СДС во Брвеница: четврти по гласови, први по „раст“
Да изгубиш четири спрема еден, да завршиш четврти и да соопштиш дека имаш раст — тоа е талент што обичниот гласач тешко може да го разбере.
Човекот гледа во резултатите, гледа во телевизорот, па ги брише очилата. Повторно гледа. Бројките исти, растот продолжува.
На крајот се сомнева во очилата.
Во партиската математика, изгледа, секое место има победничко објаснување. Првото е победа. Второто е успех. Третото е напредок. Четвртото е раст. За петтото веројатно веќе се подготвува свечена академија.
Брвеница доби нова мерна единица: колку помалку гласови на теренот, толку поголем оптимизам пред микрофонот.
Замислете фудбалски тренер по пораз од 4:1 да излезе пред новинарите:
— Задоволни сме. Дадовме гол!
— Ама примивте четири.
— Ве молам, не ја ширете пропагандата на противникот. Ние зборуваме за нашиот гол.
— А четвртото место?
— Стабилна позиција. Тројца пред нас ни го сечат ветерот.
— Ќе преземете ли одговорност?
— Секако. Лично ќе ја предводам прославата.
По ваков настап, тренерот заслужува нов договор. На голманот ќе му се наложи да ја вади топката од мрежата со повеќе оптимизам, а публиката ќе добие укор што погрешно го прочитала семафорот.
Така и во Брвеница. Граѓаните пуштија ливчиња во кутиите, а раководството на СДС, по сè изгледа, очекувало честитки.
Кога ги отвориле кутиите — непријатно изненадување: внатре гласови!
И сега што да се прави?
Оставка? Таман работа.
Прво треба да се провери дали гласачите правилно ја разбрале победничката стратегија со четврто место.
Во оваа сатирична слика, состанокот во партискиот штаб би изгледал вака:
— Другари, имаме раст!
— На гласови?
— Не прекинувај веднаш со тешки прашања.
— На поддршка?
— Дајте прво кафето да го испиеме.
— Па на што?
— На потребата да им објасниме на граѓаните дека имаме раст.
Потоа се формира комисија. Еден ќе ги анализира резултатите, втор ќе ги толкува, а третиот ќе внимава првиот да не го расипе соопштението.
Најтешката задача ќе ја добие графичкиот дизајнер: да направи столпче за четвртото место што ќе изгледа повисоко од првото.
„Може“, ќе рече човекот, „ама ќе мора да го свртиме мониторот.“
Ако затреба, и целата канцеларија ќе ја превртат — само Филипче и раководството да останат на своите места.
Така СДС ги претставува поразите: граѓаните гласаат, комисиите бројат, а раководството избира од кој агол ќе се гледа резултатот.
А граѓаните чекаат некој да каже: „Загубивме. Ќе преземеме одговорност.“
Но одговорноста е ставена на дневен ред веднаш по точката „Разно“, а состанокот секогаш завршува пред точката разно. Се брза на прес-конференција — да се објави растот.
Уште два вакви раста во Брвеница и СДС ќе треба да си го бара резултатот со лупа. А лупата, се разбира, ќе ја прикажат како инвестиција за идните победи.