Историја

Самоопределението на македонците- „Мир“ 7427, 25.3.1925, 1.

Krste-1

Крсте Петков Мисирков

Krste-1Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се’ друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби.

Мојата статија „Македонскиот национализам” објавена во  „Мир“ од 12 овој месец му го предизвикала гневот на „Свободна реч”, којашто ме нарече „еден човек што уште не си ја знае народноста”, со „простачки умувања”, кој „може да пишува нелепости, дури нискости” и е „познат по тоа што некогаш бил во услуга на српската пропаганда” поддржувајќи ја „теоријата на белградскиот професор Цвииќ” за постоењето одделна македонска народност.

Пишаното од „Свободна реч” за мене предизвика голема огорченост против мене од страна на жителите на градот во којшто живеам и дури се најдоа луѓе, кои, без да му мислат многу, тврдеа дека тие знаеле оти јас, како студент, сум ги посетувал собранијата и на бугарските и на српските студенти и затоа сум бидувал најсрамно избркуван од собранијата на првите.

Слични глупости и клевети, какви што се напишаа во „Свободна реч” и се растураа во Карлово, човек можеше да очекува, но тие малку ме вознемируваат, зашто се очевидни за секого што ја има прочитано мојата статија во „Мир“ и којшто го познава моето минато. А такви ќе се најдат не малку во Бугарија. Исто така и за Србите е очевиден клеветничкиот карактер на сето она што се пишува и се зборува на моја адреса во врска со моето становиште по македонското прашање.

Јас многу добро знаев дека ќе бидам нападнат за мојот „Македонски национализам”, дека тој на никаков начин нема да биде отпечатен во „Илинден” и дури не бев уверен дека ќе го отпечати и во „Мир“. При сето тоа ја напишав статијата и ја испратив во Редакцијата на „Мир“. И на другиот ден по нејзиното напечатување „Свободна реч” направи од мене човек што уште не си ја знае народноста.

За жал, „Свободна реч” не можеше да ме одучи од моите „простачки умувања”. Јас пак наоѓам дека Македонија денеска е распокината, дека Грците успеаја да и’ ги земат најдобрите делови, да го испадат оттаму македонското население и да го заменат со азијатски дошлаци што денеска се трупаат покрај српската и бугарската граница, како што едно време византиските императори покрај бугарската граница образувале воени населби од азијатски колонисти – Ерменци и павлиќани.

Наоѓам исто така дека ако Србите и Бугарите не се помират и ако Македонците не бидат впрегнати во доброволна соработка со Бугарите и со Србите за запирањето на грчкиот бран што бавно, но сигурно се движи од југ на север, ние сите: и Србите и Бугарите и Македонците ќе потонеме во несловенското море што од сите страни не опкружува.
Мислам дека само во слогата, во соработката помеѓу Србите, Македонците и Бугарите е спасот на сите нас.

Србите и Бугарите спореа, печалеа Грците и Романците, ја загубија Македонија, Тракија и Добруџа.
Најважниот услов за соработката помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е, полната слобода во самоопределувањето на Македонците.
И ете за последново прашање јас го истакнав принципот на македонскиот патриотизам и национализам, како наполно неутрален и задоволувачки и за Србите и за Бугарите и за Македонците; засега можеби поправилно би било да се рече дека еднакво не ги задоволува ни Србите, ни Бугарите, ниту пак Македонците.

Бидејќи од српско-бугарската несогласност страдаме пред се’ ние, Македонците, наш долг е да го бараме средството и патот за помирувањето. Тоа не’ тера „да не си ја знаеме” до денеска народноста и да им кажеме и на Србите и на Бугарите:
заборавете ја својата великосрпска и великобугарска идеја, откажете се да ни го натрапувате вашиот национализам и патриотизам, во основата на кој лежи претпочитувањето на вашите интереси пред нашите. Дајте ни да си имаме свои разбирања за нашите односи спрема вас и спрема вашиот спор за нас и за нашата татковина, како и за средствата со кои ќе се дојде до општо јужнословенско добрување. Дајте ни да си имаме свои, македонски национални чувства и да создаваме македонска култура, како што сме го правеле тоа со векови и кога нашата татковина не влегувала во една држава со вашата.
Како Македонци, ние ќе бидиме пополезни и на Македонија, и на Бугарија, и на Србија, воопшто на целото јужно словенство, отколку како Бугари или Срби.

Како Бугарин јас одамна би рекол: Каква ти Македонија! И тука ми е добро, нема зошто да мислам за она што е веќе загубено. Но како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како на туѓина, каде што навистина се наоѓам меѓу родни браќа, но не сум си дома, во својата татковина. Таа е таму, каде што сум се родил и каде што јас треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично.

Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се’ друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но се треба да биде оценувано од македонско гледиште.

Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам, изјаснет преку „простачките умувања на еден човек што уште не си ја знае народноста“.

