Да беше СДС, додека беше на власт, барем половина толку активен во исполнувањето на ветувањата колку што денес е гласен со соопштенија и прес-конференции, можеби немаше да го доживее катастрофалниот изборен пораз.
Додека беше на власт, СДС не ги решаваше проблемите, туку како намерно да ги собираше за некоја идна изложба. Зад себе остави афери, корупција, презадолжување и штетни договори, а денес, од опозициските клупи, се претставува како дежурен чувар на државата и националните интереси.
Кога СДС ќе слушне за нова инвестиција, не прашува колку работни места ќе отвори и каква корист ќе има Македонија од неа, туку колку прес-конференции може да организира против неа.
Кога ќе се најави инфраструктурен проект, веднаш се вклучува партиската сирена за тревога. Уште не е поставена првата тула, а од „Бихаќска“ веќе пристигнуваат соопштенија дека доаѓа крајот на светот.
Филипче и СДС, судејќи според нивните јавни настапи, имаат проблем со сè што може да ја направи Македонија помодерна, посилна и поконкурентна. За нив, изгледа, развојот е неприфатлив кога се во опозиција. Додека беа на власт, пак, имаа други „поприоритетни“ задачи – исполнување на барањата на соседите, реализација на ветувањата дадени кон нив и задоволување на личните интереси.
Ако им се веруваше на нивните прес-конференции, Македонија досега требаше неколкупати да банкротира, да се наполни со мигранти, да престанат да се исплаќаат платите и пензиите и да снема пари во буџетот. Едноставно, Македонија требаше да исчезне од картата – можеби токму онака како што некои посакувале, а СДС со своите политики им помагаше таквите желби да ги претворат во реалност.
Слушајќи ги нивните пораки и гледајќи ги нивните постапки, човек со право може да се запраша дали токму тоа беше нивната агенда и главна цел.
Но, за нивна жал, а за среќа на македонскиот народ, таквото сценарио не им успеа. И никогаш – ама баш никогаш – нема да му успее никому, ниту денес ниту во иднина! Македонија преживеала многу поголеми искушенија, притисоци и предавства, па ќе ги надмине и овие.
Народот вели: Ниту се тера, ниту се води
СДС тврди дека власта нема поддршка, но не бара избори. Вели дека граѓаните се незадоволни, но не сака да ги праша. Се претставува како сигурен победник, а од гласачките кутии бега како тие да се полни со неплатените сметки од неговото седумгодишно владеење.
Наместо да бара изговори и да бега од предлогот на премиерот Христијан Мицкоски, СДС треба секојдневно да испраќа соопштенија со барање за предвремени парламентарни избори. Но, пред тоа ќе мора да ги убеди граѓаните да заборават што сè „направи“ во текот на седумгодишното владеење: понижувањата, аферите, корупцијата, презадолжувањето, штетните договори и ветувањата што никогаш не беа исполнети.
Затоа, ако СДС е навистина убеден дека граѓаните повторно му веруваат, нека престане да бега од избори. Нека излезе пред народот со својата програма, но и со отчет за седумгодишното владеење.
Ако најде доволно наивни што повторно ќе му поверуваат, СДС можеби ќе добие можност да го врати и својот специјален стратег за ветување и неисполнување – човекот што едно ветуваше, друго спроведуваше и потпишуваше договори спротивни на интересите на Македонија и нејзините граѓани – Зоран Заев.
Но токму тука се појавува најголемиот проблем за СДС: граѓаните добро ги паметат седумте години во кои ветувањата траеја до затворањето на гласачките места, а потоа започнуваше спроведувањето на сосема поинаква политика.
Народот можеби простува, но не заборава. Не ги заборава изневерените ветувања, националните понижувања, штетните договори, аферите и политиките што ја туркаа Македонија во насока спротивна на нејзините национални интереси.
Токму од тој суд СДС најмногу се плаши.
Затоа народот вели: ниту се тера, ниту се води.