|
||||
Орден „8 Септември“ за Никола Кљусев |
Претседателот Ѓорге Иванов денеска постхумно му додели орден 8 Септември на академик Никола Кљусев, премиер на првата демократски избрана Влада на независна Република Македонија од 1991 до 1992 година.
Орденот му е доделен за придонесот во трасирањето на патот на самостојната македонска држава, реализирајќи ја волјата на македонските граѓани непосредно изразена на референдумот за независност на 8 септември. Доделувањето на орденот се совпаѓа со одбележувањето 20 години од изборот на првата експертска влада на РМ. - Остварувањето на државноста не беше лесен процес. Тој бараше храброст, волја и решителност. Благодарение на лидерството на Никола Кљусев се поставија темелите и столбовите на независна Македонија. Се создаде македонска национална валута, македонска полиција, македонска армија. Во премрежните мигови, кога низ бившата југословенска федерација се разгоруваше воен конфликт, Македонија успеа да ја оствари својата независност и територијална сувереност издејствувајќи мирољубиво повлекување на тогашната југословенска армија, нешто што не беше случај во другите републики, рече претседателот Иванов во говорот по повод одликувањето на Кљусев. Тој истакна дека Орденот 8 Септември е можност да се заблагодариме на една од најзначајните личности од поновата македонска историја, за сиот негов придонес во градењето и афирмирањето на Република Македонија како демократска, суверена и независна држава. - Она за што Никола Кљусев го посвети својот живот, веќе 20 години е реалност. Но, нашиот пат не застанува тука. Она што го започнаа Никола Кљусев и плејадата негови современици, мора да биде достојно продолжено. На нашите граѓани мораме да им обезбедиме просперитет и напредок. Иднината на Македонија е во целосната интеграција во евроатлантските структури, што ќе го гарантира нашиот просперитет и ќе го забрза економскиот развој. И покрај блокадите и непринципиелните опструкции на тој пат, ве уверувам дека ќе истраеме и ќе ја оствариме целта, додаде шефот на државата, кој во присуство на голем број гости, членови на тогашната и актуелната Влада и на семејството на Никола Кљусев, високото одликување му го врачи на неговиот син Људмил Кљусев. Тој се заблагодари за наградата и рече дека го радува фактот што се продолжува делото на неговиот татко и се оди по патот што тој го зацртал. Се присети на првите години кога, како што рече, се градел костурот на македонското државно уредување. Обраќајќи им се на присутните министри од преодната Влада, истакна дека тие како членови на реформаторската Влада ја направиле македонската Перестројка. - Вие го донесовте македонскиот Устав, вие ги покажавте македонските пари, вие излеговте надвор на 8 Септември во Скопје, се разбира со него, ја пеевте македонската химна, го отворивте шампанското. Во деновите на тогашна Македонија, кога над нас стоеше федералната влада на тогашна Југославија, не му беше лесно на Кљусев да и каже не и збогум на армијата. Тој, заедно со неговиот сограѓанин и другар од детството, министерот за внатрешни работи Јордан Мијалков, влетаа во касарните на тогашна ЈНА, ја одзедоа документацијата и ги повикаа македонските синови да се борат за Македонија. За тоа требаат храбри мажи..., рече Људмил Кљусев, кој зборуваше и за ангажманот на неговиот татко како министер за одбрана и за неговите заложби на економски план. - Јас се надевам, како што неодамна на конгресот во Битола говореше премиерот, дека вие ќе го продолжите тој пат, а вие тоа и го правите, додаде Људмил Кљусев.
|