Дијаспора

Атанас Близнаков – најголемиот донатор од македонското иселеништво (7)

slave-katin-feljton

ЗАМИНУВАЊЕТО НА БЛИЗНАКОВ НА ПЕЧАЛБА ВО САД

,,Она што е птица, која го напуштила
гнездото свое,
тоа е човек, кој го напуштил
местото свое”

Соломонова изрека од Библијата

Заминувањето во туѓина и напуштањето на родното огниште на Македонците, главно, било од економски причини, но во одделни периоди, особено кога во Македонија имало востанија, војни и слично, и од политичка природа. Иселувањето на Македонците во прекуокеанските земји се надоврзува на печалбарството, кое уште во XIX век зазело широки размери.

Населението во планинските краиште живеело во тешки услови, земјата била недоволно плодна за да обезбеди прехранување, наталитетот бил висок, се зголемувале даноците, се множеле пљачкашките банди, замирало занаетчиството, затоа народот се определувал за печалбарство.

По Илинденското востание голем дел од д’мбенци тргнале да бараат животна егзистенција во туѓина на печалба, најмногу отишле во Америка, еден со друг се повлекувале. Повеќе од 200 д’мбенци во 1906 година биле на печалба во градот Медисон.

Како последица на Балканските војни (1912-1913) и Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, Македонија била поделена меѓу трите балкански држави: Србија, Грција и Бугарија, со што на македонскиот народ му се нанесе голема историска неправда. Имено, поради лошата економско-политичка состојба, во почетокот во помал број, а подоцна тој број се зголемувал, Македонците почнале да ја напуштаат родната земја и да заминуваат на печалба во САД.

По поделбата на Македонија, селото Д’мбени се најде под грчка власт, која била сé полоша и се покажала мошне сурова спрема македонското население, бришејќи на најгруб начин сé што е македонско, дури и натписите на гробовите и на иконите во црквите. Сите младинци и поактивни мажи во Д’мбени биле уапсени и жестоко мачени од грчката полиција, помогната од грчката војска.

Прво ги тепале со дебело водено јаже, кое предизвикувало големи болки, а нивните викотници се слушале дури надвор од селото. Потоа им закачувале дрвени спици под ноктите, им ставале клинци меѓу прстите и ги стегале со здраво јаже. Несреќните селани биле подложени и на други свирепи маки и сето тоа се вршело со намера да се убие нивниот патриотски дух и поголемиот дел од нив да ги принудат да се иселат од родното огниште, од селото, од Македонија.

Пристаништето во Пиреја

Многумина од уапсените младинци лежеле по затворите. Речиси поголем дел од уапсените и мачените, по ослободувањето, веднаш го напуштале селото и емигрирале. Повеќето од нив емигрирале во Америка, еден дел во Бугарија и во други места. Некои од нив никогаш повеќе не се вратиле во селото.

Грчко-турската војна од 1919-1922 година му донела ново зло на македонското население во Беломорска Македонија. Тогаш биле мобилизирани многу мажи, како и многу младинци – Македонци од селото Д’мбени за да се борат на Малоазискиот фронт за сметка на големогрчките аспирации. Многумина од нив ги оставиле коските во Мала Азија.

Во тој период Грција ги мобилизирала младите уште на 19-годишна возраст. Во времето на Грчко-турската војна владата донела Закон, според кој, деца од 16 години и постари да не можат да добиваат пасоши за излегување од земјата. Со тоа грчката држава имала намера да ги мобилизира за војници кои требало да се борат против Турција.

Како што наближувало времето за отслужување на редовниот воен рок, така кај Атанас растела одбојноста да учествува во антитурската војна и да биде на страната на гробарите на својот народ. На регрутација требало да се јави во април 1921 година. Од тие причини тој и неколку негови сомисленици решиле да емигрираат во САД, земја кон која чувствувале симпатии, благодарение на она што го слушале од печалбарите – повратници, од своите најблиски.

