Историја

Граник – првата битка на Александар Македонски против војската на Дариј во Персија

Славе Катин

Славе Катин

Кога командниот брод на Александар Македонски се приближил до тројанскиот брег, тој во средината на Дарданелите им принел жртви на морските божества Посејдон, Амфитрита и Нереидите. Кога дошол блиску до брегот, скокнал во водата со целиот оклоп, го забодел копјето во песочната плажа и извикал дека од боговите ја добил Азија како „земја освоена со копје“.

Ова симболично присвојување на непријателската земја го споменува и Клитарх. Постапката е толку карактеристична за Александар Македонски што може да се прифати како историски настан. Меѓутоа, наводот за неговиот извик се заснова врз извор кој е премногу несигурен за врз него да се градат претпоставки за големината на тогашните воени планови на македонскиот владетел.

Потоа Александар Македонски заминал во Илиум, каде што со воодушевување ги оживеал спомените од Тројанската војна. Својот штит ѝ го посветил на божицата Атина, а наместо него зел еден свет штит за кој се верувало дека потекнува од времето на хероите. На олтарот на Зевс Херкеј му принел жртва на Пријам, кој, според преданието, бил убиен од Неоптолем, синот на Ахил.

Како наследник на Ахил, Александар Македонски сакал да ја ублажи болката на Пријам. Во рамнината под ридот, тој и неговиот пријател Хефестион положиле венци на могилите за кои се верувало дека ги кријат останките на Ахил и Патрокле. Посетата на Илиум овозможува длабоко да се проникне во романтичната душа на младиот македонски крал.

Откако повторно се соединил со својата војска, која Парменион во меѓувреме целосно ја префрлил на азискиот брег, Александар тргнал напред. Внимателно ја извидувал земјата низ која поминувал, подготвувајќи се за средба со непријателот. Бил известен дека персиските сили се концентрирани недалеку од Зелеја, јужно од Мраморното Море.

По наредба на Големиот крал, кој сè уште немал вистинска претстава за опасноста што му се заканувала од Александар Македонски, персиските намесници и генерали брзо ги собрале воените трупи од областите на оваа страна од планината Таурус. Потоа им се придружиле на Мемнон и на неговата војска.

На воениот совет во Зелеја, Мемнон предложил поинаков план за водење на војната. Според него, Персијците требало да се повлечат во внатрешноста, да ги опустошат населбите и да ја уништат жетвата. На тој начин, Александар би останал без храна и без услови за продолжување на походот, па би бил принуден да се повлече. Во меѓувреме, персиската флота требало да ја пренесе војната во Европа.

Овој вешт план покажувал длабоко разбирање на тешката положба во која можел да се најде Александар Македонски. Тоа би го довело во ситуација слична на онаа во која многу векови подоцна се нашол Наполеон при походот кон Русија.

Сепак, предлогот не бил прифатен. Бидејќи дошол од странец, гордите Персијци жестоко му се спротивставиле. Уверени во својата надмоќ, тие решиле да го принудат Александар на битка уште на прагот на Азија.

Персијците, сепак, биле свесни дека не треба да се соочат со Александар Македонски на отворено поле, каде што неговиот фронтален напад би бил особено опасен. Затоа се упатиле кон запад, до долниот тек на реката Граник – планинска река што се спушта од Ида и се влева во Мраморното Море. Таму зазеле положба на десниот, јужен брег.

Реката на тоа место минувала низ рамнина, додека јужниот брег на одредени места стрмно се издигнувал и до два-три метри. Персијците направиле очигледна тактичка грешка: својата коњица, која според Аријан броела 20.000 војници, ја поставиле непосредно пред стрмниот брег, од каде што не можела целосно да ја искористи својата ударна сила. Пешадијата, составена од антички грчки наемници и исто така со околу 20.000 луѓе, била распоредена подалеку зад коњицата.

Кога Александар пристигнал од северозапад со своите колони во маршевски строј, внимателно го разгледал бојното поле. Веднаш решил да ја искористи грешката на непријателот и да го изненади со брз напад.

