|
||||
| Политика на паника: кога дезинформациите стануваат стратегија на СДС |
|
И цел свет да ги демантира СДС и Венко Филипче за измислиците околу наводни мигранти, очигледно е дека тие немаат намера да се соочат со фактите. Наместо тоа, продолжуваат да ја повторуваат истата приказна, како вистината да може да се замени со доволно гласно повторена дезинформација. Најсвеж пример за тоа беше кампањата во која СДС и нивниот лидер пласираа тврдења дека Македонија наводно ќе стане камп за мигранти од Обединетото Кралство. Со ваквата реторика се обидоа да предизвикаат паника и чувство на несигурност кај граѓаните, создавајќи впечаток дека државата влегува во некаков таен и штетен договор. Но реалноста беше сосема поинаква. Овие тврдења беа јавно и недвосмислено демантирани од релевантните институции во државата, а јасен став стигна и од британската дипломатија. Британските претставници потврдија дека не постои ниту план, ниту договор, ниту било каква намера Македонија да стане центар за мигранти. Дополнително, ваквите шпекулации беа отфрлени и од британскиот амбасадор во земјата, Метју Лосон. Токму во таа насока треба да се гледа и стратешката соработка со Обединетото Кралство. Стратешкиот договор меѓу двете држави претставува важен дипломатски и економски чекор и е еден од највисоките изрази на меѓусебна доверба. Овој договор не е само формален акт на билатерална соработка. Тој ја позиционира Македонија во кругот на интересите на една од највлијателните политички и економски сили во светот и отвора простор за нов инвестициски циклус – особено во клучни сектори како инфраструктурата, транспортот, железницата и здравството. Но наместо ова да биде повод за конструктивна дебата, СДС се обиде да го претвори во уште една политичка манипулација, пласирајќи приказни за „тајни договори“ и скриени агенди. Кога политиката ќе се сведе на фабрикување вести, тогаш граѓаните стануваат алатка во една погрешна стратегија. Можеби токму затоа довербата во СДС континуирано опаѓа. Политиката на паника, шпекулации и свесно пласирани дезинформации има краток рок на траење. Граѓаните препознаваат кога некој се обидува да создаде страв таму каде што нема причина за тоа. Но вистинската „миграција“ што се случи во македонската политика нема никаква врска со бегалци или со странски договори. Таа се случи во самото гласачко тело на СДС. Илјадници нивни поранешни поддржувачи ја напуштија партијата и се префрлија кон други политички опции, разочарани од политиките, од скандалите и од начинот на кој се водеше државата во нивниот мандат. Токму таа политичка миграција е причината поради која СДС денес е сведена на околу 100.000 гласови. И колку повеќе партијата се обидува да создава паника со измислени приказни, толку повеќе ја потврдува причината зошто довербата на граѓаните драстично опадна. А кога една партија наместо со факти се бори со фабрикувани наративи, тогаш вината не треба да ја бара во демантите од целиот свет – туку во сопствената политика. МН |





















