На прво место

Од голтари до милионери

Јове Кекеновски

Јове Кекеновски

За жал, Македонија мора конечно да признае една сурова вистина: сè додека на арамијата му го оставаме пленот и го казнуваме благо, ние не го казнуваме криминалот туку истиот го правиме исплатлив.

Во Македонија одамна како да важи едно непишано правило: ако украдеш малку, системот ќе те стигне и ќе бидеш дебело казнет; ако украдеш многу, со гаранција ќе имаш доволно пари не само ти, туку и твоите пра-пра-внуци да го надживеете системот и да живеете како грофови.И тука е целиот наш апсурд. Во политиката влегуваат луѓе речиси како голтари, а по неколку години околу нив никнуваат станови, куќи, земјишта, фирми, автомобили, деловни простории и капитал. Нешто е нивно, нешто на сопругата, нешто на децата, нешто кај братот, кумот, пријателот или деловниот партнер. Од голтари преку ноќ стануваат мултимилионери. Опинците ги заменуваат со прескапи чевли, на рацете блескаат ролекси, околу нив мирисаат скапи парфеми, се возат во автомобили што до вчера можеле само да ги гледаат на слика и одеднаш почнуваат да глумат елита. Само што елитата не се купува со часовник, автомобил и брендирано одело. Малограѓанштината, колку и да ја завиткаш во луксуз, им се гледа од километар.

И за апсурдот да биде уште поголем наједноставното прашање секогаш останува без одговор: Од каде?

Не е криминал политичар да биде богат. Но ако неговото богатство расте многу побрзо од неговите законски приходи, тогаш државата не треба да ,,филозофира’’. Треба да ја земе дигитронката. Колку заработил, колку потрошил, колку поседува и кој ја платил разликата?

За обичниот човек државата е беспрекорно прецизна. Не плати данок веднаш ќе те пронајде. Ако должиш прашање е на време кога ќе те стигне извршителот, а доколку задоцниш со плаќањето ќе ти стигне дополнително и каматата дигната во небото.

Но…… кога треба да се најдат украдените милиони, системот одеднаш станува тром, збунет и „комплициран“. Се отвора предмет, се истражува, се вештачи, се одлага, се жали, се враќа. Потоа повторно се суди и повторно се чека.

А парите, оние украдените не чекаат. Тие патуваат од сметка на сметка, од едно на друго лице. И тука почнува најопасниот дел од приказната. Со парите се плаќаат најскапите адвокати, се купува време, се развлекува постапката. А ако постапката доволно долго се развлекува и ако сето останато е добро подначкано може да се стигне и до застарување.
Крупниот криминал не мора секогаш да ја победи правдата. Доволно е да ја надживее. Криминалецот со пари не мора да ја купи пресудата. Понекогаш му е доволно да го купи времето до моментот кога пресудата веќе нема ни да дојде.

И тогаш што останува? Предметот застарел. Одговорноста исчезнала. Парите останале. А државата повторно има објаснување зошто „ништо повеќе не може да се направи“.
Токму затоа кај граѓаните, од денот на осамостојувањето на нашата држава, се создава она страшно непишано правило: Укради повеќе – лежи помалку. А можеби и воопшто нема да лежиш.

И не е најголемиот проблем затворската казна. Најголемото прашање е: Каде се парите што ги украдоа од нас, граѓаните? Ако некој украл милиони и одлежал неколку години, а потоа се вратил кај истите милиони, прашањето е дали воопшто тој е казнет? Или само сме му дале пауза? Ако му го оставиш украденото, затворот не е казна, туку пауза. И тоа опасна пауза. Зашто човек што излегува од затвор со милиони не излегува немоќен. Излегува со огромен капитал.

Со него повторно може да плаќа адвокати, да создава политичко влијание, да финансира посредници, да гради мрежи на моќ, а бидејќи системот е коруптивно ранлив, постои можност да влијае и врз оние што треба да го истражуваат, обвинат или судат во иднина. Така вчерашниот плен станува капитал за утрешниот криминал. И затоа штом му се остави пленот тогаш сте му оставиле можност за нов криминал и за ново дополнително богатење.

Е тука државата мора да стане немилосрдна. Не кон законски стекнатиот имот. Не кон нечии деца или роднини само затоа што се нечии деца или роднини. Туку кон секој денар за кој ќе се докаже дека потекнува од криминал.