Претпазливиот Парменион го советувал да ја улогорат војската и да нападнат рано следното утро. Александар го отфрлил советот и им наредил на своите единици, кои биле искусни во маневрирањето, веднаш да формираат борбена линија.

Во битката кај Граник, Александар Македонски првпат го применил „косиот борбен строј“, кој неговиот татко Филип Втори го презел и го развил врз основа на идеите на Епаминонда. Војската била поделена на офанзивно десно крило, со кое лично командувал Александар, и дефанзивно лево крило, чија команда му била доверена на Парменион.

Истата тактика Александар ја применил и во следните две големи битки – кај Ис и кај Гавгамела. Сепак, во секоја од трите битки ја приспособувал на условите на теренот, бидејќи никогаш не се придржувал слепо до однапред утврдени воени шаблони.

Основната цел била со силен и незапирлив напад на македонската коњица од десната страна да се пробие левото крило на непријателот. Потоа коњицата требало да сврти налево и да ја опколи противничката линија. Полковите на фалангата, распоредени во центарот и заштитени со коњица од левата страна, требало да се судрат со непријателот и да ги врзат неговите сили.

Посебна карактеристика на битката кај Граник била тоа што Александар Македонски не го нападнал крајното лево крило на противникот, каде што се наоѓал Мемнон. Очекувајќи го нападот на Александар, Персијците токму таму ги распоредиле своите борбени сили во многу густ строј.

Александар наредил лесната пешадија и еден ескадрон тешка коњица да нападнат и да го задржат непријателот. Во исто време, на чело на своите кралски следбеници, барал погодно место за решавачки напад, понапред и лево од центарот.

Со звуци на труби и силни бојни извици, војниците на Александар Македонски јуришале кон реката. Граник бил надојден бидејќи било месец мај, а на спротивниот стрмен брег персиската коњица била распоредена на широк фронт.

Битката кај Граник

Единиците на Александар постепено го освојувале спротивниот брег и започнала жестока борба. Најсилните судири се воделе околу самиот Александар Македонски, кој се борел со неколкумина персиски великодостојници. Меѓу нив бил и Митридат, зетот на Дариј, кому Александар му задал смртоносен удар.

Додека сè уште се борел со Роесак, Александар се нашол во смртна опасност. Спитридат, намесникот на Лидија и Јонија, му се приближил одзади со крената крива сабја, подготвен да го убие.

Животот на Александар му го спасил Клит, синот на Дропид и командант на кралскиот полк. Тој го запрел ударот на Спитридат и го убил напаѓачот. Според Плутарх, Клит со еден удар му ја отсекол раката на непријателот.

Страшна е и самата помисла колку поинаков би бил текот на светската историја доколку Клит не го употребел мечот во тој решавачки миг и доколку Александар загинел на прагот на својата слава.

Грешат оние што поради ваквите опасни моменти сакаат да го лишат Александар Македонски од местото меѓу најголемите војсководци во светската историја. И во оваа, како и во подоцнежните битки, тој храбро учествувал во непосредните судири и лично ги предводел своите војници.

Во „косиот борбен строј“, местото на командантот било на чело на офанзивното крило. Правецот на решавачкиот напад можел да се менува во текот на самата битка. Во тоа време не постоела резервна војска во денешната смисла, поради која современиот генерал останува зад борбената линија и ја воведува во дејство во решавачкиот момент.

Кога Александар Македонски со своите кралски следбеници победоносно ја пробил противничката линија и, свртувајќи налево, го нападнал центарот, персиската коњица почнала да се повлекува.

По преминувањето на реката, Парменион успешно го одбил непријателскиот напад. Во судирот особено се истакнала тесалиската коњица, која имала значајна улога во конечниот исход. Поразот на левото крило ги принудил персиските единици на повлекување, а набргу нивната единствена цел станало спасувањето со бегство.

Победата кај Граник била првата голема победа на Александар Македонски на азиското тло. Таа го отворила патот за неговото натамошно напредување низ Персиското Царство и претставувала почеток на походот што засекогаш ќе го промени текот на светската историја.

