Македонски легенди

Ристо Шишков

Ристо Шишков

Ристо  ШишковВЕЛИКАН НА МАКЕДОНСКОТО ГЛЕДАЛИШТЕ

Мајсторство што во протег на релативно краток век од одвај дваесеттина години Македонија го доби како награда (од 1962-64 до 1984-86, кога тој ќе ги одигра последните ролји).

Ристо Шишков е актер кој во историјата на македонскиот театар зазема прецизно и исклучително место.

Прославениот македонски актер, Ристо Шишков, живееше и создаваше кратко време. Тој почина на 46-годишна возраст кога го достигна центарот на своето актерско творештво, кога најмногу можеше да му даде на театарот, кога најмногу беше потребен.

Таканаречен феномен Шишков

Да се зборува така – студено, рационално, дистанцирано, егзактно – за флуидниот, ефемерниот, во голема мерка емотивниот феномен каков што е актерската игра, можеби и не е толку компликувано колку што е невообичаено, барем кај нас (и, барем, засега).

Можеби токму преку кариерите на тројца врвни актери треба да се определуваат и вреднуваат трите клучни епохи/фази од развојот на македонското актерско мајсторство:

Првиот е Петре Прличко, амблематски знак за онаа иницијална, интуитивна – битовска – и уште сосема миметичка фаза од македонската театарска историја.

Вториот е Ристо Шишков, парадигма за онаа фаза којашто хронолошки ќе уследи, а ќе биде мошне настојчива околу сопствената едукација, разбирајќи ја како единствениот модус низ/преку кој умешноста ќе ја престорува во вистинската уметност; овој напорен процес на себеобмислување ќе функционира така што ќе воспоставува, усвојува и практикува проверен метод на игра, веќе докажан и прославен систем – се разбира, оној на Станиславски; Шишков и неговата актерска генерација методолошки и фактички и припаѓаат имено на таа голема школа/традиција;

Третиот е Ненад Стојановски, синоним на онаа фаза којашто драматично ќе ја наметне не само една поинаква чувствителност, туку и сосема поинакво разбирање на театарот (како уметност, ама и како медиј) – оваа етапа/фаза ќе ја афирмира таканаречената имагинативна глума, онаа што американскиот педагог и режисер Мајкл Чеков ја опишува како способност/кадарност да се замисли (а не да се доживее/преживее) она што и треба да се одигра.

Легендите за еден актер што записите (критички и други) безмалку до денешен ден не научија да го дескрибираат/ толкуваат освен како „вонредно талентиран“, „високо креативен“, „мошне интересен“, „експресивен“, „робустен“, „маестрален“, „врвен“, „вонреден“, „голем“, „генијален“, „фантастичен“… а најмногу му прилега епитетот “великан на македонското гледалиште”.

Во една од оние алегориски опсервации коишто се осмелија да отидат најдалеку, ќе се најде и квалификативот кој ги надминува сите останати: според неговиот автор, Шишков е „водоскок на сцената“!

Неговата важна естетичка позиција во историјата на македонсакиот театар, филм и македонската култура воопшто, како и сите легенди, и овие – актулени – за и околу Шишков ги имаат своите поттикнувачи, поддржувачи и чувари, што е сосема разбирливо, и убаво. Шишков – великанот на македонското глумиште тешко дека ќе им е доволна сама-по-себе.

За да го протолкуваме Шишков онака како што треба – а треба да го толкуваме како великан на македонското глумиште, но и како протагонист на една од трите клучни фази во неговиот развиток, бидејќи тој и е токму тоа – треба да се потпреме на онаа клучна истражувачка метода врз којашто е втемелена театролошката наука „како таква“, метода на реконструкција. Имено, за да разбереме ЗОШТО Шишков треба да го разбираме како еден од најважните македонски актери, протагонист на една од трите клучни фази во развитокот на македонската глума и великан на македонското глумиште, треба внимателно да го реконструираме контекстот во кој тој агира не само во текот на оние веќе двапати спомнувани најпродуктивни години од неговата кариера (1966-1979), туку и севкупниот контекст на неговата граѓанска и уметничка биографија.

На 23 март 1940.- Во селото Мрсна, кај Серез, Егејска Македонија, е роден Ристо Шишков, македонски драмски, филмски и телевизиски актер. Својата љубов кон театарската уметност почна да ја манифестира уште во училишните клупи во Струмица. Академија за театар заврши во Белград, во 1963 година. Постојан член на Македонскиот народен театар стана од 1964 година. Во децениското живеење на оваа сцена, тој оствари многу ликови. Освен на театарската сцена играше речиси и во дваесеттина македонски играни филмови („Републиката во пламен“, „До победата и по неа“, „Црно семе“, „Жед“, „Истрел“, „Црвениот коњ“ и во други филмови).

Татко му Васил и најстариот вујко биле мразени од Грците и лежеле 4 години затвор на Крит. Во 1942 година Ристо ја доживува трагичката судбина на децата бегалци. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој се школува.

Ристо Шишков во 1979 е обвинет за навреда на српски и хрватски артисти, исто како и навреда на Тито. Во 1980 е осуден и заминува во затвор. По боледување умира на 17 јуни 1986 година во Скопје.

