Дијаспора

Атанас Близнаков – најголемиот донатор од македонското иселеништво (15)

ab15-1

ab15-1

ДРУШТВАТА ,,АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ” И  ,,ЛАЗАР ПОП ТРАЈКОВ”

Атанас Близнаков пројавил голема активност во една од значајните асоцијации на Македонците од Гери, Индијана, Македонското заемно – спомагателно друштво ,,Александар Велики”. Иницијативата за формирање на вакво друштво постоела меѓу Македонците уште од поодамна, а еден од иницијаторите бил Атанас Близнаков.

Тоа било основано на 25 септември 1937 година, а регистрацијата е извршена на 23 февруари 1938 година, при што се удрени сите потребни печати и потписи од присутните. Било одлучено Друштвото да има редовни и вонредни членови кои се избирале на годишно собрание, како корпорација на доселениците од македонско и од бугарско потекло и нивните наследници кои живееле во Гери и во околината.

Целта на Друштвото ,,Александар Велики”, меѓу другото, била да го развива македонското народно чувство и да го продлабочува единството; да ги развива и поттикнува симпатиите кон нивната втора татковина САД; да ги јакне заемните врски, да насочува кон дружељубие и единство, да помага во духовното издигање на своето членство во случај на потреба материјално и морално да им помага на своите членови.

Со Друштвото управувал одбор од осум лица, избрани на годишно собрание, со мандат од една година. Притоа се избирале претседател, потпретседател, секретар, благајник, потсекретар и тројца членови на контролната комисија. Избирањето на управниот совет се вршело со тајно гласање, во текот на вториот неделен ден од јануари секоја година.

Правилникот на Друштвото бил усвоен на Првото општо собрание што се одржало на 15 мај 1938 година во Гери, Индијана. Според зборовите на Атанас Близнаков, тој се применувал сé до периодот на формирањето на Македонската православна црква ,,Св. Петар и Павле” во 1962 година.

Во периодот на дваесетина години Атанас Близнаков бил редовен член на Друштвото, а неколку пати бил избран и во советот. Неговата улога имала исклучително значење во формулирањето на насоките и дејностите на Друштвото кое уште со формирањето започнало да ги помага Македонците не само во САД, туку и во поделена Македонија. Всушност, членовите на ова македонско друштво биле претежно лево ориентирани и припаѓале на МАНС кој бил гласно-говорник за слободата на Македонија во една балканска федерација.

Исто така, друштвото ,,Александар Велики” било иницијатор  за формирањето на првата Македонска православна црква ,,Св. Петар и Павле” во Гери, под јуриздикција на свети Климентовата Македонска православна црква во Народна Република Македонија.

ab15-2

Тоа, всушност, бил период – пресвртница на духовното и на општественото живеење на Македонците во Америка кои, во периодот меѓу двете светски војни, претежно оние од егејскиот дел на Македонија, припаѓале на МПО и на МАНС и кои сега се свртеле кон слободниот дел на Македонија, помагајќи ја материјално, посебно изградбата на болницата и на други објекти во Македонија.

Атанас Близнаков бил верен и доследен член на друштвото ,,Александар Велики”, кое го помагал и финансиски и со своите напредни идеи. Затоа, со право се констатира дека неговата улога како честит Македонец била огромна во ова Друштво и секогаш со задоволство зборуваше за неговите активности.

Исто така, активноста на Атанас Близнаков во САД била тесно поврзана со дејноста на д’мбенското друштво ,,Лазар Поп Трајков” во Медисон. Со голема почит и респект раскажуваше за таа значајна асоцијација. Така, тој ќе напише дека идејата за организирање на Македонците и за формирање на македонските друштва во САД и во Канада како да ја наметнувал самиот живот.

Во рамките на англосаксонското море печалбарите се чувствувале осамени и затоа природно се наметнувала потребата да се организираат, да создадат свое катче каде што ќе имаат можност да го слушнат мајчиниот збор, да запеат и каде што во тешките моменти ќе примат совет или поддршка.

Затоа идејата за формирањ на заемно-спомагателни и културни друштва никнала во мислите на Македонците со самото доаѓање во Америка. Секаде каде што живееле повеќе Македонци се формирале такви друштва и во почетокот, главно, се здружувале печалбарите од исто село или околија.

Селските спомагателни друштва, се формирале во сите места каде што биле населени луѓе од односното село, а седиштата на друштвата се наоѓале во оној град каде што имало најголема концентрација, со тоа што во другите места постоеле ограноци.

