Дијаспора

Дел од творештвото на Славе Катин промовирано на иселенички средби (8)

slave-katin

slave-katin 
ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Славе Николовски-Катини‘ е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на животот на Македонците во светот. Исто така, неговата работа се однесува и на низа други аспекти поврзани со етничка Македонија, како и со културата, литературата, јазикот, историјата, журналистиката и религијата.

Во биографија на Славе Катин е забележано дека тој беше секретар на Здружението на новинарите на Македонија, беше почесен член на “Академијата за слобода на религијата” во Вашингтон, ДЦ,  САД, секретар на друштвото “Македонија-Канада”, беше акредитиран новинар од Македонија за “Австралиско-македонски неделник” од Мелбурн и “Меѓународна политика” од Белград, а осум години по осамостојувањето на Република Македонија беше потпретседател на Републичката комисија за односи со верските заедници. Денес  e член  на  „Друштвото за наука и уметност“од Битола и е постојан член на Фондација “Атанас Близнаков”, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и Фондацијата „Браќа Џидрови“ чиј основач е д-р Лефтер Манче од Канада.

Првите новинарски текстови ги објавил во списанијата „Духовна искра“, „Климентов збор“ и „Обединети Македонци“ од Торонто, пред половина век, а потоа, меѓу другото, пишувал и бил уредник во  списанието „Македонија“ и „Иселеничкиот алманах“, на Матицата на иселениците од Македонија, а објавувал во сите македонски гласила во Република Македонија, Канада, САД, Австралија, Шведска и во други земји.

Во неговиот богат творечки опус, почнувајќи од првото негово дело „Англиско-македонски лимнолошки лексикон“ (1986) и преводот на историскиот роман „Александар Македонски“ (1988) од Урлих Вилкен, па до јубилејната педесетта публикација „Светот на дланка“, голем број од неговите публикации биле промовирани во Македонија и во бројни прекуокеански и земји на Европската унија.

Покрај 50 публикации, Катин е автор  и на над 100 научни трудови од различни области и на околу 3.000 новинарски и други текстови објавени во Република Македонија и во светот. Тој е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои и на престижната награда “Крсте Петков Мисирков” на Здружението на новинарите од Македонија од областа на журналистиката.

Овој пат ќе се задржеме претежно на промоциите во неговото Љубојно, во Преспа, типичното македонско, преспанско, печалбарско место од кое, како и од голем број села крај Преспанското Езеро и под Пелистер, многумина заминале и се задомиле во многу земји од светот, но тие  доаѓаат во родното место, особено за Илинден. Затоа, и останала поговорката „Ојш кај ќе ојш, во Љубојно за Илинден дома да си дојш“.    

Благодарение на демократските процеси што настанаа по осамостојувањето на Република Македонија како независна, демократска и самостојна држава, Илинденските средби во Љубојно добија нова организационо-културна и програмска шема, дух и димензија .

vo-avstralija-kako-doma

Како резултат на таквите услови, на средбите кои во минатото имаа карактер само на илинденска печалбарска прослава, започнаа да се прошируваат и да се внесуваат и други активности и содржини на културен план. Така, уште во 1992 година во текот на празничните денови за Илинден, во библиотеката на Домот во Љубојно, пред повеќе од двеста присутни, за прв пат се одржа промоција на книга. Тоа беше делото „Во Австралија како дома“ од Славе Николовски – Катин, за кое зборуваа проф. д-р Томе Саздов, тогашен претседател на Матицата на иселениците од Македонија и писателот Раде Силјан како издавач. Исто така, на присутните им се обратија проф. .д-р Васил Тупурковски и писателот Цане Здравковски.

По содржина новинарските текстови во публикацијата „Во Австралија како дома“ обработуваат прашања и проблеми од животот и активностите на македонските доселеници, особено на Македонците од Беломорска Македонија кои живеат и работат во мултикултурна и демократска Австралија.

Монографијата „Јановски“, пак, беше промовирана во печалбарското село Велушина, Битолско, бидејки тоа дело на Катин се однесува на доблесното семејство на трите браќа сопственици на фабриката „Јановски“ од Торонто. Промотори на делото беа д-р Димитар Керамитчиев, тогашен претседател на Матицата на иселениците од Македонија и Ѓорѓи Лумбуровски, претседател на Друштвото за наука и уметност од Битола.

Во рамките на Илинденските иселенички средби продолжија да се промовираат поголем број литератуни дела на љубанци, со особена нагласка на творештвото на Славе Николовски-Катин. Така, на 2 август 2000 година, на „Полена“ (центарот на Љубојно), а пред голем број љубанци, туристи, гости и намерници на средбите, беа претставени  делата „Печалбарски копнеж“, „Македонски иселенички паноптикум“ и монографијата за најголемиот донатор од иселеништвото „Атанас Близнаков“, чии  автор е Славе Катин.

ilinden-vo-ljubojno-i-prespa

Пред присутните, на „Полена“ за трите книги и за творештвото на Катин зборуваа проф. д-р Томе Саздов, д-р Петре Лубаровски и Бошко Рајчовски – Пелистерски. Со тоа се отворија широко вратите „Љубанските илинденски иселенички средби“ да добијат плус една културна димензија која продолжува да се негува сите изминати четириесеттина години.

