|
||||
Православните верници го слават Св. Трифун, католиците Св.Валентин |
Православните верници денеска го прославуваат Св. Трифун - заштитникот на лозјата и овошките. Лозарите традиционално го одбележуваат овој празник, надевајќи се дека светецот ќе им помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино. На овој ден се попрскуваат лозјата со светена вода и се поткаструваат се уште незапупените гранчиња со што се верува дека Св. Трифун ќе го заштити родот од разни болести, штетници и од невреме. По тој повод претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе ја посети винаријата „Визба“ во Валандово и на плантажата „Пирава“ ќе учествува во симболичното закројување на виновата лоза и одбележувањето на Денот на лозарите и винарите. Претседателот Иванов ќе биде придружуван од претставници на дипломатскиот кор, а на настанот ќе присуствува и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски. Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за финансии Зоран Ставрески ќе ја посети општина Неготино. Предвидено е Ставрески да го посети Саемот на вино и да учествува во закројувањето лозје на Градскиот плоштад во Неготино. Министерот за економија Фатмир Бесими во Демир Капија ќе присуствува на прославата на денот на лозарите и винарите. Во Домот на културата министерот Бесими ќе присуствува на доделувањето признанија на поединци и институции за посебни заслуги за развој на лозарството и винарството. На овој ден, пак, католичките верници го слават Св. Валентин - Денот на вљубените, празник што станува се популарен и кај нас. Вљубените си разменуваат љубовни пораки, си подаруваат цвеќе, чоколади, кадифени мечиња и подароци во облик на срце, а излозите на продавниците се украсени со најразлични подароци во црвена боја. По повод празниците Св. Трифун и Св. Валентин денеска општина Центар организира настан „Опиени од љубов, музика и вино“. Во Кавадарци пак ќе биде отворена изложба на ракотворби, фотографии и постери со мотиви од Св, Трифун. |