|
||||
| Кој се плаши Артан Груби да проговори? |
|
Ништо повеќе не е исто како порано, политичката сцена врие, а зад кулисите се слушаат звуци на внатрешна пресметка што со години тлееше под површината. По враќање на Артан Груби во Македонија и одлуката за куќен притвор наместо ефективен притвор отвори дилема во јавноста: дали некој, доколку беше однесен во ефективен затвор, можеби сакал да го „замолчи“ засекогаш, за да не изнесе информации кои јавноста со години сака да ги слушне?. Во политичкиот лавиринт што со години го градеа СДС и ДУИ, Груби не беше маргинален актер. Тој беше дел од јадрото на извршната моќ, присутен во клучни процеси, политички договори, кадровски решенија и меѓупартиски балансирања. Токму затоа денес се поставува суштинското прашање: кој повеќе ќе изгуби ако тој одлучи целосно да соработува со институциите? Од едната страна стои Али Ахмети со кругот поранешни и актуелни функционери на ДУИ, кои во изминатиот период настојуваа да се дистанцираат од контроверзиите и да ја зачуваат партиската кохезија? Од другата страна се Зоран Заев, Венко Филипче и структурите во СДС, кои исто така немаат интерес целокупниот товар од изминатата власт да се врзе исклучиво за нивното име?. Додека Груби беше надвор од директен институционален притисок, тој стана удобна точка на префрлање вина, политички вентил преку кој можеше да се намали притисокот од јавноста. Но, дистанцирањето има граници. Ако „црната кутија“ почне да се отвора, одговорноста повеќе нема да може да се канализира врз една личност или само една партија. Во изминатите години јавноста беше сведок на низа контроверзии што оставија длабоки траги врз довербата во институциите. Дел од нив се во фаза на истрага, а дел останаа во зоната на политички обвинувања и медиумски истражувања: Случајот со Државната лотарија, со обвинувања за криминали, сомнежи за фаворизирање одредени компании и распределбата на профитот. Лиценците за одгледување медицинска марихуана, каде се отворија прашања за критериумите, политичкото влијание и поврзаноста на носителите на дозволи со структури на власта, како и можноста за пуштање во продажба на црниот пазар. Јавните набавки и тендерските постапки, особено во инфраструктурата и здравството, каде дел од медиумите укажуваа на фаворизирање на блиски до тогашната власт фирми. Партиските вработувања во администрацијата, што ја продлабочија перцепцијата дека институциите функционираат според партиска лојалност, а не според мерит-систем. Обвинувањата за злоупотреба на буџетски средства, преку непродуктивни проекти, сомнителни исплати и несоодветна распределба на јавни пари. Скандалите поврзани со Специјално јавно обвинителство (СЈО), кои сериозно го разнишаа кредибилитетот на институцијата, трошоците од буџетот беа енормни, а целта на СЈО беше да биде симбол на правдата и пресметката со корупцијата. Без разлика на правниот епилог, сите овие случаи создадоа перцепција за систем во кој политиката и институциите се длабоко испреплетени. Артан Груби поседува детално познавање на тие процеси, и неговото сведочење може да ја редефинира политичката одговорност од изминатата деценија на структурите на СДС и ДУИ. Стравот е најсилниот мотив во политиката: страв од кривична одговорност и страв од губење влијание. Затоа не е неосновано прашањето: дали некој се обидува Груби да го убеди или заплаши дека молчењето е попаметна опција? Дали постои политички притисок, индиректен, личен и фамилијарен за да не се отвораат чувствителни теми? И ако таков притисок постои, дали доаѓа од редовите на ДУИ и СДС, или од поширок круг на поранешни носители на моќ? Одговорот не е едноставен. Владеењето на СДС и ДУИ беше коалициско, одлуките колективни, а одговорноста политички поделена. Затоа дилемата „кој се плаши повеќе“ не може да има едноставен одговор. Прашањето можеби треба да гласи: кој има повеќе да изгуби ако вистината излезе целосно и без филтер на виделина? Кога ќе почне вистинскиот расплет, многумина ќе мора да одговараат, не само за конкретни одлуки и потписи, туку и за годините молк, компромисите и политичките договори што ја обликуваа државата. И тогаш ќе стане појасно кој навистина се плашел од сведочењето на Артан Груби и дали заканите се обид да се зачува политичката тишина или последен напор да се контролира штетата од една ера што полека се расплетува.
Обвинителството побарало мерката притвор за Артан Груби да биде заменета со куќен притвор. Од Основното јавно обвинителство ваквиот предлог го образложиле со небезбедност на Груби во затворот ‘Шутка’, каде што требало да биде притворен.
Дали правосудството ќе покаже дека се посилни од партиските притисоци и каналите на влијание, или повторно ќе бидеме сведоци на селективна правда, каде одговорноста се концентрира врз поединец, а соучесниците остануваат недопрени? Ова е и вистински тест за правосудството во Македонија!
|




