Така, на пример, Друштвото на доселениците од селото Д’мбени, основано во 1906 година, во Статутот има предвидено формирање огранок во секое место во Америка и во Канада, каде што има повеќе од пет иселеници од ова село.

Поради тоа друштвото се викало ,,Д’мбенско спомагателно друштво за Америка и за Канада”. Неговото седиште било во градот Гери (Индијана) и таму секоја година на годишните собранија се собирале делегати од сите организации. Ваквата форма за поврзување била присутна кај повеќе друштва во Америка и во Канада.

Значи, по долги размислувања и дискусии, во почетокот на 1906 година во Медисон – Илиноис, на општото собрание, се поставиле основите на Д’мбенското добротворно друштво, на кое му било дадено името на Д’мбенскиот апостол и херој на македонскиот народ Лзар Поп Трајков, за кој Атанас Близнаков напишал и објавил голем број текстови.

Инаку, Лазар Поп Трајков е роден во 1878 година во селото Д’мбени. Тој учел прогимназија во Костур, за да стане потоа ученик во Машката гимназија во Солун, во која и го стекнал своето средно образование. Многумина уште од гимназиските денови активно се вклучиле во револуционерната борба. Меѓу најистакнатите од нив бил и Лазар Поп Трајков, како организатор на револуционерната акција во Костурско.

На Смилевскиот конгрес во јануари 1903 година Лазар Поп Трајков бил избран со тајно гласање заменик – член на Главниот востанички штаб. На 31 мај 1903 година (стар стил) тој учествувал во борбата на Локвата и Вињари, опишана во неговата поема. Неколку месеци по Илинденското востание завршил неговиот млад живот, исполнет со надежи и светла вера во иднината.

Друштвото „Лазар Поп Трајков“ располагало со свој клуб каде што имало и разни историски и други популарни книги за читање, а добивало средства од членски влогови и од добротворни прилози. Целта на ова Друштво била добротворна помагателна, но вршело и културна и просветна дејност, издигнувајќи ги своите членови во секој поглед.

ab15-3
Панорама на Гери

Исто така, тоа имало цел да ги помага своите членови кога имало потреба за тоа, да им укаже парична помош на вдовици и на сираци во селото, жртви на отоманскиот и на грчкиот тероризам, да собира средства за поправка на селското училиште и на црквата, за ограда на селските гробишта, за снабдување на селото со вода, за поправка на селските патишта и за многу други комунални и други цели.

Д’мбенското друштво ,,Лазар Поп Трајков” во САД направило многу корисни работи за жителите на селото. Знаејќи дека има голема потреба за вода, Друштвото собрало и дало парични средства за изградба на убава селска чешма. Така, во 1908 година водата што доаѓала во чешмата минувала преку земјени цевки, поради што многу од водата се губела, па затоа Друштвото испратило одредена сума пари да се купат метални цевки, подоцна да се изгради резервоар, а помогнало да се изградат и гробишта на крајот од селото.

Во почетните години, особено до Балканските војни, Друштвото ,,Лазар Поп Трајков” го помагало национално-ослободителното дело на Македонија и ги поттикнало и другите  македонски иселеници во САД да формираат слични друштва кои подоцна ќе примат една друга физиономија и ќе дадат драгоцен прилог за издигнувањето на македонската национална свест и ќе придонесат во барањето за неговата национална и социјална слобода.

Д’мбенското друштво ,,Лазар Поп Трајков” давало помош за решавање  на важни животни и комунални прашања во родното село. Така, во 1936 година испратило 2.600 долари за изградба на резервоарот за селската чешма. Исто така, на своите соселани коишто се префрлија во Р. Македонија по Народноослободителната борба и Граѓанската војна во Грција им пуштило облека, разни лекови и други потребни материјали во вредност од 480 долари, а настраданото Скопје од земјотресот во 1963 година го помогнало со 2.000 долари, итн.

Исто така, за време на Граѓанската војна во Грција Друштвото агитирало до сите д’мбенци во Америка да испраќаат што поголема помош до своите роднини и блиски.

Од историскиот развој на Друштвото ,,Лазар Поп Трајков” може да се заклучи дека за време на Втората светска војна бројни д’мбенци во Америка покажале готовност да се реорганизира друштвото. Значи, поради фактот што голем дел од нив останале засекогаш во Америка и немале намера да се вратат во родниот крај, сакале Друштвото да се реорганизира врз принципите и правилата кои одговарале на потребите и интересите на членовите во САД.

