|
||||
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ прославува 20 години од формирањето |
ВМРО-ДПМНЕ денеска ја одбележува 20 годишнината од формирањето. Централната прослава на роденденот под мотото „За татковината се работи - 20 години ВМРО-ДПМНЕ“ ќе се одржи вечер во 20 часот во центарот на Скопје.На оваа прослава и претходеа серија настани како промоции, трибини и дебати, во врска со одредени теми поврзани со историјатот на партијата и актуелни настани.ВМРО-ДПМНЕ е основана на 17 јуни 1990 година во Скопје, како наследник на историското ВМРО, кое се залагаше за независна и самостојна Македонија. Новосоздадената партија ВМРО-ДПМНЕ од формирањето се залагаше за одделување на Македонија од југословенската федерација, воскреснувајќи ја идејата за самостојна и суверена македонска држава, за заокружување на македонската државност и за меѓународно признавање. Првиот конгрес на партијата се одржа на 6 и 7 април 1991 година во Прилеп. Мотото на Конгресот беше „Самостојна и независна Македонија - Воскреснување на идејата за самостојност“. За прв претседател на партијата беше избран Љубчо Георгиевски. На 6 и 7 мај 1995 година во Кичево се одржа вториот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, каде партијата ја доби својата идеолошка определба - демохристијанска партија што дејствува десно од центарот. Актуелниот претседател на партијата и премиер Никола Груевски за лидер на ВМРО-ДПМНЕ беше избран на конгресот што се одржа на 24 и 25 мај 2003 година во Охрид. Новоформираната ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу пратенички места - 38 на првите повеќепартиски парламентарни избори во Република Македонија во ноември 1990 година. Поради забелешки за нерегуларности, партијата ги бојкотираше парламентарните избори во 1994. На следните во 1998 година ВМРО-ДПМНЕ победи со освоени 49 места во Собранието и заедно со партанерите од коалицијата „За промени" ја формира Владата што ја предводеше Љубчо Георгиевски. На четвртите парламентарни избори во септември 2002 година ВМРО- ДПМНЕ настапи во коалиција со ЛП и доби 33 пратенички места. Партијата се враќа на власт во 2006 по победата на петтите парламентарни избори. Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освои 44 пратенички мандати. Мандатот за формирање нов владин кабинет му беше даден на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој на 28 август беше избран за претседател на владата. Пратеничкиот состав во Собранието избран во 2006 година функционираше до 12 април 2008 кога парламентраците донесоа одлука да се самораспуштат и да бидат распишани превремени парламентрани избори на 1 јуни. ВМРО-ДПМНЕ повторно ја освои довербата на гласачите, освојувајќи заедно со партнаерите од коалицијата „За подобра Македонија“ 63 места во 120- членото Собрание. Владиниот кабинет повторно го состави Груевски. На вечерашниот митинг кој е заокружување на 50-дневните активности по повод 20-годишнината од ВМРО-ДПМНЕ предвидено е да говори нејзиниот претседател Никола Груевски, како и дел од основачите на партијата. |