Александар Трети Македонски и неговото место во светската историја, според книгата на Улрих Вилкен, во превод и приспособување на Славе Николовски-Катин.

Најново од: Историја

Крвавата свадба во Зеленич – Леринско, Егејска Македонија

На 13 ноември 1904 година по јулијанскиот календар, грчка андартска чета го нападнала селото Зеленич, Леринско, во Егејска Македонија. Нападот бил извршен ноќе, додека во домот на семејството Готеви се одржувала свадбена прослава. Меѓу убиените имало и жени и деца. Настанот во македонската историографија е познат како „Крвавата зеленичка свадба“. Зеленич пред нападот Во 1904 […]

Изминаа 122 години од крвавата зеленичка свадба

На 13 ноември 1904 година, во текот на свадбата која се оддржувале во леринското село Зеленич, грчките андарти убиле 13 Македонци. Меѓу жртвите се младоженецот, неговите пријатели, две деца, како и деецот на Македонската револуционерна организација Пандо Мечкаров, вкупно 13 лица. Оттогаш изминаа 122 години, но грчката геноцидна политика кон македонскиот народ не се изменила. […]

Колективната меморија на Македонците

Од книгата „Македонци“ Автор: Бранислав Светозаревиќ-Покорни „Кога ќе го видиш начинот на играта на еден народ, му го откриваш карактерот.“— Конфучие Колективната меморија претставува сврзно ткиво на многуте генерации низ историјата на еден народ и е клучна за неговиот опстанок. Сè додека постои еден народ, постои и колективната меморија, но и народ без колективна меморија […]

Александар Македонски се уште еден од најфасцинантните и најдолготрајните митови во човечката историја.

Александар Македонски и по повеќе од 2.300 години останува една од најфасцинантните личности во човечката историја. Неговиот живот продолжува да инспирира нови истражувања, биографии и различни толкувања на неговото наследство. Оваа недела, историчарот на антиката Едмунд Ричардсон ја освои водечката британска награда за нефикција, „Бејли Гифорд“, за биографијата „Александар: Бог, крал, човек“. Напишана со елеганција […]

Праисториските народи: Енхелеј, Пелагонци и Пеонци

Праисториските народи: Енхелеј, Пелагонци и Пеонци Палеобалканското племе Енхелеи е поврзано со митското доселување на Кадма и неговата жена Хармонија од беотска Теба, меѓу древните жители на западниот Балкан и борбата со Илирите во XIII век пред Христа. Меѓутоа, тие се интересни од повеќе аспекти, а, пред сé, што припаѓаат на единствениот праисториски свет на […]

Логорите на Царството Бугарија и македонските интернирци (1941–1944)

Во текот на Втората светска војна, властите на Царството Бугарија воспоставиле мрежа на логори во кои затворале политички противници и луѓе осомничени за учество во отпорот. Во службените документи логорите биле нарекувани „Селишта на државната сигурност“. Меѓу заточениците имало и македонски дејци, меѓу кои поетот Венко Марковски и Методија Андонов-Ченто. Според Македонската енциклопедија, Министерството за […]

Санстефанскиот договор – голема грешка на руската дипломатија

Санстефанскиот договор предвидувал најголемиот дел од Македонија да биде вклучен во голема бугарска држава предизвикал меѓународна криза и тешкотии за самата Русија. Во приложените историски записи се наведуваат и руски оценки за погрешноста на таквото решение. Санстефанскиот мировен договор, склучен на 3 март 1878 година меѓу Русија и Османлиската Империја, бил обид за прекројување на […]

Полскиот лингвист Мјечислав Малецки уште во 1934 година пишува за посебноста на македонскиот јазик

Полскиот лингвист и славист Мјечислав Малецки (1903–1946) оставил значајно научно сведоштво за македонските говори и нивната јазична посебност. Во своето дело „Два македонски говора“, објавено во Краков во 1934 година, ги истражувал говорите на селата Сухо и Висока во Солунско, во егејскиот дел на Македонија. Проучувајќи го живиот говор на месното население, Малецки ги разгледувал […]

To top