Инаки, монографијата „Атанас Близнаков“ е посветена на  еден исклучителен Македонец кој за сето време во САД беше опседнат со идејата да направи нешто со што ќе може на некој начин да и‘ помогне на својата татковина, Македонија и на својот македонски народ што толку многу го сакал. Така се роди идејата за основање на Фондацијата „Атанас Близнакоф” за стипендирање студенти од Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје. Тоа се оствари во 1976 година кога Атанас и Славка Близнакови дефинитивно се доселија во Скопје и покренаа иницијатива и ја  основаа Фондацијата.                   

На триесет и четвртите „Љубански илинденски иселенички средби“ во 2007 година  продолжија традициите  од предходните години. Тие  започнаа во „Чивлик“ пред културното љубанско наследство „Воденицата“. Пред големиот број посетители на средбите се одржа промоција на две монографии за македонски иселеници од Америка и тоа: „Светле – Стив Стамевски“ од Детроит и „Ѓорѓи – Џорџ Томов“ од Њујорк, чии автор е Славе Катин.

За монографијата посветена на познатиот иселеник од тетовскиот крај, Светле (Стив) Стамевски кој е сопартиец и пријател на семејството Буш и има заслуги во активностите САД да ја признае Република Македонија под уставното име, зборуваше проф. д-р Димитар (Таки) Керамичиев, тогашен претседател на Матицата на иселениците од Македонија.                                

За делото на Катин посветено на амбасадорот на македонската култура Џорџ Томов од Њујорк, пак, зборуваше проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ. За одбележување е тоа што фолклорниот ансамбл „Томов“ чиј членови беа исклучиво Американци кои научија да играат и пеат македонски ора и песни, во текот на турнејата на Балканот во 1985 година имаше значаен и прв настап на друштво од дијаспората на љубанските иселенички средби.

Инаку, делото „Ѓорѓи – Џорџ Томов“ од Њујорк, беше промовирано и во Домот на АРМ во Скопје и во Домот на културата во Струмица, родниот град на тој доблесен иселеник и амбасадор на македонската култура ширум светот.

Во 2008 година програмата пред „Воденицата“ започна со рецитал а потоа, како дел од културните случувања во Љубојно се промовираше монографијата „Бошко Рајчовски-Пелистерски“, чиј автор е Славе Катин. За оваа книга која е огледало на животот и делото на овој американски љубанец од Детроит и Флорида, запис на настаните на иселеникот, новинарот, поетот, организаторот на средбите и водителот на македонското радио час  во Детроит „Оро македонско“, Пелистерски, зборуваа проф. д-р Васил Граматиковски од Љубојно и д-р Иван Апостолов од Флорида.

Во 2012 година, пред големиот аудиториум пред „Воденицата“ во Љубојно беше претставено  монографското дело за митрополитот Кирил, чиј автор е Славе Николовски-Катин, а промотор беше проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, која меѓу другото, истакна дека надлежниот на Полошко-кумановската епархија, митрополитот Кирил, инаку Преспанец, од Царев Двор, беше најстариот по хиротонија во состав на македонскиот православен епископат.

Митрополитот Кирил беше единствениот најдолго жив потписник на историската Одлука на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква (од 1967 година) за возобновување на целосната духовна и канонска автокефалност на Охридската архиепископија. Митрополитот Кирил беше првиот надлежен архијереј на Американско-канадско-австралиската епархија. Во ова значајно и по многу нешта карактеристично дело на Славе Катин посебно е претставено севкупното национално-духовно, црковно и културно-просветно опстојување во Полошко-кумановската епархија и на Македонците во САД, Канада и Австралија.

На прославата 40 години на „Љубанските илинденски исленички средби“, во 2014 година,  пак, беше промовирана монографијата „Илинден во Љубојно и Преспа“, од Славе Катин и коавторот Бошко Рајчовски-Пелистерски, во која е претставен дел од историјата на етничка Преспа, еден од убавите и значајни дел  од Македонија.

katin-kniga-2

Исто така, на прославата на 40-те години  на „Љубанските илинденски иселенички средби“, беше промовирана и монографијата „Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски“ од Славе Николовски-Катин,  а беше изведен и илинденски рецитал. Инаку, Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е исклучително голема, позната, призната и неодминлива личност во македонската дијаспора  и во Македонија.

Меѓу другото, познатиот македонски бизнисмен Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е голем хуманист, донатор и мецена на многу важни национални културни манифестации во Република Македонија и во прекуокеанските земји, каде живеат и работат многубројни Македонци. Без сомнение, тој е еден од економски најуспешните Македонци во светот. Иако подолго време живее на Флорида, во Соединетите Американски Држави, од своето заминување до денес, овој Македонец и голем хуманист и донатор е длабоко и силно поврзан со судбината, вистината и настаните во етничка Македонија.

Македонска нација

Продолжува

Најново од: Дијаспора

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

Дијаспората заборавени од историската слика за 8-ми септември

Идејата за самостојна Македонија не се роди непосредно пред референдумот во 1991 година. Таа долго живееше меѓу македонците во дијаспората, дури и кога јавното залагање за независност можеше да донесе прогон, затвор и уништен живот. По повод 8 Септември – Денот на независноста и 35-годишнината од создавањето на самостојната македонска држава, под покровителство на претседателката […]

Европратеничката Ирена Јовева – бранител на македонскиот јазик и македонскиот идентитет

Европската Унија е наднационален и меѓувладин сојуз на европски држави. Под ова име е основана во 1993 година, со Договорот за Европската Унија, познат како Договорот од Мастрихт. Сепак, голем број нејзини институции и механизми постоеле и претходно, врз основа на договорите што датираат уште од 1951 година. Активностите на Европската Унија опфаќаат бројни области […]

To top