Притоа, во почетокот на 1944 година на општото собрание во Гери, била предложена и избрана комисија за изготвување Статут на Друштвото, чии членови биле Атанас Близнаков и Благој Попов. По изготвувањето на Статутот на 7 јули 1944 година на општото собрание, на кое биле присутни голем број  д’мбенци, бил усвоен овој важен документ чија цел била обединување на сите д’мбенци кои живеат во САД, развивање на културната и друга дејност, како и одржување контакти со сите д’мбенци, независно каде живеат.

Д’мбенското друштво било составено од три гранки: едната гранка се наоѓала во градовите Гери и Хамонд – Индијана, другата во Детроит – Мичиген, а третата во градот Медисон, во државата Илиноис. Секоја година во јули Друштвото свикувало годишен собир на кој доаѓале д’мбенци од цела Америка. На тие собири сите присутни дискутирале и решавале за успешното дејствување на Друштвото. Се приредувале банкети за сите членови и така задоволни во една мошне интимна атмосфера сите здружени ги поминувале викенд – собирите.

Спомагателното друштво под име ,,Д’мбени”, постоело и постои, исто така, во Торонто и во Виндзор, во Канада. Во 1940 година членовите на Друштвото коишто живееле во Торонто се издвоиле и организирале свое друштво, го зачувале истото име ,,Д’мбенско селско спомагателно друштво Лазар Поп Трајков”.

Во Втората светска војна бројот на доселениците во Торонто од ова село се зголемил. Новите доселеници ги донеле и првите недоразбирања меѓу членството.  Раководејќи се од заложбата дека Друштвото треба да ја зачува својата компактност, се донело решение да не го носи името на Лазар Поп Трајков. Тоа било направено и со цел да се избегнат проблемите што можеле да ги направат грчките власти во однос на имотите што некои жители од селото Д’мбени ги оставиле во Грција, како стравот од тоа да не им се забрани да ги посетуваат своите роднини и блиски во селото.

Друштвото ,,Лазар Поп Трајков” е регистрирано и работи и денес врз основа на определбите на Статутот, во кој се вели дека Друштвото ќе ги обедини иселениците и нивните потомци од селото Д’мбени и ќе развива љубов кон втората татковина САД и Канада. Исто така, ќе развива братска љубов  и ќе го јакне пријателството и моралот меѓу членовите, а ќе ги помага и своите членови и нивните семејства во САД, во Канада, во Д’мбени и во други земји.

Во име на почитта на Атанас Близнаков кон Лазар Поп Трајков во прилог поместуваме скромен дел одпоемата ,,Локвата и Вињари” во препев на Блаже Конески.

ЛОКВАТА И ВИЊАРИ
– 31 мај 1903 година, стар стил –

Пак доаѓам при вас, о врвови вишни,
по планини жедни, низ безводни спили,
да видам јас скрки и долинки скришни
што крвта ги багри на јунаци мили.

Да останат вечно спомените тешки
за војвода тука што остави снага,
за чета што тука во часови жешки
бој водеше страшен за слобода драга.

Блазе си ви, велам вам присои ладни,
што чувте кај грми на пушките екот,
пет векови гласат премрежиња страдни,
вик јуначки сега прогласува векот!

Сте честити сега, ве разбуди ете
на штикови ледни дрнкањето остро
и громкото ура, и Турчин се смете
млад војвода дека командува просто.

Неодамна тука потерата клета
ја чекавме да ја уништиме ние,
ја обзеде радост дружината сета
што може да бие, а не да се крие.

Настаната уште од ноќните сништа
јуначката чета, во раните зори,
пред сонце да пекне, – рој куршуми пиштат
и пукот ги стресе високите гори.

Лазар Поп Трајков
Берик, 21 јуни 1903 година
стар стил

Коментар на академик Блаже Конески кон преводот на поемата на Лазар Поп Трајков

Кон преводот на поемата ,,Локвата и Вињари” од Лазар Поп Трајков пристапив по сосем случаен повод. Нашиот земјак Атанас Близнаков, родум од Костурско, по многу години повратник од Америка, ми донесе пред извесно време препис од поемата, со молба да му ја прведам за неговата книга посветена на костурскиот крај. За моја срамота треба да признаам дека тоа беше првото мое среќавањео со тој текст, иако името на Лазар Поп Трајков ми е уште одамна познато.

Во разговорот што настана се кажа дека поетски превод (препев) на една олку долга творба, од над 250 стиха, би била тешка работа што бара не само многу време, ами и посебен однос и настроение кај преведувачот. Полесна е неизмерно задачата ако се оди на превод во ритмичка проза. Ние и се согласивме да се направи таква верзија.

