|
||||
| Кој има корист кога Македонија се споредува со Иран и Венецуела? Сигурно не Македонија! |
|
Кога политичар како Венко Филипче ќе ја спореди сопствената држава, ако воопшто ја чуствува за своја, со режими како оние во Иран и Венецуела, тоа не е лапсус, тоа е тешка квалификација со сериозни импликации. Да ја ставите Македонија во ист кош со држави што со години се симбол на санкции, изолација и авторитаризам значи свесно да ѝ нанесете штета на нејзината меѓународна позиција и тоа заради дневнополитички поени. Ова не е храбра критика. Ова е опасна реторика. Кога се тврди дека Македонија има „карактеристики како режимите во Иран и Венецуела“, логично е да се постави прашањето: кому му служи ваквата изјава? Дали на граѓаните? Дали на институциите? Или на потребата да се создаде драматичен наратив што ќе ја засени реалната политичка дебата? Ако навистина постојат елементи на авторитаризам, тогаш одговорноста мора да се бара и во периодот кога СДС беше на власт. Седум години со полн мандат и речиси девет со техничката влада не се краток историски инцидент, туку сериозен временски период во кој се поставуваат темели, се градат институции и се дефинира политичката култура. Доколку денес системот наликува на нешто што се нарекува „режим“, тогаш не може да се игнорира фактот дека истите политички структури, предводени од Зоран Заев со активно учество на Филипче, управуваа со клучните државни механизми. Не може да се биде дел од власта речиси една деценија, а потоа да се однесуваш како случаен набљудувач на последиците. Во економијата, Филипче беше дел од владин тим. Денес, кога се зборува за слабости, стагнација или колапс, сосема легитимно е да се праша: каде беше тогаш визијата? Каде беа системските решенија? Политичката одговорност не застарува со промена на фотелјата. Во доменот на владеењето на правото, токму во времето на таа власт функционираше Специјално јавно обвинителство, најавувано како столб на правдата, а заврши во скандали што ја разнишаа довербата во институциите. Тоа искуство покажа колку е тенка линијата меѓу правда и политичка инструментализација. Денес, истите актери зборуваат за „режим“. Оттука произлегува суштинската дилема: дали секоја антикорупциска постапка и секоја истрага автоматски значат авторитаризам? Во демократски систем постојат избори, институционална контрола и механизми за смена на власта. Изедначувањето со држави што со децении функционираат во сосема поинакви политички услови ја релативизира самата тежина на поимот „режим“ и ја девалвира реалната критика таму каде што навистина е потребна. Дополнително, не може да се игнорира тајмингот. Во јавноста се споменуваат можни институционални процеси поврзани со поранешниот вицепремиер Артан Груби. Без да се носат однапред пресуди, легитимно е да се праша дали ваквата радикализација на говорот е обид за дефокусирање на вниманието и креирање нова тема што ќе ја покрие непријатната реалност. Критиката кон власта е неопходна, таа е темел на демократијата, но кога критиката се претвора во етикетирање на сопствената држава како „режим“, без јасни и мерливи аргументи, тогаш станува збор за политичка хипербола со потенцијално штетни последици. Политичарите имаат право да напаѓаат политики. Немаат право да ја дискредитираат државата за да освојат аплауз во партиска сала. Клучното прашање не е дали Македонија личи на Иран или Венецуела. Клучното прашање е зошто некој сака таа да изгледа така во очите на светот. Дали тоа е стратегија за реформа, или стратегија за политички опстанок? Јавноста заслужува аргументи, факти и одговорност. Не заслужува сензационализам што ја слабее позицијата на сопствената држава. И ако некој има корист од ваквите споредби, едно е сигурно, тоа не е Македонија. |





















