Дијаспора

Писателот Методија (Мето) Фотев и неговата преокупација за Преспа и иселеништвото (28)

meto-fotev

meto-fotev

ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Писателот Мето (Методија) Бончо Фотев е значајна личност во македонската литература. Неговиот богат литературе опус, во кој, меѓу другото, ја третира и иселеничката судбина на печалбарите од Езерката земја Македонија, претставува дел од македонската литературна книжнина и прилог кон севкупните вредности на пишаниот збор во Македонија. Со своите литературни остварувања, тој си обезбеди посебно место меѓу македонската писателска фела, а како потомок на печалбар и со своите дела за расселените по светот е омилен меѓу читателите во македонската дијаспора.

Мето Фотев е роден на 14 март 1932 година, во печалбарското Љубојно, во Преспа во „Илиовска Маала”, од мајка Спаса и татко Бончо, иселеник во САД,  татко кого никогаш не го виде и понесе татковска болка како многумина од печалбарските краишта. Мето е првото дете во семејството, а по него се родил неговиот брат Никола (Коле) сега покоен, потоа сестра му Драгица која живее во САД и најмалиот брат Спиро, кој најповеќе живее во Љубојно и кој најдобро го познава и животот и делото на својот брат – Мето Фотев.

Писателот Мето Фотев, на кој авторот на овој текст, Славе Катин е братучед, пријател и следбеник на неговата литературата, има бурно детство, младост и творечки живот. Завршил  основно осумгодишно училиште во Љубојно. Така, војната го затекнала во второто основно одделение. За време на војната, пет месеци посетувал италијанско училиште, а потоа посетувал албанско училиште, за во трето одделение да учи на бугарски. Таква била судбината и на неговите врсните од овој крај. Конечно, во 1944 година есента, до пролетта 1945 година, Фотев го заврши четвртото одделение на основното училиште во Љубојно, на македонски јазик и при македонски учители. Есента отпаува во Битола каде што го учеше петтото одделение три месеци, а потоа се врати во Љубојно да го продолжи школувањето, зашто тогаш во Љубојно се отвори осумгодишното училиште ,,Димитар Влахов”, кое често со право се нарекува расадник на македонски интелектуалци.

Во 1952 година Мето Фотев ја заврши Учителската школа во Битола и стана еден од првите учители од Долна Преспа. Во 1953 година  доаѓа во Скопје, прво работи во Радио Скопје како новинар, потоа, се префрлува во редакцијата на ,,Нова Македонија”. Меѓутоа,  поради немање учители во Македонија, го определуваат за учител во Лазарополе – Дебарско. Учителствува две години во ова мијачко село и пак се врќа во Скопје. Се запишува на факултет и работи во Радио Скопје.

ljubojno-kukja-meto-fotev
Улицата во Љубојно во која е роден Мето Фотев

Од Радио Скопје се префрла во редакцијата на ,,Нова Македонија”, од каде што го испраќаат за дописник во Струмица и во тој град останува девет месеци. Редакацијата го повикува во Скопје и по една година Мето Фотев пак работи во Радио Скопје, во новоотворената редакција Младинска програма, во летото 1956 година.

Интересно е да се спомене дека Мето Фотев ги следеше македонските писатели, учеше од нив и многу читаше. Како резултат на тоа во 1955 година, пролетта го печати својот прв расказ ,,Очи”  во додатокот на Разгледи ,,Никулци”.

Во период од 1956-1970 година, цели 15 години, Мето Фотев работи во Радио Скопје, менува неколку редакции и одвреме-навреме објавува раскази во македонските списанија и весници. Потоа работи во Телевизија Скопје и беше уредник на драмската редакција, каде постигна видни резултати на полето на драмата, а особено внимание посвети во неговото творештво.

Така, во 1966 година му излегува од печат неговото првороденче во литературата,  романот ,,Потомците на кат”, во издание на ,,Култура”, Скопје. Со овој роман Мето се прослави и како резултат на тоа, во 1967 година ја добива наградата ,,11 Октомври” токму за романот ,,Потомците на кат”. За него се пишуваше во домашните и другите медиум, од што произлезе во 1973 година, издавачкото претпријатие ,,Народна књига” од Белград овој роман да го издаде на српскохрватски јазик. Година подоцна, скопската ,,Култура” ќе печати второ издание од овој веќе популарен роман.

Со романот ,,Потомците на кат” во мапата на македонската литература Мето Фотев вклучува уште една земја, земја која се вика Долна Долина. Под ова име, инаку, го препознаваме крајезерскиот селски крај на Преспа. Овдека Мето Фотев овој преспански крај го предава во времето на едно меѓувластие: по пропаѓањето на кралската држава на почетокот од војната, а пред стационирањето на војските на новиот окупатор, на Италијаните.

Во романот ,,Потомците на кат”  Мето Фотев дава живи описи за голем број ликови, тргнувајќи од  Тихон Пламенков (централен лик во оваа проза), и сите од неговото семејство, и за Порфир Бешот, и Ѓорѓија Налетениот, и Нестор Скребовски, и циганката Спасија, и улокосаната Гелевица, и Само Биглов, Андон Тишковски, Ристе Иконовски, Тодор Алабак,  студентот Игор Брезов и попот Апостол Филеговски. Таа е цела галерија луѓе чии односи и карактери ги среќаваме предадени во композицијата на оваа таканаречена фреска од раскажувачот Методија Фотев.

