Дијаспора

Од историското минато на печалбарското Љубојно

slave-katin-2

slave-katin-2
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
www.slavekatin.com

Љубојно е едно од најкарактеристичните места во Преспа и пошироко. Долго време претставуваше општински, образовен, културен и здравствен центар за Долна Преспа и пошироко. Тоа е едно од најубавите села кое пленува со своите архитектонски градби, со стилот на старите куќи, сокаците и дворовите, како и со иновациите во начинот на живеење што бројните печалбари ги пренеле од светот во својот роден крај.

Тоа, како и многу македонски села, е село од збиен тип; со тесни калдрмисани улици, стари македонски куќи изѕидани со камен и на кои се впечатливи пространи балкони, како и со дворови заградени со авлии што се резултат на пограничната местоположба.

Селото Љубојно за првпат се споменува во еден запис на Сливничкиот манастир во 1607 година како поголема македонска населба. Затоа со право се вели дека ова е село со долга и бурна историја. Сведоци на таа македонска историја се низа оставнини како што се нивните стари куќи, бројните македонски православни цркви и манастири и други објекти кои ја чуваат вистината и тајната за Љубојно, за љубанци, за Долна Преспа, за Македонија и за целиот македонски народ.

Во Македонија, покрај другите поголеми села, секако е и Љубојно. Тоа е дел од вистината за Македонија, за печалбарството, за минатото, за сегашноста и за иднината. Љубојно се наоѓа во Долна Преспа, во пазувите на Баба Планина недалеку од Преспанското Езеро, на македонска земја, а само неколку километри северно од границата на истата земја меѓу Република Македонија и јужниот сосед, на местото викано „Маркова Нога“. Љубојно има рамничарско-ридска положба, се наоѓа на надморска височина од околу 920 метри и зафаќа простор од околу 13 километри квадратни. Љубојно е оддалечено околу 28 километри од општинскиот центар Ресен, а по шеесетина километри од Битола и од Охрид.

ljubojno1
Дел од центарот на Љубојно

Според народните преданија, Љубојно своето име го добило од најубавиот збор љубов. Поточно, многу одамна се вљубиле момче и девојка,  кои живееле во две соседни населби. Поради лошите меѓусоседски односи на жителите од населбите, младите не смееле да се земат. Меѓутоа, тие сепак одлучиле да се земат и заедно да побегнат. Се доселиле во близината на реката и тука останале среќно да си живеат. Подоцна, кај тоа место на вљубените, се доселиле други семејства и, поради тоа, населбата ја  нарекле Љубојно.

Според друга легенда, во далечните години на XIV век, во Љубојно имало некоја меанџика по име Љуба. Кога оделе муштериите во меаната, таа им точела добро вино. Од толку што било добро виното, муштериите го нарекле „Љубо – вино”. И по тие зборови населбата ја нарекле Љубојно.      

Веројатно, легендите се само прераскажување на постарите од овој крај. Но, вистина е дека Љубојно, односно жителите од овој преспански крај поседуваат љубов; љубов кон родниот крај, кон татковината, кон природата и кон убавото. Според кажувањата на постарите, таму секогаш живееле вредни и честити Македонци кои фанатизирано ја бранеле и ја чувале верата и нацијата, обичаите и традициите.

За време на Илинденското востание, селото било запалено и до темел изгорено. Сведоци на таа македонска трагедија се старите куќи, изградени на постојните темели што љубоморно ја чуваат вистината за трагедијата на Љубојно, на љубојничани и на целиот македонски народ.

Меѓутоа, местото и улогата на Љубојно и на љубанци се значајни уште пред Илинденското востание. Од Љубојно имало дваесетина комити, предводени од четирите истакнати љубански војводи и тоа: Кире Кондов, Ефтин Лембов, Ристо Томулев и Јонче Стасовски, при што значајна улога одиграл и љубанскиот поп Ристо Попов. Еден од првите членови на Националниот комитет за ослободување од ропството, штипјанецот Славејко Арсов од 1901 година кога се одвивале подготовките за почеток на востанието, па сѐ до завршувањето на востанието, честопати бил присутен во Љубојно, организирајќи револуционерни комитети. За тогашните настани е сведок спомен-куќата на Калајџиовци во која се криеле, меѓу другите, кривенскиот војвода дедо Геро и во која загинал комитата Ристо Бузако од Арвати. За овие настани од времето на Илинденското востание на куќата на Калајџиовци е поставена спомен-плоча како потсетник која ги потсетува денешните генерации, кои секоја година им оддаваат достојна почит на сите илинденци токму пред куќата на Калајџиовци и токму на денот на востанието, односно на 2 август.

