Пензионерите од септември ќе добијат ново зголемување на пензиите, овојпат преку редовното законско усогласување. Точниот процент и износот на покачувањето сè уште се пресметуваат, а конечните податоци ќе бидат познати по завршувањето на потребните пресметки.
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека усогласувањето ќе се изврши во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Тој нагласи дека Владата продолжува да води грижа за пензионерите и за стабилноста на пензискиот систем.
– Да, тоа ќе биде редовно усогласување, односно нивелирање во согласност со законот.
Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци, во заднина охрабрени од политички партии, пред Уставниот суд да поведат постапка во врска со линеарното зголемување на пензиите.
За да ги заштитиме пензионерите и нивните пензии, натамошното зголемување ќе биде во согласност со усогласувањата предвидени со законот – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Управата за хидрометеоролошки работи.
Според законското решение, пензиите редовно се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и на 1 септември. При утврдувањето на процентот еднакво се земаат предвид порастот на просечно исплатената плата и порастот на трошоците за живот.
Овој модел има цел да обезбеди пензиите да ги следат економските движења и растот на животните трошоци, со што барем делумно би се заштитил животниот стандард на пензионерите.
Во изминатите две години пензионерите добија линеарно зголемување на пензиите во вкупен износ од 7.000 денари. Со овој пристап, сите пензионери добиваа еднаков износ на покачување, без разлика на висината на пензијата, што беше особено значајно за примателите на најниски пензии.