МВР доби меѓународно признание за унапредување на сообраќајната безбедност. Проектот предвидува автоматско откривање на прекршоците и дигитална обработка на постапките.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Дубаи ја прими наградата „Excellence in Road Safety“ („Извонредност во сообраќајната безбедност“), која Македонија ја освои за проектот „Безбеден град“. Признанието беше врачено на свечената церемонија за доделување на наградите во рамките на Светскиот полициски самит, објави МРТ. МРТ
Проектот „Безбеден град“ ги поврзува автоматското откривање на сообраќајните прекршоци и дигитализацијата на постапките со законските измени. Целта на МВР е со овие мерки да се намали бројот на сообраќајни несреќи и да се заштитат животите на учесниците во сообраќајот.
На отворањето на самитот, Тошковски пред полициски претставници од повеќе земји зборуваше за значењето на меѓународната соработка. Како пример ја посочи заедничката истрага на македонската полиција и американското Федерално истражно биро (ФБИ) за нелегалната онлајн платформа OLVX, поврзана со трговија со украдени лични податоци и алатки за сајберкриминал. Според министерот, активностите преземени во Македонија придонеле и за дигиталната безбедност на граѓаните во САД.
„Големината на една држава не ја ограничува важноста на нејзиниот придонес“, рече Тошковски, нагласувајќи дека навремената размена на информации и заедничките истраги можат да спречат закани и надвор од границите на една земја.