cetgata-na-slavejko-arsov
Четата на Славејко Арсов

Според историските податоци, периодот од Илинденското востание па сѐ до Втората светска војна е карактеристичен по тоа што во 1919 година била отворена (пренесена од Наколец) првата општина во Љубојно,  а во 1927 година била изградена новата општинска зграда, која денес е преадаптирана во полициски станови. Потоа, во 1922 година била отворена џандармериската станица, која и денес постои и се користи како полициска станица. Веднаш до неа, во 1937 година била изградена царинарницата. Војничката зграда, позната кај љубанци под името штаб, пак, е изградена во 1932 година, а во 1936 година во Љубојно започнала со работа поштата, која ги задоволувала потребите на целата љубанска општина. Меѓутоа, веднаш по Народноослободителната војна во Љубојно во 1946 година била отворена сегашната македонска пошта.

Периодот меѓу двете светски војни за Љубојно е карактеристичен и по тоа што во 1931 година на гласањето за пратеник во Ресен, меѓу четирите кандидати, најмногу гласови добил д-р Михајло Попов од Љубојно. И д-р Владо Туџаров бил избран за околиски лекар, а бил и претседател на фудбалскиот клуб во Ресен во 1938 година. 

Секое време си носи свое бреме, така вели народната поговорка. Така, Љубојно било под многу окупации: српска, бугарска, италијанска, германска и албанска окупација, но секогаш било и база на преспанските движења за ослободување во сите борби и обиди за борби на македонскиот народ. Таков е случајот во Втората светска војна кога на 9 септември 1943 година во Љубојно, со околните села што ги опфаќало како општина, била создадена слободна територија, прва во Преспа. За жал, таа слобода траела само два месеца (до 6 ноември 1943 година) кога Љубојно било окупирано од бугарските војски и така останало сѐ до целосното ослободување, односно до 5 септември 1944 година.

Кога се зборува за борбената Преспа, за местото каде што владеел првиот македонски цар, Самуил, важно е да се спомене дека во Љубојно на 8 и 9 септември 1943 година била формирана првата слободна територија во Преспа, за подоцна во текот на 1944 година целосно да биде засекогаш ослободена од бројните непријатели.

Веднаш по ослободувањето, Љубојно прилегало на градска населба во која имало 8 чевларски работилници, 7 дуќани за широка потрошувачка и текстил, 4 кафеани, 4 дрводелски работилници, 5 шивачки работилници, две фурни за леб, 2 месарници,  8 воденици, една ковачници, берберница и др. Во тоа време во Љубојно имало Дом на културата, киносала, парк, осумгодишно училиште, библиотека, амбуланта, матична служба, споменици посветени на Илинден и на Народноослободителната борба…

Интересно е да се спомене дека во 1950 година во Љубојно се формирани два фудбалски клуба „Пелистер“ и „Слога“, кои пет години се натпреваруваа во Преспанската фудбалска лига. Шеесетите години од минатиот век се карактеристични за спортот во Љубојно со развојот на спортската дисциплина одбојка. Така, Љубојно била единствената селска населба во Македонија која имала одбојкарски клуб, кој се натпреварувал во Првата македонска одбојкарска лига. Одбојкарскиот клуб „Љубојно”, се натпреварувал со елитните екипи  „Вардар” од Скопје, потоа екипите од Титов Велес, Струмица, Тетово, Битола и други градови во Република Македонија.           

ljubojno2
Штабот на војската во Љубојно

Младите одбојкари на екипата „Љубојно“ на турнирот во Скопје во 1966 година, во силна конкуренција на јуниори, го освоиле првото место, што претставуваше најголем спортски успех на љубанци. Исто така, успехот на фудбалскиот клуб „Пелистер“ кој се натпреваруваше во Битолскиот фудбалски потсојуз и постигна завидни резултати.

Исто така, треба да се споменат неколку спортисти во светот кои водат потекло од Љубојно, а тоа се: Пит Стојанович (Марковски), еден од најскапо платените рагби играчи во тоа време во САД и Анита Томулевска која живее во Осло, Норвешка, која била врвна европска гимнастичарка, која учествувала на гимнастичарски натпревари во Атина и Шпанија и постигнала завидни резултати.

