|
||||
| Опозицијата мора да биде будна, но не и злонамерна |
|
Во стабилна демократија, политичкиот систем се гради на рамнотежа меѓу власта и опозицијата. Тоа не е борба на непријатели, туку натпревар на идеи, одговорности и визии. Владата управува со државата, опозицијата ја надгледува. Двете страни се должни да работат за граѓаните, а не една против друга особено не против самата држава. Владата, како избрана структура од мнозинството граѓани, има јасен мандат: да предлага и спроведува политики, да води институции, да создава закони и да го унапредува јавниот интерес. Таа мора да биде транспарентна, ефикасна и фокусирана на резултати. Опозицијата не треба да биде деструктивна сила која секој потег на Владата го критикува по автоматизам. Нејзината задача е да биде совест на нацијата, коректив на власта и бранител на институционалната чесност. Во нормален систем, опозицијата предлага подобри решенија, бара отчетност и ги штити граѓаните од можни злоупотреби. Опозицијата не смее да биде против државните интереси, туку чувар на демократијата. За жал, денеска Македонија е сведок на спротивното. Опозицијата предводена од СДС не нуди ништо конструктивно. Тоа е истиот политички субјект кој седум години ја урнисуваше државата: го разгради судството, овозможи на мафијата да се издаваат пасоши, го загрози македонскиот идентитет, и ја претвори државната администрација во приватен имот. И сега, таа иста структура се обидува да зборува за „хаос“ и „неспособност“?, заборавајќи дека хаосот го остави зад себе како наследство. Таквата опозиција нема кредибилитет ниту визија. Ако СДС сака повторно да биде релевантна, таа мора прво да се соочи со сопственото минато, да побара прошка за грешките што ги направија додека беа власт, да се реформира и да понуди нешто ново и искрено во интерес на Македонија. Граѓаните ја избраа Владата предводена од Христијан Мицкоски со јасна порака: време е за обнова. Македонија мора да излезе од пеплосаната состојба оставена од претходната власт и да зачекори на патот на достоинство, економски развој, институционална правда и национален суверенитет. Новата влада има историска одговорност: да ја исчисти администрацијата од партиски паразити, да го врати интегритетот во институциите, да спроведе реформи и да го врати достоинството на граѓаните. Тоа е тешка, но не и невозможна мисија доколку има единство, чесност и јасна визија. Македонија нема потреба од политички кавги, туку од натпревар на проекти, идеи и искреност. Граѓаните сакаат правда, ред, економска стабилност и национално достоинство. И владата и опозицијата мора да се натпреваруваат во тоа кој ќе понуди повеќе за државата, а не кој повеќе ќе краде и напаѓа. Слотени да работиме Македонија да биде горда!
|

























