Македонците во Соединетите Американски Држави се организирани во македонските православни цркви и во различни друштва и асоцијации. Така, според делото „Македонците во САД и во Канада“ од авторот на овие редови, во период од 2000 –та година до денес се формирани голем број македонски друштва и друг вид асоцијации во САД. Овие значајни македонски асоцијации се, всушност, афирматори на македонската вистина и мост на зближување на нивната втора татковина – САД и Република Македонија. Меѓу нив, треба да се споменат следните:
АМЕРИКАНСКО-МАКЕДОНСКА БИЗНИС АСОЦИЈАЦИЈА. Оваа асоцијација е формирана во Детроит во 1990 година. Во неа членуваат одреден број бизнисмени од македонско потекло кои живеат во метрополата Детроит и други градови ширум САД.
МАКЕДОНСКИ ЛЕКТОРАТ. Македонскиот јазик се’ повеќе станува интересен за бројни лингвисти во САД и Канада, како и за младите генерации од македонско потекло кои пројавуваат интерес за корените на своите претци. Така, во септември 1991 година, со голема поддршка на професори на Универзитетот “Мичиген” во Ан Арбор, заедно со големото залагање и заинтересираноста на Македонците од МПЦ „Света Богородица“ во Детроит, беше отворен Македонскиот лекторат. На четири семестри беа запишани првите студенти кои ги завршиле студиите и тоа беа првите македонисти.
Исто така, подолги години со успех работеше македонски лекторат во Портланд, Орегон, Сеатл, Вашингтон и во Темпи, Аризона. Така, во 1982 година бил отворен Лекторат по македонски јазик на Државниот универзитет во Портланд. На Универзитетот во Сеатл, започнал лекторатот во 1988 година. Потоа, во 1991 година за првпат македонски јазик се предавал на еден летен курс во Државниот универзитет во Темпи, Аризона (град збратимен со Скопје). Во 1995 година имало летен курс и на Универзитетот во Питсбург, Пенсилванија.
МАКЕДОНСКИ СВЕТСКИ КОНГРЕС. Иницијатори на Македонскиот светски конгрес била група македонски доселеници од САД и Канада. Првата средба била одржана во март 1992 година во Њуварк, Њу Џерси. Потоа, на 20 мај 1992 година, како непрофитна асоцијацијата била регистрирана во државата Флорида. Првиот конгрес бил одржан на 3 и 4 јули 1993 година во Дирборн, Мичиген. Македонскиот светски конгрес има голем придонес, меѓу другото, за признавањето на Република Македонија.
ДРУШТВО “ЉУБОЈНО”. Покрај друштвото “Преспа”, доселениците од Љубојно се организирани и во свое селско друштво “Љубојно”, кое е основано во 1992 година. Во градот Детроит и околните места живеат околу 120 семејства од Љубојно, а, исто така, ги има и во други американски градови, на пример, во Чикаго, околу 20 семејства, потоа во Охајо, во Калифорнија и во Канада. Се претпоставува дека на овие простори на Северна Америка има околу 300 семејства од селото Љубојно. Посебна грижа друштвото води за селото Љубојно. Со негови средства се одржуваат црквите, гробиштата и други комунални објекти во селото.
Во 1993 година е спроведена посебна хуманитарна акција за собирање средства за купување на лекови за амбулантата во селото Љубојно. Истата година произлезе и идејата да се соберат пари и за изградба на патот од селото до манастирот „Свети Петар.и Павле“
Друштвото “Љубојно” еднаш годишно на празникот св. Атанас (летен), на 15 мај, (најблиската сабота или недела) организира пикник, како сеќавање на селската слава, која се одржуваше во манастирот „Свети Атанас“. На тој ден се организира и игранка, на која се покануваат сите Македонци доселеници во Детроит, а исто така и љубанчани од другите делови на Америка.
ДРУШТВО “СКОПЈЕ”. Оваа асоцијација била формирана во ноември 1999 година од група новодојдени македонски доселеници од Скопје и Скопско и нивни пријатели. Тој е еден од помладите клубови во Детроит.
СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС. Оваа асоцијација, која се бори и ја брани македонската вистина во земјата и во светот, е регистрирана во метрополата Њујорк на 25 мај 2000 година и има своја канцеларија. Исто така, Светскиот македонски конгрес има свој огранок во Њу Џерси.
МЛАДО ДРУШТВО “ПОЛОГ”. Младинците од Детроит чии дедовски корени се протегаат во Македонија, во тетовскиот регион формирале свое друштво. Тоа било основано на 10 ноември 2001 година, кога и се организирала голема група младинци, претежно ителектуалци. Младото друштво “Полог” било организатор на бројни игранки и други собирања.
КЛУБ “ЛЕШЕК”. Еден од најмладите македонски клубови во метрополата Детроит е “Лешек”.Тој бил формиран во текот на 2001 година, а бил регистриран пред американските власти во јануари 2002 година. Овој клуб е собиралиште на доселениците од селото Лешок, Тетовско и е организатор на селската слава посветена на св. Богородица.

Дел од публикацијата „Македонците во САД и во Канада“ на Славе Катин