Македонија останува посветена на европската интеграција, конструктивниот дијалог и исполнувањето на реформската агенда, со очекување за дополнителна финансиска поддршка од Европската Унија.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствува на самитот на Европската Унија посветен на државите од Западен Балкан, на кој преку дијалог, размена на мислења и заедничка дискусија се отвораат значајни прашања за иднината на регионот, меѓусебната соработка и заедничките предизвици.
Во рамките на самитот, Мицкоски одржа работен состанок со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

Во фокусот на разговорите беа процесот на проширување на Европската Унија, реформската агенда, Планот за раст на Западен Балкан, како и досегашните резултати на Македонија во спроведувањето на реформите.
Мицкоски истакна дека Македонија продолжува со реализација на проектите предвидени во реформската агенда, со амбиција повторно да биде најуспешна во исполнувањето на преземените обврски.
Посебно внимание беше посветено и на можноста за дополнување на финансискиот пакет во рамките на реформската агенда. Македонија очекува зголемување од 10 проценти на досегашниот пакет од 750 милиони евра, што би значело дополнителни 75 милиони евра, односно вкупно 825 милиони евра.
Ваквите средби претставуваат значајна можност за градење доверба, зајакнување на партнерствата и унапредување на меѓународната соработка.
Македонија останува посветена на конструктивниот дијалог, партнерството и активното учество во процесите што ја обликуваат заедничката европска иднина, покажувајќи дека со конкретни резултати и исполнување на реформските обврски придонесува кон напредокот на евроинтегративниот процес.
