Дијаспора

Востоличување на г. Кирил за прв митрополит на Американско – канадската епархија (21)

vladika-kiril

vladika-kiril

ОД ЦРКОВНОТО ЖИВЕЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Во Монографија за „Митрополитот Кирил“, издание на Полошко – кумановска епархија и на „Македонска  искра“, Скопје, 2007, на 342 страници, на македонски и на англиски јазик, на авторот на овие редови се вели дека митрополитот Кирил (Никола Поповски) е роден на 23 јуни 1934 година во Царев Двор, место кое е ни село ни град. Основното образование го завршува во родното место, а Богословија во Призрен. На Благовештение, 7 април 1964 година, Никола се замонашува во манастирот “Раѓање на Пресвета Богородица” кај Кичево, и со радост го примил името на македонскиот рамноапостол Кирил Солунски. Притоа, од страна на Неговото блаженство, архиепископот г.г. Доситеј, е ракоположен во чин ероѓакон, а само по кратко време  и унапреден во архиѓаконски чин.

Во тоа својство пролетта 1965 година, младиот архиѓакон Кирил го придружува архиепископот г.г. Доситеј при посетата на САД и Канада, каде асистира при евангелисувањето на првата македонска црква во Торонто, на празникот Цветници, посветена на свети Климент Охридски.

По враќањето од САД и Канада, архиѓаконот Кирил е испратен на студии во Русија на Московската духовна академија во градот Загорск, со благослов на српскиот патријарх Герман. Меѓутоа, по две години студирање, односно по завршувањето на првиот степен, е повикан да се врати во татковината, заради повозвишени црковно-духовни и национални интереси на Македонската православна црква и македонскиот народ. На 5 јули 1967 година е избран за викарен епископ со титула тивериополски од страна на Светиот архиерејски синод на МПЦ и станува негов најмлад член. По унапредувањето во чин архимандрит, на 11 јули истата година, во предвечерието на празникот посветен во чест и слава на апостолите свети Петар и свети Павле, е извршено наречението во епископски чин, а утредента, на самиот ден Петровден, ќе биде хиротонисан за викарен епископ тивериополски.

Како член на Синодот, веднаш се вклучува во довршувањето на обемниот елаборат за обнова на автокефалноста на Охридската архиепископија. Пет дена подоцна (на 17 јули 1967 година) Светиот архиерејски синод  на МПЦ одржа седница во црквата “Света Богородица Перивлепта” во Охрид, на која беше донесена историската Одлука за целосно возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. По потпишувањето од страна на сите членови на Синодот: архиепископот г.г. Доситеј и митрополитите: г. Климент, г. Наум, г. Методиј и г. Кирил, истиот ден беше презентирана Одлуката пред членовите на Третиот црковно-народен собор, што се одржа во катедралниот храм на охридските архиепископи “Света Софија”. На овој Собор господин Кирил е избран за прв надлежен архиереј на штотуку востановената Американско-канадско-австралиска македон­ска православна епархија, со која ќе раководи повеќе од две децении. Зема учество во повеќе делегации на МПЦ за запознавање на сестринските цркви со обновата на автокефалноста на Црквата на македонскиот народ, преку претставување на опширниот елаборат. Истовремено ја извршува и функцијата претседател на Комисијата за враќање на  отуѓените македонски богослови од богословиите на СПЦ.

mitropolit-kiril
Дел од востоличувањето на митрополитот Кирил

Во 1968 година ја реализира првата визитација на северноамерикан­скиот континент како надлежен архиереј на Американско-канадско-австралиската македонска православна епархија. За време на едномесечниот престој во САД и Канада, го освети третиот македонски православен храм на американските простори, црквата “Свети Ѓорѓи” во градот Сираќуз, во државата Њујорк, а посети и други градови во кои го отвори и поттикна процесот за формирање нови македонски православни црковни општини и за изградба на нови цркви под јурисдикција на Светоклиментовата МПЦ.

Митрополитот г. Кирил во текот на наредните повеќе од две децении ќе одигра голема духовно национална улога, оттргнувајќи десетици илјади Македонци од српските, грчките, бугарските и други цркви, со цел да доаѓаат во македонските православни храмови. На тој начин е спречена натамошната асимилација и денационализација на македонскиот православен  народ на тие американски простори.

