|
||||
| Во чест на Бадник веселба на гостиварскиот плоштад |
![]() Tрадицијално во чест на Бадник во Гостивар се одржа богослужба во црквата „Св.Богородица“, а потоа беше запален бадниковиот огaн и спектакуларно- како никогаш досега- беше организиран огномет. Неколку илјади гостиварци и жители на околните селски населби, во соборниот храма „Св. Богородица“ присуствуваа на вечерната богослужба. Потоа, кумовите на верниците им делеја ,,греана ракија”, сокчиња, варени костени и осветени дабови гранчиња. Гостиварскиот плоштад беше претесен да ги собере сите верници. Река на народ вчеравечер се влеваше во Соборниот храм „Св. Богородица“ Откако ќе се помолеа, ќе запалеа свеќа, излегуваа да им отстапат место на другите верници, огнометот и палењето на бадниковиот оган го следеа од пред црквата, од градскиот плоштад. Во пресрет на Божик во сите населени места во Македонија се одржуваат народни собири со палење бадникарски огнови.Вчеравечер, на Бадник, семејствата беа собрани на заедничка вечера. На богата трпеза беа поставени посни јадења, грав, сарми, пинџур, костени, ореви, јаболка ...трпезата да биде богата, со симболика така да биде целата година. Се меси погача, а во некои места зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови- колку што има членови во семејството, оставајќи уште и дел за Бога и дел за куќата. Благодарение на вековната традиција на нашиот народ со огновите и песните коледарски, всушност и ние им се придружуваме на необичната ѕвезда над Витлеем и на ангелскиот хор, на пастирите и на мудреците кои беа први учесници во радоста и први гласниците за новородениот богомладенец.Денес и во храмот „Света Богородица“ во Гостивар со почеток во 8.30 часот ќе биде служена Утрена со Света Архиерејска литургија, со која ке чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство митрополитот г. Кирил, надлежен архиереј на Полошко -кумановска епархија на МПЦ. Православните христијански верници во Македонија денеска го слават Рождество Христово – Божик со богослужби во сите храмови. Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера. Македонскиот православен народ, знае да прославува и да дарува во име на својата прадедовска вера. Да го поминеме Божик, богољубиво и човековољубиво, да празнуваме како народ кој го љуби Бога и кој го сака ближниот. – Да даде бог мир и љубов меѓу нашиот народ, повеќе рожби во семејствата, род во полето, повеќе работа и повеќе радост и добра волја меѓу сите луѓе. Христос се роди! Вистина се роди! Македонска нација |




Во пресрет на Божик во сите населени места во Македонија се одржуваат народни собири со палење бадникарски огнови.
Благодарение на вековната традиција на нашиот народ со огновите и песните коледарски, всушност и ние им се придружуваме на необичната ѕвезда над Витлеем и на ангелскиот хор, на пастирите и на мудреците кои беа први учесници во радоста и први гласниците за новородениот богомладенец.
