Во 1920 година Атанас бил на 19-годишна возраст, а во идната 1921 година во април требало да биде регрутиран во грчката војска и да биде испратен на Малоазискиот фронт. За него друг излез немало освен да избега од Грција и да замине во САД.

Така, во октомври 1920 година Атанас, заедно со Андрико Љочков и Атанас Мангов, сите од селото Д’мбени, решиле илегално да заминат од Грција и да отидат во САД. Избегале од селото ноќно време за да не ги забележи никој и да ги предаде на властите. Патот бил тежок и неизвесен. Со повеќе страв и замор стасале до Атина, каде што се обратиле до една бродска агенција за да ги снабди со потребните документи за САД.

Таму, чекале повеќе од еден месец додека се снабдиле со нужните пасоши за кои платиле доста поткуп. Во Атина, меѓу другото, се сретнале со Ване, Нико и Сотир од Д’мбени, со Павле од селото Косинец и со Ристо од селото Лобаница, зголемувајќи ја групата на девет младинци – патници за САД.

По повеќе од месец дена од нивниот престој во Атина, дошол денот за да ја напуштат Грција. Тоа се случило во близината на Пирејското пристаниште, каде што требало да влезат во еден романски брод, натоварен со стока, што бил укотвен во непосредна близина на пристаништето.

Договорено било еден од агентите кој ги снабдил деветмината со пасоши, да ги однесе во заливот близу до Пиреја и да ги предаде на еден гемиџија, а тој бил платен од нивниот агент да ги префрли со чун до бродот. Меѓутоа, кога влегле во чунот и уште не биле оддалечени многу од брегот, гемиџијата го запрел чунот и им се обратил со следните зборови: ,,Момци, вие бевте предадени на полицијата која дојде тука да ве следи. Јас им дадов повеќе пари за да ве спасам од опасноста да не ве уапсат. Сега вие за тоа треба да платите по 20 драхми, колку што изнесува поткупот што го дадов за вас. Јас нема да заминам додека не ми платите. Инаку ќе ве вратам назад”.

И покрај тоа што не виделе ниту полиција, ниту колку пари дал гемиџијата, тие се нашле во негови раце и во водите на морето, а го гледале бродот кој ги чекал. Затоа, биле принудени да му ги дадат парите што ги барал гемиџијата (во драхми), што во тоа време вределе повеќе од еден златен наполеон.

По оваа непријатна сцена, влегле во трговскиот брод натоварен со стока кој пловел кон Неапол, во Италија. Во него имало една кабина во која се наоѓале патници кои оделе за Италија. Групата патници во која се наоѓал и Атанас влегла во кабината. Меѓутоа, таму имало толку голем мирис од патницит, кои ги фатила морска болест, што решиле да се качат на палубата.

По целиот пат тие стоеле на палубата додека стигнале во Неапол, каде што го напуштиле бродот. Во тој убав пристаништен град престојувале само неколку часа, бидејќи со воз тргнале за Париз, а оттаму за Марсеј. Патот бил долг, а неизвесностите сé поголеми. Во Марсеј останале две недели, биле сместени во едно скромно прифатилиште во вид на хотел кое имало ресторан во кој го минале времето до заминувањето за Авр, последната копнена дестинација од каде што требало да се качат на голем прекуокеански брод кој пловел за САД.

Прекуокеански брод

Веднаш по пристигнувањето во Марсеј, лице од агенцијата ги снабдило со патни билети од француската компанија: ,,Трансатлантик” и ги информирало дека патувањето за Америка ќе го извршат со бродот ,,Савој”.

Пред нивното заминување за Авр, агентот кој ги предводел до Марсеј требало да се врати во Атина. Пред да се разделат, тој дошол кај нив да се збогува последен пат и се обратил кон Атанас со желба тој да ја преземе грижата за своите другари до нивното пристигнување во САД. Потоа агентот се збогувал последен пат, им посакал добар пат и си заминал.

Во Авр престојувале околу 25 дена. За тоа време бродската компанија не давала резервација за бродовите. Секојпат кога бродот требало да замине за Америка, патниците влегувале кои како можеле и кои како се снаоѓале сé до исполнувањето на просторот во кабините со определениот број патници. Оние патници, пак, кои не успевале да се снајдат и да влезат во тој брод, требало да го чекаат наредниот брод. Имало патници кои чекале таму по неколку месеци и не можеле да заминат.