Со романот ,,Потомците на кат”, се чини Мето Фотев го достигна врвот и се вброи мегу значајните, познати и признати романсиери во Македонија. Но, тој не се предаде на славата, туку почна и понатаму да твори.

Така, во 1969 година во издание на Издавачката куќа ,,Култура” од Скопје, му излегува вториот роман ,,Селани и војници”. Истата година, Фотев за ова дело ќе ја добие наградата ,,13 Ноември”, за потоа во 1977 година ,,Матица српска” од Нови Сад, да го издаде романот ,,Селани и војници” на српскохрватски јазик.

Се смета дека романот ,,Потомците на кат” на авторот Методија Фотев му донесе високи и заслужени признанија, а романот ,,Селани и војници”, кој е еден вид продолжение на првиот, ги потврдува раскажувачките квалитети на авторот, ја продолжува линијата на неговиот растеж и го зацврствуа неговото место меѓу врвните прозаисти во Македонија

Романот ,,Селани и војници”, како и ,,Потомците на Кат”, спроведува раскажувачка линија на хрониката. Впрочем, временски тој директно се надоврзува на првото дело: почнува таму каде што заврши претходниот роман. Меѓутоа, како и ,,Потомците на кат”, така и ,,Селани и војници” претставуваат и самостојна целина. Имено, ако романот ,,Потомците на кат” својата содржинска и формална заокруженост ја наоѓа во рамките на меѓувластието, ,,Селани и војници” тоа го наоѓа во рамките на траењето на новата власт: доаѓањето и заминувањето на италијанските окупатори.

Во 1970 година Методија Фотев го печати својот трет роман ,,Големите скитачи” во издание на издавачкото претпријатие ,,Мисла” од Скопје. Ова литературно дело доживеа во 1974 година, приштинската издавачка куќа ,,Рилиндија” да го издаде романот ,,Големите скитачи” на албански јазик.

Романот ,,Големите скитачи” е напишан пред романите ,,Потомците на Кат” и ,,Селани и војници”, а е објавен по нив. Причината лежи во мошне отвореното приоѓање на авторот кон сексот, што на времето од еден издавач беше оценето како порнографија. Навистина, на страниците на ова дело има сцени што може да го шокираат читателот не во откривањето на женското тело или поради допирите меѓу мажот и жената, туку повеќе со шокантноста на вистините на човечката драма, од чија острина Мето Фотев, сосема исрпавно, не сакал да се откаже.

katovi-potomci-meto-fotev

Во основата на делото е проблемот на печалбарството, кое му ја пустоши душата на селото, ставајќи го без полнотата и радоста на живеењето. Пеколно мачно минува детството при татко – без татко и младоста на жената при маж – без маж. Тоа е основата на траумата на луѓето во оваа книга.

И самиот носител на една ваква судбина, Сандар, главен лик во романот, чувствува одбивност кон домот, па времето го поминува низ полето, впрочем, слично како што постапуваат и оние што останале во селото. Љубовните средби на Јагна, односно и Илинка со Сандар, се само една нивна неутешна катарза на чемерот од нивната судбина

Четвртиот роман на Мето (Методија) Фотев е насловен како ,,Неплодна вода”, издаден во 1978 година. Во овој роман, тој постигнува состојба во која тој длабоко проникнува во душата на човекот, како во неговата колективната, така и во индивидуалната психологија.

Последниот негов роман е „Вавариум” издаден 2010 година. Методија (Мето) Фотев пишува  со силна љубов кон човекот, кон родниот крај, кон исленикот, кон се’ она што за него во мислите е свето. Затоа тој е добитник на наградите: „11 Октомври”, „13 Ноември”, „Рациново признание”, наградата „Дијалог” и други.

Инаку, за творештвото на Методија Фотев пишувале плеада врвни македонски писатели, критичари, литерати, интелектуалци, новинари, публицисти и влубеници во неговите дела.  Меѓутоа, со поголем дел од ова скромно видување на животот и делото на овој значаен, познат и признат романсиер авторот на овој текс, Славе Катин имаше за цел да даде прилог кон прославата на Илинден и на Иселеничките средби во Љубојно во.2010 година. Тоа, секако, беше направено да се претстави  Методија (Мето) Фотев пред голем број иселеници  од сите континенти во онаа светлика во која тој заслужува на таков  голем празник да се слави неговото име и дело, а љубанци и сите дојденци на Илинед да се гордеат што печалбарско Љубојно роди еден таков познат и признат романсиер и голем син на Македонија, кому животна преокупација му се разделена Преспа и иселеништвото.

Продолжува

slave-katin-2
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
www.slavekatin.com

Најново од: Дијаспора

Браќа и сестри Македонци, каде и да сте!

Оваа порака доаѓа од вашата татковина – од Македонија. Од земја со древна историја, богата култура и дух што никогаш не се откажал. Вашата врска со Македонија е крвна, духовна и семејна. Таа тече низ јазикот што го зборуваме, писмото што го пишуваме, песните што ги пееме и спомените што ги носиме со себе. Тоа е […]

Академик Ферид Мурат – американски нобеловец и пријател и Македонија

Академикот Ферид Мурат е познат лекар и фармацевт во Соединетите Американски Држави. Најголемиот дострел на полето на науката го постигнал во 1998 година, кога ја добил Нобеловата награда за физиологија и медицина. Тој е роден во Вајтинг, Индијана, мајка му е Американка родена во Алтон, Илиноис, а татко му е Албанец од село Лакавица, Гостиварско. […]

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

To top