Уште во текот на ослободителното движење во Љубојно било воспоставено организирано живеење преку Месниот народен одбор. Активностите се прошириле и се збогатиле во периодот од 1950 до 1955 година кога се формира Општината Љубојно со селата од Долна Преспа: Сливница, Крани, Арвати, Штрбово, Наколец, Брајчино и Долно Дупени, чиј претседател бил Митре Марковски, а секретар бил Мијал Наумовски, двајцата од Љубојно. Од 1955 до 1958 година љубанската општина била припоена кон Општината Асамати, чиј претседател бил Васил Димовски од Долно Дупени. Од 1958 година Општината Љубојно ѝ припаднала на Општината Ресен во чиј состав е и ден-денес, во 2013 година    

Во оваа прилика треба да се потенцира дека Љубојно и љубанци како луѓе ја покажале и докажале големата човечност и хуманост прифаќајќи десетици илјади Македонци од егејскиот дел на Македонија, меѓу кои најмногу деца, прогонети во виорот на Граѓанската војна во Грција. Во тие тажни мигови, љубанци во своите можности ја искажале својата човечка топлина и мајчинска грижа кон тие преморени, гладни и исплашени најмлади генерации. Денес, особено за Илинденските иселенички средби, бројни прогонети Македонци од своето прадедовско огниште го посетуваат Љубојно и се сеќаваат на мрачните денови на прогонот.

За Љубојно карактеристично е и тоа што уште во 1949 година за првпат на Полена беше прикажан филмот „Барба Жван“. Потоа, во 1957 година, земјоделската задруга „Преспа“ од Љубојно набави кинопроектор со кој сѐ до 1973 година во Задружниот дом се прикажуваа филмови за љубанци и мештаните од другите селa. Киносалата располагаше со околу 350 седишта, а филмови се прикажуваа двапати неделно, во среда и сабота.

slave-katin-ilinden
stojan-lembo-ljubojno
Публикацијата „Илинден 1903-2003 и македонските иселеници“ од Славе Николовски-Катин е за Илинден и за придонесот на Македонците во дијаспората и е издание на „Македонска искра“, Скопје, 2003, 1-232, а
монографијата „Љубојно-љубов наша“ од Стојан Лембо е прекрасно, вечно и значајно издание за Љубојно, а е издадено на „Друштвото за наука и уметност“, Битола, 1996, 1-350

Есента 1948 година, пак, по примерот на советските колхози и во Љубојно стаса колективизацијата. Така во пролетта 1949 година, сите 226 домаќинства со 1171 жител беа зачленети во Земјоделската задруга „Видое Смилевски“ во Љубојно. Во тие бурни времиња беа изградени шталите, во кои еден период беше отворен погон на „Преспатекст“ од Ресен и магацините во Чифлиг. Задругата успеа да се одржи уште 4 години..

Во 1953 година во Љубојно се формира новата задруга „Преспа“, која имаше свои пунктови на земјоделски производи, бакалница, продавница за вештачко ѓубриво, кланица, продавница за месо и кафеана.. Од 1975 година задругата влезе во состав на комбинатот „Преспанско јаболко“ од Ресен, а во 1992 година беше ликвидирана.

Познато е дека за жителите на Љубојно и на цела Преспа печалбарството е стара традиција и како феномен се појавило многу оддамна. Меѓутоа, миграционите процеси што ја зафатија цела Преспа во педесеттите години од минатиот современ век, не го поштедија ни убавото Љубојно, од каде што голем број семејства се преселија во други градови на Македонија, потоа во САД и Канада и Австралија,  во Европската унија и некои други земји ширум светот.   

ljubojno3
Дел од Љубојно

Печалбарството како „стар занает“ од Македонија, а со тоа и од Љубојно помасовно започнало уште на почетокот во XIX век. Одењето на гурбет во прекуморските земји, се интензивирало пред и по Илинденското востание, меѓу двете светски војни и особено по Втората светска војна. Затоа, со право се вели дека љубанци биле едни од првите од Македонија кои свиле нови гнезда по светот и се едни од најбројните Преспанци во дијаспората.

Според податоците на Стојан Лембо во книгата „Љубојно – љубов наша“,во Љубојно живеат 96 домаќинства, или 223 жители (а најмногу – 1209  жители броело во 1953 година).  Во Македонија има 125 домаќинства, во Европската унија 20, во Србија 11, потоа во САД 172, во Канада 66, во Австралија 32 и 15 домаќинства биле иселени пред Втората светска војна. Или вкупно 517 домаќинства по светот се од печалбарското Љубојно.

Продолжува

Најново од: Дијаспора

Браќа и сестри Македонци, каде и да сте!

Оваа порака доаѓа од вашата татковина – од Македонија. Од земја со древна историја, богата култура и дух што никогаш не се откажал. Вашата врска со Македонија е крвна, духовна и семејна. Таа тече низ јазикот што го зборуваме, писмото што го пишуваме, песните што ги пееме и спомените што ги носиме со себе. Тоа е […]

Академик Ферид Мурат – американски нобеловец и пријател и Македонија

Академикот Ферид Мурат е познат лекар и фармацевт во Соединетите Американски Држави. Најголемиот дострел на полето на науката го постигнал во 1998 година, кога ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина. Тој е роден во Вајтинг, Индијана, мајка му е Американка родена во Алтон, Илиноис, а татко му е Албанец од село Лакавица, Гостиварско. […]

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

To top