Парите назад. Недвижностите, фирмите и уделите стекнати со нив, итно назад. Криминалната корист мода да биде одземена заедно со сè што законот дозволува да се наплати како противвредност, принос или побарување. Ако имотот е фиктивно префрлен на сопруга, син, ќерка, брат, кум, пријател или фирма-параван за да се сокрие украденото, државата мора да оди и таму. Украденото не станува чесно само затоа што сменило име на имотниот лист. Оној што свесно прифатил да биде чувар на туѓ криминален имот мора да одговара.
И затоа нема потреба од некое магично стапче. Ако некој со години ги користел украдените пари, купувал со нив, инвестирал и создавал дополнителна корист, државата треба да бара сè што законот дозволува: главницата, противвредноста на исчезнатиот имот, користа и соодветните побарувања.

Буџетот не е бескаматна банка за криминалци. Затоа доста со спектакуларни апсења и победнички прес-конференции. Лисиците не ме интересираат. Ме интересира крајниот биланс. Колку е украдено? Колку е вратено? Колку е конфискувано? Колку завршило кај блиски лица? Колку предмети застареле? Колкумина добиле навистина строги казни, а колкумина поминале со казни што изгледаат смешно во споредба со украдените милиони?.

Знаете ли денес колку луѓе, по сите тие постапки, повторно живеат како господари на парите што требало одамна да им бидат одземени и вратени на народот? Ако некој влегол во политика како голтар, излегол како милионер, одлежал малку или воопшто не одлежал, а богатството останало недопрено, тогаш сите ние сме ем губитници, ем намагарчени и осрамотени. Само сме му покажале на следниот како тоа се прави на неказнив начин. И следниот ќе биде попаметен. Ќе украде повеќе. Ќе сокрие подобро. Ќе префрли порано. Ќе купи повеќе време.

Затоа досегашното правило „укради повеќе – лежи помалку“ мора конечно да се претвори во спротивното: поголем арамилак – поголема одговорност и максимално строга санкција во рамките на законот: кривична, финансиска и имотна. Сè друго е театар. Зашто ако му го оставиш пленот, не си го казнил крадецот туку си го финансирал неговото враќање и си му овозможил и понатаму да ужива во благодетите на неказнетиот или благо казнетиот арамилак.

П.С. Вчера, токму на оваа тема, разговарав со неколкумина скопски еснафи во една од култните скопски кафеани. Без партиски навивања, почнавме да се потсетуваме на случаи што сите ги знаеме. На политичари кои во јавниот живот влегувале речиси без имот, а по години поминати во власта излегувале како богати луѓе. На поранешен висок функционер кому државата му конфискувала значителен имот, а потоа дел од истиот тој имот повторно завршил во негови раце преку јавен откуп. На понови случаи во кои се зборува за милионски суми и тешки злоупотреби, а јавноста повторно се соочува со апсурдот дека, дури и ако вината биде докажана, можната затворска казна може да изгледа несразмерно мала во однос на парите за кои станува збор.

И тогаш неизбежно се наметна прашањето: каков сигнал испраќа државата ако некој може да стекне милиони, да ризикува неколку години затвор, а најголемиот дел од нелегално стекнатото богатство да остане недопрено?

Еден од присутните го сведе тоа на сурова, но точна математика: ако некој однапред знае дека со неколку години ризик може да обезбеди богатство за себе, за своите деца и за своите внуци, тогаш за него криминалот повеќе не е опасност, туку инвестиција.

И тука заврши расправата. Едногласно се согласивме: додека казната е мала, а пленот голем, државата не го одвраќа криминалецот. Напротив, му нуди добра зделка и му испраќа опасна порака: влези во политика, укради доволно многу, одлежи малку (ако воопшто мораш), а ако најголемиот дел од пленот ти остане недопрен, на крајот си станал милионер.
Е токму во тоа е целиот ужас. Ако неколку години затвор однапред можат да се пресметаат како прифатлив ризик, а украдените милиони потоа остануваат тебе, на твоето семејство или на луѓето на кои си ги префрлил, тогаш криминалот не е казнет. Тој е претворен во исплатлива инвестиција. Полесно……здравје.

Значи рецептот е следен? Стани политичар. Укради и сокриј што повеќе. Ако те фатат, развлекувај се додека можеш. Ако те осудат, одлежи колку што мораш, свесен дека таа казна е сосема мала и минорна цена во споредба со милионите што ќе те чекаат надвор.

