Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ги повикува Македонците ширум светот да се вклучат во „МК Конект“ – платформата на волонтери-дописници на Македонската радио-телевизија и Агенцијата за иселеништво.
Платформата произлезе од меморандумот за заемна соработка меѓу двете институции, со цел посилно поврзување на македонските иселеници со татковината. ОМД со гордост ја поддржува иницијативата и го поздравува нејзиниот успешен почеток.
„Доколку веќе сте вклучени, ви честитаме. Доколку сè уште не сте, ве покануваме да станете дел од заедницата што информира, едуцира, споделува приказни, чука со дамар во седум осмини и активно ги поврзува Македонија и Македонците ширум светот“, порачуваат од ОМД.
Современата технологија овозможува преку оваа платформа да се претстави секое катче во светот каде што живеат Македонци и се зборува македонскиот јазик.
Според ОМД, „МК Конект“ претставува единствен пример во светот за платформа на волонтери-дописници овозможена од национален јавен сервис, која се развива во тесна соработка со Агенцијата за иселеништво.
Со вклучувањето во програмата на Македонската радио-телевизија и со споделувањето информации и содржини од средините во кои живеат, иселениците можат да придонесат за поголема информираност за животот и успесите на Македонците ширум светот, за поширока употреба на македонскиот јазик и за зацврстување на врските со татковината.
Формуларот за пријавување е достапен на веб-страницата на Агенцијата за иселеништво.
Стручните тимови на Македонската радио-телевизија се подготвени за соработка со волонтерите-дописници во подготовката на прилози на македонски јазик за настани и активности во нивните заедници, успешни приказни на Македонци и други актуелности од целиот свет.