|
||||
| Бугарија му забрани влез Тони Менкиноски адвокат за човекови права – аларм од Германија |
|
Реакцијата на Централниот совет на Македонците во Германија по повод десетгодишната забрана за влез што бугарските власти му ја изрекоа на македонскиот адвокат за човекови права Тони Менкиноски отвора сериозни прашања за почитувањето на европските вредности и принципите на владеење на правото. Централниот совет на Македонците во Германија, која ги претставува Македонците во Германија, остро предупредуваат дека ваквата мерка не е само административна одлука, туку опасен сигнал за состојбата со човековите права во рамките на Европската Унија. Менкиноски е адвокат кој со години ги застапува правата на македонското малцинство во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права. Токму затоа, одлуката со која е прогласен за „закана за националната безбедност“ предизвика силни реакции меѓу македонската дијаспора во Европа. Според Централниот совет на Македонците во Германија, ваквата одлука претставува опасен преседан – адвокат кој ги брани правата на своите клиенти пред европски институции да биде санкциониран од држава членка на Европската Унија. Од Берлин предупредуваат дека ова отвора сомнеж дека станува збор за обид да се попречи правната заштита на малцинските права и да се создаде атмосфера на притисок врз оние кои јавно зборуваат за положбата на Македонците во Бугарија. Особено проблематично, според нив, е што една земја членка на Европската Унија, која истовремено е дел од Шенгенскиот простор, користи безбедносни механизми за да ограничи движење на адвокат за човекови права. Ваквите постапки се спротивни на духот на европското право, но и на основните принципи на демократските општества – независноста на адвокатурата, правото на правична правна заштита и слободата на движење во рамките на Европската Унија. Оттаму упатуваат и конкретни барања до европските институции. Тие повикуваат на итна реакција од Европската комисија предводена од Урсула фон дер Лајен, како и на внимателно испитување дали станува збор за злоупотреба на безбедносните механизми за политички цели. Воедно се бара и јасна позиција на германската влада дека мерките насочени против адвокати кои ги застапуваат своите клиенти пред европските судови се недозволиви во рамките на Европската Унија. Централниот совет на Македонците во Германија порачуваат дека прашањето не е само билатерален спор или поединечен случај. Станува збор за принцип. „Доколку една земја членка ги прогласува адвокатите што ги бранат малцинските права за безбедносна закана, тогаш не е доведено во прашање само владеењето на правото во таа држава – туку и кредибилитетот на Европската Унија како заедница на вредности“, предупредуваат од Централниот совет на Македонците во Германија. Токму затоа, тие ги повикуваат европските институции, организациите за човекови права и демократските сили во Европа да не го игнорираат овој случај. Затоа што, како што порачуваат од Берлин, одбраната на човековите права и независноста на адвокатурата мора да останат неприкосновени принципи на Европа – во спротивно, самата идеја за Европа како заедница на вредности ќе биде доведена во прашање, се вели во реакцијата на Централниот совет на Македонците во Германија. |





















