Споменикот е дело на Петро Алексовски и е подигнат со поддршка на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Во полскиот град Полице денеска, 19 ноември 2026 година, беше откриен првиот споменик во Полска посветен на децата бегалци од Егејска Македонија кои не се вратија во родните краишта, туку го поминаа животот во Полска и таму починаа.

Споменикот го открија градоначалникот на Полице, Кристијан Ковалевски, и амбасадорот на Македонија во Полска, Јасмин Реџепи. Тој е еден од трите споменици што се предвидени да бидат поставени во полските градови што ги згрижиле децата бегалци од Егејска Македонија.
Во своите обраќања, амбасадорот Реџепи, градоначалникот Ковалевски и авторот на споменикот, Петро Алексовски, му се заблагодарија на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ). Тие нагласија дека без поддршката на Фондот проектот немало да се реализира за толку кратко време.
„Судбината на децата бегалци од Егејска Македонија, откорнати од своите огништа, природно се преплетува со историската меморија на еврејскиот народ и на сите оние кои го преживеале прогонот и загубата на домот. Затоа беше природно да помогнеме“, истакна директорот на ФХЕМ, Горан Садикаријо.
Со поддршката за подигање на споменикот, Фондот придонесува за зачувување на сеќавањето на децата бегалци и на солидарноста на полските градови што ги згрижиле.