Но ние не сме егоисти. Ние не мислиме само за себеси. Ние сме готови да им услужиме и на Србите и на Бугарите, под услов услугата да ни биде доброволна, а не изнудена.
Знаат ли Србите со што ќе им услужиме: ние сите ќе изумреме , но нема да дозволиме грчка нога да ги пречекори денешните граници на српска и бугарска Македонија. Но тоа ќе го направиме ние како Македонци, но не и како Срби.

Со Грците ние ќе се бориме, зашто се единствените наши вековни историски непријатели. Целата наша македонска национална историја е полна со борби против Грците.

Борба со Бугари и со Срби не познава македонската историја: Бугарите и Србите ги почитуваа националните права на Македонците во средните векови и само Грците ни го убиваа националниот дух и не’ денационализираа. Тие и денеска не’ гонат од родните пепелишта и следствено не’ потсетуваат за нашиот стар историски долг да ги изгониме неканетите гости од нашите дедовски, предедовски земји.

Тоа е македонското национално чувство, тоа е историскиот позив на Македонецот што може да го исполни само како слободен и рамноправен граѓанин на Југославија, на когошто му е дозволено да мисли, да чувствува, да зборува и да дејствува како Македонец.

К. Мисирков: Самоопределение на македонците, „Мир“ 7427, 25.3.1925, 1.

Најново од: Историја

На денешен ден, 27 ноември 1919 година – Потпишан Нејскиот мировен договор, потврдена поделбата на Македонија

На 27 ноември 1919 година, во Неј на Сена, во близина на Париз, бил потпишан Нејскиот мировен договор меѓу Бугарија и силите победнички во Првата светска војна. Со овој договор, во голема мера била потврдена територијалната поделба на Македонија, воспоставена со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година. Македонија повторно била предмет на меѓународни договори, […]

На 26 ноември 1904 година – Крвавата свадба во Зеленич, Леринско, Егејска Македонија

На 26 ноември 1904 година (13 ноември по стариот календар), во селото Зеленич, Леринско, во Егејска Македонија, се случил еден од трагичните настани во македонската историја, познат како „Крвавата зеленичка свадба“. Зеленич пред нападот Во 1904 година Македонија сè уште била под османлиска власт. По задушувањето на Илинденското востание, грчките андартски чети го засилиле своето […]

Ристо Никовски: Македонска небиднина

(септември 2021 година) Поминаа веќе 30 години откако се распадна југословенската федерација и Македонија стана самостојна држава. Иако тогашните македонски лидери не беа воопшто подготвени за независност, а распадот беше повеќе од очигледен, имавме многу повеќе среќа отколку знаење и умеење, зашто не бевме вклучени во војните кои следуваа. Гледано од денешен аспект, нашата среќа […]

АНТИМАКЕДОНИЗМОТ И „НАТРАПНИКОТ“

Војната во името на културата е војна против националниот идентитет Војната во име на културата претставува војна против националниот идентитет. Таа често се користи како изговор за владеење и наметнување доминација врз други народи, кои се прогласуваат за „некултурни“, „предавнички“ или „заблудени“. Таквите војни можат да се водат со оружје, но и преку политички, културни […]

Спорот за името (1913–2026)

Поделбата на Македонија во 1913 година претставува важен дел од историската заднина на спорот за името, кој се отвори по осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година. Со Букурешкиот договор биле утврдени новите граници меѓу балканските држави по Втората балканска војна. Осум децении подоцна, употребата на името Македонија станала предмет на долгогодишен дипломатски спор со […]

ОБРАЌАЊЕ НА МАЛЕШЕВСКИТЕ ВОСТАНИЦИ ДО АНГЛИСКИОТ КОНЗУЛ ВО СОЛУН, 24 НОЕМВРИ 1878 ГОДИНА

Извор на документот: Документот е преземен од Фејсбук-профилот на Гоце Панговски. Историски документ: Протест на македонското население од Малешево против одлуките на Берлинскиот конгрес На 24 ноември 1878 година, населението од Малешевскиот крај упатило обраќање до генералниот англиски конзул во Солун, во кое ги изнесува своите страдања под османлиската власт и протестира против одлуките на […]

Кузман Шапкарев: Ние сме Македонци, а не Бугари! (1870)

На 30 ноември 1870 година, бугарскиот весник „Право“, кој излегувал во Цариград, објавил полемички текст за дејноста на охридскиот учител Кузман Шапкарев. Во написот весникот го обвинува Шапкарев дека се спротивставувал на употребата на книги напишани на бугарски јазик. Преку тие обвинувања, написот сведочи дека уште тогаш во печатот се расправало за посебноста на македонскиот […]

Како Александар Македонски го освоил Сур и го променил неговиот брег

Александар Македонски го напаѓа Тир (денешен Сур) од море. Гравура на Антонио Темпеста од 1608 година, Музеј „Метрополитен“, Њујорк. Сур е денешното арапско име на античкиот Тир, град во Либан. Со латиница често се пишува „Sour“. Во 332 година пр. н. е., војската на Александар Македонски се нашла пред утврден феникиски град чии ѕидини ги […]

To top