Култура и туризам

Манастирски комплекс Партениј Зографски – Дојран

dojran8

Дојран во последното десетлетие од XX век го привлекуваше вниманието на јавноста со проблемот на изумирањето на Дојранското езеро. Туристите сe` помалку беа присутни во сезоната. Посетителите – само минувачи на граничниот премин со соседна Грција – брзаа кон некоја друга дестинација. Ловот на риби со корморани, карактеристичен за традицијата на риболовот на ова мало езеро, изумира исто така. Жителите – загрижени… Над пределот крај брегот на Стар Дојран доминираат контурите на полуразурнатата соборна црква посветена на Св. Илија.

dojran8Животот доаѓа од Изворот на Животот. Возобновувањето започна со првата архиерејска литургија на Струмичкиот митрополит Наум, под отворено небо, на 2 август 2000 година, во полуразурнатиот соборен храм на Св. Илија, којшто сега веќе е во фаза на ревитализација. Некогаш во непосредна близина на оваа најголема црква во Македонија се наоѓаше резиденцијата на првиот македонски Полјански епископ од 1767 година наваму– Партениј Зографски.

Утрото на 28 октомври 1859 година, во патријаршиската црква во Цариград се изврши хиротонијата на архимандритот Партениј за епископ на Полјанската епархија. Дотогашниот монах на Зографскиот светогорски манастир и учител на руското царско семејство, богословски сестрано високо образуван, беше хиротонисан од солунскиот митрополит Неофит. Од тој момент се отвора нова страница во историјата на Светата Црква во оваа епархија. За првпат месното македонско население во Дојран (грч. Полин, Поленин, Полјанин) и пошироко, присуствува на богослужби на својот мајчин јазик. Преку реорганизирањето на црковната администрација и на училишната мрежа на просторот на Полјанската епархија и воопшто во Македонија, новоназначениот епископ Партениј Зографски (Полјански) безрезервно се става во служба на својот вековно поробен и намачен народ, борејќи се за воведување на црковно-словенскиот јазик во богослужбите и на македонскиот народен јазик во училиштата. Ги помага сиромашните, згрижувајќи ги вдовиците и сирачињата. Насекаде почитуван и сакан од своите духовни чеда и верниот народ. “…Со евангелска смиреност и трпеливост и со апостолска тврдост и доследност, грижливо и ревносно се залагал за доброто на својот род… И, што е многу значајно, отец Партениј, како духовен пастир се залагал сето негово стадо да има една душа и едно тело“.

Преродбенската дејност на владиката Партениј мошне внимателно била следена од претставниците на Цариградската Патријаршија. Така, кога епископот Партениј станал „душа“ на целата Полјанска епархија, против него започнале нападите и заканите. Солунскиот митрополит Неофит, во летото 1861 година, го свикал Синодот на којшто во документ – обвинение со 22 точки, бил сосема неосновано обвинет епископот Партениј, за антипатријаршиска дејност. Сeпак, плашејќи се од руската дипломатија, а со намера да угоди на барањето на рускиот амбасадор Лобанов, Патријаршијата била принудена да испрати комисија во Полјанската епархија, за да го испита „случајот Партениј“. По извршената истрага тричлената патријаршиска комисија констатирала дека епископот Партениј не е виновен, туку напротив, дека совесно ја вршел својата должност. Сепак, на г. Партениј не му било допуштено веднаш да се врати во својата епархија, во која, особено во Дојран, каде што се наоѓала и неговата епископска резиденција, бил желно очекуван од своите духовни чеда. Во септември 1867 година, за да ја задоволи намерата на митрополитот Неофит за поставување на злогласниот Мелетиј за Полјански епископ и за сосем да го отстрани од неговата епархија, Светиот Синод на Цариградската Патријаршија му понудил на Партениј Зографски митрополитско место во Нишавската епархија.

Но искушенијата не го одбегнале ниту на новата должност, бидејќи сесрдно се залагал за македонското прашање. При новосоздадените околности и од причини на кревкото здравје, г. Паретниј на 17 октомври 1874 година бил принуден самиот да поднесе оставка на функцијата митрополит на Нишавската епархија и да замине во Цариград. Во претсмртниот час, на своите најблиски соработници им рекол: „Настапува крајот на страдањата на нашиот народ. Бидете бодри и бестрашни. Бог е велик и ќе нареди се` да биде добро. И Исус Христос, нашиот Спасител, требаше да мине низ Голгота, за да дојде Воскресението. Така и нашиот народ по толкуте маки и страдања што ги истрпел и се` уште продолжува да ги трпи, ќе ја види својата слобода и блаженство“.

Ноќта меѓу 19 и 20 фебруари 1876 година, на денот на Св. Партениј Лампсакиски, се упокои во Цариград, каде што и денес се наоѓа неговиот гроб во дворот на словенската православна црква на Св. Стефан.

Митрополитот Партениј Зографски ќе биде запаметен како македонски светогорски монах од манастирот Зограф, еден од најобразуваните Македонци во XIX век и еден од најголемите ерудити на Балканот воопшто во тоа време, прв македонски епископ хиротонисан од Патријаршијата, преродбеник, поборник за воведување на црковно-словенскиот јазик во богослужбите, учебникар, писател и учител којшто го воведе македонскиот народен јазик во училиштата, проповедник и духовник. Неговото дело е богато и значајно и од културен и од духовен аспект, бидејќи придонесе за црковно-духовно и просветно-културно осознавање на македонскиот народ како посебно словенско јадро.

Од животот во манастирот

Во почетокот на 2001 година од манастирот во Велјуса, тука, во Стар Дојран, дојдоа првите две монахињи. Во близина на некогашната (денес непостоечка) епископска резиденција на Партениј Зографски, сега постои манастирскиот комплекс посветен на неговиот спомен. Старешина на манастирот е сестра Февронија. Сестринството е мало и типикот на манастирот е од затворен карактер. Тоа значи дека посетителите можат да го посетат манастирот на Света Марија Магдалена во чијшто склоп е новоизградената црква посветена на Руските новомаченици – царското семејство Романови (една генерација пред тоа учител на царското семејство бил Партениј Зографски), додека конаците и малата црквичка посветена на Св. Максим Исповедник и на Св. Григориј Палама спаѓаат во монашкиот затворен простор. На тој начин, во едно туристичко место какво што е Стар Дојран, меѓу викенд-куќите и гласните посетители, монахињите успеваат да го сочуваат монашкиот мир, неопходен за животот во еден исихастирион како што е овој.

Иконописот и плетењето бројанички, како и изработката на мали и уникатни монашки ракоделија е главното послушание меѓу часовите за молитвено тихување и богослужбите. Со возобновувањето на евхаристискиот живот во манастирскиот комплекс на Свети Партениј Зографски во Стар Дојран се врати водата во езерото и животот во гратчето.

Најново од: Култура и туризам

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Промоција на „Раскинување на договорот“ во „Матица македонска“ – Сотирис Минас, Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Во присуство на бројна публика, на 19 септември во книжарницата „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана двојазичната поетска збирка „Раскинување на договорот“ на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – автор кој нема македонско потекло, но сам го научил македонскиот јазик и преку своето творештво отворено проговори за Македонија, македонскиот јазик, идентитетот и правото на […]

Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор

Дали на Пеленица над Драчево навистина постоел манастир со необичното име „Свети Ерусалим“? Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор. Документите го потврдуваат името „Свети Ерусалим“, додека археолошките наоди сведочат дека Пеленица била значајно христијанско место уште во доцната антика. На само неколку километри над […]

To top