Е, ако тоа е математиката, тогаш не треба да се чудиме што ќе се појавуваат нoви „голтари“ кои ќе ги гледаат своите претходници како станале милионери и ќе си речат: зошто да не и јас?

Затоа вистинската борба против криминалот започнува дури тогаш кога овој досегашен рецепт конечно ќе биде оневозможен, а сторителот дебело ќе биде санкциониран од сите страни што ги дозволува законот, кривично, финансиски и имотно.

Ваквата персона мора сериозно да биде обележана како „арамија на народни пари“, а не како „снаодлив човек“ што успеал да го надмудри системот. Треба да му биде одземено сè што стекнал со криминал, сè што сокрил, префрлил или претворил во друг имот. А ако целото негово богатство е производ на криминалот тогаш нека остане и на просјачки стап. Неговото име мора да остане предупредување и срам, а не модел за успех на генерациите што доаѓаат. Само тогаш криминалот ќе престане да биде исплатлива инвестиција, а затворот мала пауза на патот до богатството.

За жал, Македонија мора конечно да признае една сурова вистина: сè додека на арамијата му го оставаме пленот и го казнуваме благо, ние не го казнуваме криминалот туку истиот го правиме исплатлив.

Најново од: На прво место

Манасиевски: Откако бугарскиот амбасадор Филипче сфати дека не проаѓа кај граѓаните, стана партизан и почна да маршира

Бугарскиот амбасадор Филипче, кој ги застапува бугарските интереси во Македонија, верувале или не, викендов стана партизан. Поголем лицемер и човек без образ од бугарскиот амбасадор Филипче, нема. Секојдневно Филипче говори дека Бугарите треба да ги внесеме во Уставот и го шири наративот на Румен Радев во Македонија, но викендов маршираше токму против фашистичките окупатори. Директно […]

Мицкоски: Подготвени сме да оставиме зад себе татковина посилна од онаа што ја наследивме

На свечената академија по повод 11 Октомври во Куманово, премиерот Христијан Мицкоски порача дека почитта кон жртвата на борците за слобода обврзува на изградба на посилна држава, праведни институции и иднина во која младите ќе остануваат во Македонија. Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, во обраќањето на свечената академија по повод Денот на […]

Мицкоски: Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи

По повод 85 години од народното востание, Христијан Мицкоски порача дека почитта кон предците подразбира одговорност да се чува слободата и да се создава подобра иднина за следните генерации. Христијан Мицкоски упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, нагласувајќи ја храброста на луѓето што ја започнале борбата за слобода пред осумдесет […]

ОМД: 85 години од народното востание – Честит 11 Октомври!

Слободата, македонскиот идентитет и единството се завет што ги поврзува Македонците во татковината и во светот. Денес го одбележуваме 11 Октомври – Денот на народното востание, еден од најзначајните датуми во македонската историја. На овој ден во 1941 година започна народното востание против фашистичката окупација. Храбрите синови и ќерки на Македонија ја поведоа борбата, водени […]

Честит 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ

Пред 85 години, македонскиот народ ја потврди својата решеност да се бори против фашизмот, за национална слобода и за сопствена држава. Денес наша должност е да го чуваме она што поколенијата пред нас го платија со своите животи: слободата, достоинството и Македонија. 11 Октомври е празник на храброста, на отпорот и на македонската непокорност. На […]

„11 Октомври“ – еден од најголемите празници на Македонците во светот

Големиот македонски празник „11 Октомври“ е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна. Имено, на 11 Октомври 1941 година, борците од Првиот прилепски партизански одред го […]

Мицкоски: Скопското Кале ќе го добие ликот што го заслужува, Владата ќе обезбеди финансиска и логистичка поддршка

Увид во завршните активности за обновување и ставање во функција на двата музејски објекта на Калето, во рамките на подготовките за Скопје – европска престолнина на културата. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во завршните активности за обновување и ставање во функција на двата музејски објекта на Скопското Кале. Тој порача дека Владата ќе ги […]

Манасиевски: Амар ја критикува ревитализацијата на Калето, а молчи за тендерите на кадрите на Левица

Манасиевски реагира на видеото на Амар за Скопското кале и прашува на што се трошеле парите на скопјани кога кадри на Левица раководеле со градски институции. Во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, Манасиевски ја критикува реакцијата на Амар за најавената ревитализација на Скопското кале. Според него, Амар се фокусира на можноста за наплата на влезници, наместо на […]

To top