Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Солинген, Сојузна Република Германија, заедно со членови на Извршниот комитет, присуствуваше на Третата конференција на задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
Пред присутните делегати, Мицкоски ги претстави актуелните состојби во Македонија, економските резултати, инфраструктурните инвестиции и предизвиците со кои се соочува државата во услови на глобални енергетски и економски неизвесности.
Тој истакна дека македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината — не само дел од нашето минато и нашите корени, туку и важен партнер во градењето на иднината на Македонија. Во обраќањето посочи дека Македонија денес гради меѓународна позиција заснована на аргументи, јасни ставови и државна стратегија.
На конференцијата се разговараше и за можностите за унапредување на комуникацијата со дијаспората, поттикнување нови инвестиции и создавање услови за враќање на нашите иселеници во татковината.
„Нашата обврска е да градиме држава во која секој Македонец, без разлика каде живее, ќе се чувствува поврзан со својата татковина и ќе има можност да придонесе за нејзиниот развој.
Македонската дијаспора е дел од Македонија.
Нашата заедничка иднина ја градиме заедно“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.








