|
||||
Промоција на нов албум и хуманитарен концерт во чест на Тоше и 29 години од неговото раѓање |
Во пресрет на роденденот на големата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески, вечер ќе биде промовиран новиот албум со негови композиции „Се уште сонувам дека сме заедно“, а утревечер во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи хуманитарен концерт под мотото „Со хуманост кон светлината“. На концертот покрај останатото, ќе бидат исполнети осум песни кои Тоше ги компонирал, а ќе ги отпеат неговите пријатели - Тони Цетински, Борис Новковиќ, Нина Бадриќ, Аки Ракимовски, Елена Ристевска, Калиопи, Јелена Томашевиќ и Бојан Маровиќ, а присутните ќе имаат можност да ја слушнат и премиерната изведба на песната „Се уште сонувам дека сме заедно“ во српска верзија оргинално напишана на српски јазик „Још увјек сањам да смо заједно“, која тој ја смимил во летото 2007 година, а ја напишал композиторот Мирослав Рус. Ќе бидат промовирани и видео изданијата за песните „Guilty“ и „Forever in a Day“ од англискиот албум „The hardest thing“. Концертот е во организација на Фондацијата „Тоше Проески“, под покровителство на Владата и Министерството за култура, а со цел собирање средства за остварување на уште еден голем сон на Тоше поврзан со неговиот духовен дом во Крушево, односно осветлување на манастирот „Свето Преображение“, каде тој го наоѓаше својот мир. ЕВН Македонија со донација за електрификација се вклучува во напорите за добивање светлина во манастирот. Владата и Министерството за култура реализираа неколку проекти во чест на македонската легенда. По изградбата на манастирот „Свето Преображение“ беше пуштен во употреба патот до него. Во тек е изградба на Спомен-домот на Тоше Проески во Крушево, чија промоција се очекува во текот на 2010 година. Во близина на манастирот „Свето Преображение“ се најавува и изградба на крст во висина од околу 33 метри, симболично, според годините на Исус. Ова е втор хуманитарен концерт посветен на Тоше. На 5 октомври 2008 година, една година откако тој последен пат настапи пред домашната публика, околу 30.000 луѓе од Македонија и регионот се собраа на Градскиот стадион да и оддадат почит на македонската икона, несебично да донираат средства и да му ја исполнат желбата - со помош на светилки да го оформат „ѕвезденото небо“ кое толку многу го сакаше. По повод роденденот на Тоше Проески, денеска во спортската сала Форца-Мобимак во Скопје ќе се одржи турнир во мал фудбал и пригодна културна програма насловена „Остани како светлина“. Во рамки на програмата ќе биде промовирана и книгата поезија на влашки јазик „Остани како Светлина“ од Ванѓа Михањ-Стерју, посветена на Тоше Проески и Кристина Костова, првата претседателка на невладината организација „Совет на млади Власи од Македонија“. Во пресрет на роденденот синоќа во Скопје беше промовиран новиот албум со негови композиции „Се уште сонувам дека сме заедно“. Содржи девет композиици од кои за осум музиката ја потпишал Проески. Тоше ја пее песната по која е насловен албумот и која досега не е објавена, а изведувачи на останатите осум композии се Елена Ристеска, Бојан Маровиќ, Борис Новковиќ, Тони Цетински, Јелена Томашевиќ, Калиопи, Нина Бадриќ и Аки Рахимовски. На 25 јануари ќе се одбележат 29 години од раѓањето на македонската легенда. Непреболената ѕвезда со славејски глас е родена во Крушево. Основното училиште завршува во „Никола Карев“ во родниот град, а љубовта кон музиката го носи во клупите на средното музичко училиште во Битола, па подоцна на Факултетот за музички уметности во Скопје. Публиката од целиот свет веднаш ја препозна ѕвездата во него. Патот кон славата го започна во Прилеп со победата на тинејџерскиот фестивал „Мелфест“ и со дебито на штипскиот „Макфест“ со песната „Пушти ме“. Првиот концерт Тоше го одржа на скопското лизгалиште во 1999 година во јулска вечер на обилен дожд, по што следуваа безброј настапи, хитови, концерти, како и седум албуми се до денот на неговата смрт. Минатата година постхумно беше објавен неговиот осми албум „The hardest thing“ на англиски јазик. Животот на македонскиот ангел згасна на 16 октомври 2007 година. Тоше загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка на пат кон Загреб. Обожаватели од целиот свет постојано го посетуваат неговиот вечен дом на Гумење во Крушево. Редици од луѓе ден и ноќ чекаат да се поклонат на гробот на ѕвездата која имаше љубов за сите и сакаше да го промени светот.... Во чест на македонската икона утре, на денот на неговиот роденден, Републичкиот завод за трансфузиологија организира крводарителска акција. Повод за оваа акција е продолжување на хуманата мисија на Тоше. Од Заводот ги повикуваат граѓаните да се приклучат кон акцијата која почнува во 9 часот. |