Кога го прочитав дома текстот, пишуван на бугарски јазик, со малку примеси од костурскиот дијалект, пишуван од човек што не ја совладал докрај поетската вештина, – јас останав изненаден и пленет од изворната искреност и наивност, како и од силината на една длабока револуционерна вера. Тогаш ми помина низ глава мислата дека би вредело да му се доближи текстот на современиот македонски читател во поетски превод и дека, можеби, нашиот четворостепен амфибрах би бил многу погоден размер за освојување на ваква содржина.

Коментарот и преводот беа готови, кога ми втаса септемвриската книшка на ,,Стремеж” за 1978. Голема беше мојата изненада и големо беше моето задоволство кога видов дека е во неа објавена поемата на Лазар Поп Трајков во препев на Ташко Саров, со краток придружен текст од Гане Тодоровски. Видов во тоа знак дека не е мал и не е случаен интересот за таа поема во денешно време. И песните имаат своја судбина!

Продолжува

katin14
Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

Најново од: Дијаспора

Македонските православни верници во Салцбург добија нова црковна општина

Со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември беше означен почетокот на организираниот црковен живот на македонските православни верници во Салцбург и околината. Новата црковна општина ќе дејствува во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Македонските православни верници во Салцбург и околината добија нова црковна […]

Реџиналд де Бреј – угледен славист, поет, научник и македонист

Д-р Реџиналд Артур де Бреј беше составувач на новиот „Македонско-англиски толковен речник“. При посетата на главниот град на Австралија во 1992 година, авторот на овие редови, Славе Катин, го посети и домот на професорот д-р Реџиналд Артур де Бреј, член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав и професор на Австралискиот […]

Патот до успехот на Македонецот Роб Спасевски од Мелбурн

Од врвен фудбалер до успешен фудбалски тренер – тоа е пат исполнет со талент, дисциплина, жртви, искуство и постојана желба за победа. Додека кариерата на теренот бара физичка подготвеност, инстинкт и фудбалска умешност, преминувањето на тренерската клупа носи нови предизвици: тактичко знаење, психолошка зрелост, способност за мотивирање и, пред сè, лидерство. Таков пат изодел Роб […]

Соопштение на Централниот совет на Македонците во Германија против актуелните антимакедонски напади во бугарскиот парламент

Берлин, 13 септември 2026 Централниот совет на Македонците во Германија (Zentralrat der Makedonen in Deutschland e.V.) најостро ги осудува најновите историско-ревизионистички и шовинистички изјави, како и официјалната парламентарна иницијатива на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, поднесена на 11 септември 2026 година. Под изговор на спортски настан, Костадин Костадинов ја искористи говорницата на Народното собрание на Република […]

Академик Виктор Фридман – американски лингвист и бранител на македонската вистина

Пријатели на Македонија Виктор Фридман е американски лингвист, славист, македонист, балканист, граматичар и социолингвист, еден од најпознатите балкански слависти во светот. Ученик на Збигњев Голомб, еден од основачите на американската македонистика, Фридман работи во рамките на функционалната структуралистичка теорија на јазикот. Тој е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите од 1994 година […]

Лиана Коњарски од Мелбурн – најдобра одбојкарка во Премиер 1 лигата на Викторија

Македонката Лиана Коњарски од Мелбурн постигна голем спортски успех во Австралија. Со својот клуб „Yarra Ranges Volleyball Club“ ја освои шампионската титула во женската Премиер 1 конкуренција, а нејзините одлични игри беа крунисани со две големи индивидуални признанија – за највреден играч (MVP) и за најдобар техничар (Best Setter) во лигата. Гордост и радост владеат […]

Дијаспората заборавени од историската слика за 8-ми септември

Идејата за самостојна Македонија не се роди непосредно пред референдумот во 1991 година. Таа долго живееше меѓу македонците во дијаспората, дури и кога јавното залагање за независност можеше да донесе прогон, затвор и уништен живот. По повод 8 Септември – Денот на независноста и 35-годишнината од создавањето на самостојната македонска држава, под покровителство на претседателката […]

Европратеничката Ирена Јовева – бранител на македонскиот јазик и македонскиот идентитет

Европската Унија е наднационален и меѓувладин сојуз на европски држави. Под ова име е основана во 1993 година, со Договорот за Европската Унија, познат како Договорот од Мастрихт. Сепак, голем број нејзини институции и механизми постоеле и претходно, врз основа на договорите што датираат уште од 1951 година. Активностите на Европската Унија опфаќаат бројни области […]

To top