По враќањето од  САД врши интензивни подготовки за реализација на првата посета на Македонците во Австралија. Притоа, со одбран тим на свои најблиски соработници ги изработува првата епархиска Конституција со експозе и новите правилници, со кои македонските црковни општини ќе се усогласат со светите канони и новиот Устав на МПЦ. Според нивното слово ќе бидат формирани и раководени новоизградените македонски православни цркви. Првата канонска визитација на Австралија ја изврши во почетокот на 1969 година, заедно со митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј. По враќањето од Австралија, врши обемни подготовки за посета на Канада и САД. Во канадската метропола Торонто, каде македонската етничка заедница е најбројна, заедно со ѓаконот Александар Цандовски ќе им биде нивното седиште и тука се преземени темелни потфати за формирање на првите органи и тела на Американско-канадско-австралиската македонска епархијата.

mitropolit-kiril-2

На 10 август 1969 година, во катедралниот храм “Свети Климент Охридски Чудотворец” – во Торонто, со величествени свечености е извршено неговото востоличување во епископскиот Светиклиментов трон на Американско-канадско-австралиската македонска православна епархија од страна на Неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј. Кога во 1971 година, во МПЦ ќе биде востановена и Полошко-кумановската епархија, митрополитот Кирил ќе биде избран за нејзин администратор со сите права и должности кои произлегуваат од Уставот на МПЦ. Неговото архипастирствување со оваа Епархија е крунисано со најголем успех преку возвеличувањето на Шар Планина, со изградбата на манастирот посветен на “Свети Наум Охридски Чудотворец”, на надморска височина од околу 1000 метра.

Под неговото архипастирско раководство во двете епархии ќе бидат изградени, реновирани и преуредени преку стотина храмови на МПЦ. Меѓутоа, црковно-духовните и националните постигања, особено на планот на обединувањето на Македонците, од сите делови на етничка Македонија, кои живеат и работат во прекуокеанските земји, се од непроценливо значење. Сите тие резултати ќе придонесат г. Кирил во 1972 година да биде поставен за претседател на Одборот за изградба на Соборниот архиепископски храм “Свети Климент Охридски” во Скопје, изградба на 25 станови во Тетово и Куманово и за претседател на Одборот за извршување на првото мироварение по возобновувањето на автокефалноста на Македонската света црква.

mitropolit-kiril-3
Една од посетите на македонски владици на Детроит

Од 1996 година митрополитот Кирил ќе биде претседател на Хуманитарната организација “Милосрдие” при МПЦ, која за негово време имаше обезбедено храна, лекови, медицински помагала, разни апарати и друга помош во вредност од десетина милиони евра. Помошта се распределува на најбедните, гладните, изнемоштените, на селски и други помали амбуланти, деловни центри и асоцијации во Република Македонија на кои им е најпотребна. “Милосрдие” најголемиот хуманитарен дострел го потврди во војната во Република Македонија 2001-2002 година, кога помошта за загрозеното население значеше елементарен опстанок. Извонредните резултати ќе го поттикнат третиот поглавар на автокефалната Македонска православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил, во една пригода на авторот на овој текст да му изјави дека  “… она што го работи владиката Кирил е света работа”. Тоа ќе го потврди и четвртиот поглавар на МПЦ, архиепископот охридски и македонски г.г. Михаил.

Митрополитот господин Кирил целиот свој живот го посвети на духовно-црковното, националното, културното, односно на сестраното единство на македонскиот народ во Татковината, и во дијаспората. Американските, канадските и австралиските власти, следејќи ги и согледувајќи ги големите успеси на нашите сонародници, предводени од нивниот митрополит г. Кирил, кој заедно со своето свештенство, секогаш ги ориентираше како Македонци да бидат лојални граѓани на тие држави, уште повеќе ќе ги удостојат со признанија и почит, а  ќе ги засакаат и ќе го возвишат Македонците. Тоа ќе биде потврдено и со прогласувањето на Митрополитот г. Кирил за почесен граѓанин на повеќе градови во САД, Канада и Австралија, што е извршено со одлука на тамошните градски совети и нивните градоначалници.