Театарот, кога најмногу беше потребен

Едуциран според принципите на театарската школа на Станиславски, односно според онаа варијанта на таа школа каква што се практикуваше (како метод) на тогашната белградска Академија, Шишков темелно ги совладал нејзините два најсуштествени методолошки посулата: актерско/творечко самопочитување и фамозниот процес на преживување.

Неспорно талентиран и неспорно одлично подготвен за својата идна мисија, Шишков најпрво чиракувал во реномираниот театар каков што е Југословенско драмско позориште. Во раните шеесетти години овој театар се уште важел за репрезентативна институција во која има место само за најдобрите. Несомнено е дека Шишков е еден од нив.

Во текот на својата 26-годишна професионална кариера, Ристо Шишков играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, “Води”, неговата ролја е преснимена), пет телевизиски драми и три телевизиски серии, додека бројот на радиодрамите не може да се утврди, заради непостоечка документација. Безмалку половина од сите ролји што ги одиграл се главни, околу четвртина се насловни: Иванов, Дон Цезар, Мезгрејв, Хелдерлин, Леоне Глембај, Питу Гули, Гоце Делчев…

Добитник е на две филмски награди – и двете на Фестивалот на актерски остварувања во Ниш, за филмовите “Планината на гневот” (1967 година) и “Најдолгиот пат” (1976 година) и на само една театарска награда на МТФ “Војдан Чернодрински” во Прилеп (1977 година) за улогата во претставата “Крчма под зеленото дрво”. Него го познаваат како маркантна физичка појава со нагласена присутност не само на театарската сцена, туку и во секојдневниот јавен живот, со “општомедиумска слава”, екстровертна личност со “бујна” природа…..

Прославениот македонски актер Ристо Шишков живееше и создаваше кратко време. Тој почина на 46-годишна возраст кога го достигна центарот на своето актерско творештво, кога најмногу можеше да му даде на театарот, кога најмногу беше потребен. Прерано замина од драмската сцена, филмот… Сепак, тој остави впечатливо актерско дело, остварено најмногу на театарската сцена. Зад себе остави брилијантни актерски улоги. Ценејќи ја важноста на делата кои ги остави личноста каква што беше Шишков, градот Струмица стана традиционален домаќин на Фестивалот на камерен театар што со гордост и пиетет го носи името на драмскиот уметник на сите времиња – Ристо Шишков.

Филмографија:

•    1966: До победата и по неа (Главна улога)
•    1967: Каде по дождот (Споредна улога)
•    1967: Македонска крвава свадба (Главна улога)
•    1968: Планината на гневот (Главна улога)
•    1969: Републиката во пламен (Главна улога)
•    1971: Црно семе (Главна улога)
•    1972: Истрел (Главна улога)
•    1975: Јад (Споредна улога)
•    1976: Најдолгиот пат (Главна улога)
•    1981: Црвениот коњ (Главна улога)
•    1984: Нели ти реков (Главна улога)

Песна од Ристо Шишков

Земи ги… очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два… Види повеќе
златни синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја… устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски,
од Грамос и Вичо Планина
роден во време опасно,
време комунистичко.
Комунистиве глава кренаа
и мене в зандана турија
за моја жална
Македонија.
Комунистиве ми даваат
рубата комитска
да се претворам во
Турунџе
да се претворам во Гули
војвода
за да си ладам душава
душава моја изгорена.
Не сум ти јас Турунџе
ниту сум Гули војвода
јас сум си самиот комита-
Ристо Беломорски
Дај ми го….шмајзерот
јас да си одам в планина
там да си најдам дружина
дружина одбор комити.
На Грамос
ќе најдам Делчета
на Пирин ќе најдам
Сандански
на Бигла ќе најдам Јордан
Пиперка.
Дружба да дружам
со комити
дружба да дружам,
бој да си бијам
бој да си бијам со три
ламји со три аждаи
со варварите, татарите и
србоманите
што ми грабнаа убава
девојка,
ја грабнаа и оковаа со три
синџири.
Роб робува убава девојка
роб робува седумдесет
години.
Дај ми ја….сабјата
сабјата дипленица
да си искинам синџири
седумдесетгодишни
да си ослободам девојка
робинка
девојка робинка – лична
Македонија.
Земи ги……..очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
остри синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја……..устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски
од Грамос и Вичо
Планина.

Најново од: Македонски легенди

Бранко Гапо – великан на македонската кинематографија

Бранко Гапо (5 ноември 1931 – 18 ноември 2008) е еден од најзначајните македонски режисери. Со своето богато филмско творештво, како и со работата во театарот, телевизијата и радиото, оставил длабока трага во македонската култура. Роден е како Бранко Ивановски на 5 ноември 1931 година во Тетово. Неговата љубов кон филмот се развила уште во […]

Владо Черноземски – живот меѓу револуционерното подземје и Марсејскиот атентат

Владо Черноземски е роден на 19 октомври 1897 година во селото Каменица, денес дел од Велинград, Бугарија, Владо Черноземски загинал на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Неговото вистинско име било Величко Димитров Керин. Како член на ВМРО, најнапред во времето на Тодор Александров, а потоа во организацијата предводена од Иван Михајлов, останал запаметен […]

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

To top