По долго чекање дошол денот кога бродот ,,Савој” требало да замине и со кој групата на Атанас требало да отпатува за Њујорк. Станале доста рано, секој од нив си го зел куферот и се упатиле кон пристаништето каде што бил укотвен бродот. Кога пристигнале на пристаништето виделе дека таму чекаат повеќе од 3.000 патници, кои сакале да заминат во САД, но поради немање место во тие бродови, биле принудени да чекаат друг брод.

За групата на Атанас тоа било разочарувачко и затоа на брзина се обратиле на некое одговорно лице од бродската компанија кое им ја покажало вратата, од каде што требало да влезат на бродот. Но тоа не било лесно и бил потребен голем напор за да се пробијат и да стигнат близу до влезот. Оделе еден по еден, но за жал вратата од која им кажале дека ќе се влезе во бродот не се отворила, а се отворила друга врата која се наоѓала подалеку од нив.

И додека тие стигнале до таа врата бројот на патниците кои требало да влезат во бродот ,,Савој” се пополнил. Затоа морале пак да се вратат во хотелот и да чекаат додека дојде друг брод во кој ќе има слободни места и со кој ќе патуваат до Америка.

Големиот број од патниците кои оделе од Франција за Америка со компанијата ,,Трансатлантик”, биле од источноевропските земји, поради што компанијата ставила некој младич од Балканот кој го познавал францускиот јазик, за да им услужува на патниците за Америка кои биле од словенско потекло.

Кога Атанас отишол кај него и му го кажал нивниот проблем, тој со внимание го сослушал и го информирал дека по неколку дена за Њујорк ќе замине бродот ,,Турен” и дека треба да му се јават за тој да ги поведе од друга страна на влезот во бродот. Ветувањето го исполнил. Кога пристигнал парабродот ,,Турен”, групата од Д’мбени отишла од другата врата и така влегла во бродот.

Инаку, бродот ,,Турен” бил изграден во времето на Првата светска војна, исклучиво да пренесува сојузнички војски за потребите на војната. Кабините на бродот биле прилично големи, а во онаа кабина во која биле сместени д’мбенци имало 68 легла, зафатени со патници за Америка. Леглата биле распоредени по три, едно над друго поставени на четири железни потпирачи, а биле покриени со ќебиња.

Бродот го напуштил пристаништето и се упатил кон морската шир. На неколку членови од групата им станало тешко од морската болест. Меѓутоа, цело време на патувањето од Авр до Њујорк на Атанас и на други двајца им било добро. Патувањето траело 12 дена, по што конечно пристигнале на Северноамериканскиот континент, на ,,ветената земја”, како што често ја нарекувале Америка.

Често се раскажувале голем број анегдоти за одењето на Македонците, а и на други, во САД и во Канада, како и за нивното враќање во ,,стариот крај”, во дедовската земја – Македонија, како што тие често ја викале.

Продолжува

katin14
Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Дијаспора

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

Дијаспората заборавени од историската слика за 8-ми септември

Идејата за самостојна Македонија не се роди непосредно пред референдумот во 1991 година. Таа долго живееше меѓу македонците во дијаспората, дури и кога јавното залагање за независност можеше да донесе прогон, затвор и уништен живот. По повод 8 Септември – Денот на независноста и 35-годишнината од создавањето на самостојната македонска држава, под покровителство на претседателката […]

Европратеничката Ирена Јовева – бранител на македонскиот јазик и македонскиот идентитет

Европската Унија е наднационален и меѓувладин сојуз на европски држави. Под ова име е основана во 1993 година, со Договорот за Европската Унија, познат како Договорот од Мастрихт. Сепак, голем број нејзини институции и механизми постоеле и претходно, врз основа на договорите што датираат уште од 1951 година. Активностите на Европската Унија опфаќаат бројни области […]

To top