|
||||
Членовите на Здружението „Христо Узунов“ од Охрид и годинава пеш до Крушево |
Во рамки на активностите за одбележување на годишнината од Илинденското востание, триесеттина членови на здружението „Христо Узунов” од Охрид, тргнуваат пеш преку Куратица, Дебрца, Илинскиот крај, Брезово за на 2 август да пристигнат на Мечкин Kамен во Крушево, на централната свеченост што ќе се организира по повод националниот празник Илинден. Претседателот на здружението, Никола Шишкоски, истакна дека оваа година маршот ќе има и меѓународен карактер, оттаму што на членовите на „Христо Узунов“ ќе им се придружат и претставници на македонските друштва „Илинден“ од Тирана и „Тоше Проески“ од Качарево кај Панчево. За учесниците на маршот што се организира како дел од одбележувањето на годишнината од Илинденското востание и манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, денеска беше организиран прием од Локалната самоуправа на Охрид, при што градоначалникот Александар Петрески им врачи финансиска поддршка и маички со лого на здружението „Христо Узунов“ и на Градот Охрид. |