Митрополитот Кирил како надлежен на Полошко-кумановската епархија почина на 79-годишна возраст на 11 јуни 2013 година. Тој  си отиде без најава, без да речеш збогум. Притоа, поглаварот на МПЦ, архиепископот Стефан, пред државниот врв, свештенството и верниците се збогуваше од упокениот митрополит Кирил, при што речеЧ

„Кога се зборува за владиката Кирил, тоа знчи истрајна борба за единството на Македонската православна црква, кога се зборува за владиката Кирил, тоа значи влог во националниот и црковен идентет”, истакна архиепископот Стефан на опелото кое се одржува во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје.

Владиката Кирил, по негова желба оставена кај авторот на овие редови како негов биограф беше погребан во манастирот „Свети Ѓорѓи” во кумановско Дељадровце. По неговата смрт со Полошко-кумановската епархија управува архиепископот г.г. Стефан, со помош на викарниот епископ Јосиф Лешочки.

Владиката Кирил беше последниот жив митрополит што присуствувал на собирот на македонските архиереи во 1967 година, кога е возобновена автономијата на Македонската православна црква.

Продолжува

slave-katin-2
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
www.slavekatin.com

Најново од: Дијаспора

ОМД успешно ја заврши втората турнеја низ Германија

Од 2 до 8 ноември 2026 година, Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) посети пет германски града. Се сретнавме со македонските заедници, ја претставивме нашата работа и направивме нови чекори кон формирање на ОМД Германија. По првата турнеја во март, вториот дел собра семејства, професионалци, здруженија и институции. Еве краток преглед на секоја станица. Бретен (Карлсруе) 2 […]

Македонската црква Свети Кирил и Методиј во Чикаго

Македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Чикаго е духовно собиралиште на македонските иселеници и место за зачувување на православната вера, македонскиот јазик и традициите од татковината. Во далечната 1979 година, Македонците од Чикаго го направиле првиот поголем чекор кон остварувањето на својот сон – купиле постара црква во Бервин, Илиноис, и веднаш започнале […]

Семакедонска средба на 14 ноември во Штип

Традиционалната Семакедонска средба годинава ќе се одржи на 14 ноември 2026 година, сабота, со почеток во 12:00 часот, во хотелот „Оаза“ во Штип. Организатори на средбата се Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „МАКЕДОН“. За […]

Македонија и Македонците ширум светот, поврзани под едно сонце

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ги повикува Македонците ширум светот да се вклучат во „МК Конект“ – платформата на волонтери-дописници на Македонската радио-телевизија и Агенцијата за иселеништво. Платформата произлезе од меморандумот за заемна соработка меѓу двете институции, со цел посилно поврзување на македонските иселеници со татковината. ОМД со гордост ја поддржува иницијативата и го поздравува нејзиниот […]

„Заветна“ — песна за нераскинливата врска со Македонија

Постојат песни во кои љубовта кон татковината се изразува како ветување. Таква е „Заветна“, во изведба на Пепи Бафтировски, со музика на Миле Барбаровски и текст на Георги Барбаровски — песна за страдањето, истрајноста и длабоката поврзаност на човекот со македонската земја. Уште во почетните стихови се навестуваат обидите Македонија да биде премолчена, сокриена и […]

Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината и партнер во градењето на нејзината иднина

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Солинген, Сојузна Република Германија, заедно со членови на Извршниот комитет, присуствуваше на Третата конференција на задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Пред присутните делегати, Мицкоски ги претстави актуелните состојби во Македонија, економските резултати, инфраструктурните инвестиции и предизвиците со кои се соочува државата во услови на глобални енергетски и економски неизвесности. […]

„Повод“ – македонски глас од Сиднеј што ја поврзува дијаспората со татковината

Фиданка Танаскова Најновиот, 79. број на списанието на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија носи богат мозаик од книжевни осврти, културни настани и иселенички сведоштва, во служба на македонскиот јазик, култура и идентитет. Списанието „Повод“, едно од најреномираните македонски иселенички гласила во светот,  што го издава Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, […]

„Т’га за југ“ — песна за секое македонско срце далеку од дома

„Т’га за југ“ од Константин Миладинов е длабоко лична исповед за копнежот по родниот крај. Во неа, далечината се чувствува како студ во душата, а споменот на татковината носи светлина и топлина. Наспроти мракот, маглите и мразовите стојат Охрид, Струга, езерото и родните предели — места во кои поетот чувствува дека припаѓа. Желбата да добие […]

To top