патриотска збирка. Не молк, туку громоглас честитки за авторите, и нека продолжат со нивното македонствување.

Оливера Јовановска: ГОЛЕМА Е ЉУБОВТА ТАТКОВИНСКА

Во половинавековното постоење, активност и творечко создателство, Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј направи силен афирмативен пробив во австралискиот мултикултурен мозаик. Заслуга е тоа на претседателот на Друштвото м-р Душан Ристевски и на библиотекарот Иван Трповски.

Ние сме горда нација. Ние не сме дрво без корен, туку Македонци од памтивека на овие јужноевропски простори. Македонија е сестра на сонцето, во Библијата запишана. Од дамнина сме постоеле и ќе постоиме, додека постои пишаниот збор, додека постои Македонец на оваа планета Земја…

Најново од: Дијаспора

Весникот „Македонија“ во Торонто – македонскиот збор далеку од татковината

На 15 октомври 1984 година во Торонто, Канада, излегол првиот број на весникот „Македонија“, наменет за Македонците во Канада. Овој датум останува забележан во историјата на македонскиот иселенички печат и во настојувањата да се зачуваат јазикот, културата и врските со татковината. За Македонците што живееле илјадници километри од родниот крај, печатениот македонски збор имал особено […]

Крис Петровски – од Битола до Холивуд

Актерот со македонски корени ја продолжува филмската приказна на својот роден град и ги охрабрува младите да веруваат во сопствениот талент. Кога ќе се спомене Битола, првите асоцијации се Градот на конзулите, браќата Манаки, филмот, театарот и препознатливата боемска култура. Но, културното богатство на еден град не се мери само со неговото минато. Неговата вистинска […]

Академик Синиша Станковиќ – вљубеник во Охридското Езеро и Охрид

Животниот и развојниот пат на научникот од светски глас, биолог, еколог, револуционер и општественик, академикот проф. д-р Синиша Станковиќ, е тесно поврзан со изучувањето на Охридското Езеро, со Охрид и Македонија, со развојот на биолошките науки и со афирмацијата на научната мисла во македонското општество. Неговото име е поврзано и со постоењето и конституирањето на […]

Михајло (Мајкл) Пупин – светски научник со македонски корени од Вевчани

Михајло Идворски Пупин бил професор на Универзитетот Колумбија во Њујорк. Тој бил научник кој, во текот на својата експериментална работа, го задолжил светот со своите откритија на полето на безжичната телеграфија и телефонија, како и рендгенологијата, а имал и големи заслуги за развојот на електротехниката. За својата работа Михајло Пупин добил многу научни признанија и […]

На 2 ноември 1984 година – Весникот „Македонија“ во Торонто, македонски збор далеку од татковината

Излегувањето на првиот број на весникот „Македонија“ во Торонто е значаен датум во историјата на македонскиот иселенички печат и во негувањето на јазикот, културата и врските со татковината. На 2 ноември 1984 година, во Торонто, Канада, излегол првиот број на весникот „Македонија“, наменет за Македонците во Канада. Потоа весникот излегувал редовно, секој 15-ти во месецот, […]

ОМД: 85 години од народното востание – Честит 11 Октомври!

Слободата, македонскиот идентитет и единството се завет што ги поврзува Македонците во татковината и во светот. Денес го одбележуваме 11 Октомври – Денот на народното востание, еден од најзначајните датуми во македонската историја. На овој ден во 1941 година започна народното востание против фашистичката окупација. Храбрите синови и ќерки на Македонија ја поведоа борбата, водени […]

Покана за промоција на антологијата „Илинден во нашите срца“ во Скопје

Поезијата на Македонците од Австралија пред домашната публика – на 14 октомври, во 19:30 часот, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Агенцијата за иселеништво и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје упатуваат покана за промоција на поетската антологија „Илинден во нашите срца“, со песни од членовите на Литературното друштво „Григор […]

Македонците во Њујорк го кренаа знамето среде дожд и невреме за 35 години независност

Можат да се обидуваат да нè избришат. Но, и во еден ваков бурен и мрачен ден… ние сме тука. Над сто Македонци и пријатели на Македонија се собраа во срцето на Њујорк, покажувајќи дека љубовта кон татковината е посилна од дождот и невремето. На 26 септември 2026 година, и покрај дождот и силното невреме што […]

To top