Фељтон

Богомили – Средниот Век во Македонија (2)

bogomili2

bogomili2

Ниту еден настан од средновековната историја не предизвика поголем духовен елан и хуманистичка ренесанса отколку Богомилското духовно движење настанато во Македонија. Тоа е едно од најважните и најинтересни културни и социјални манифестации од средината на 10-от век, која брзо се рашири во многу други земји и цели 5 века го тресеше од корен целиот феудален поредок во Европа. Како социјално-религиозно движење, Богомилството беше вистински ерес во очите на официјалната црква, која како нивен главен противник спроведе најостри мерки за да го забрани и искорени. Нејзините напори беа насочени пред се кон уништување на најважните извори на идеите на Богомилите, така што историчарите денес мораат да обезбедат информации за нив од индиректни извори, односно од полемички дела на нивните најогорчени непријатели.

Возвишените дела на духот и интелектот на човекот како она на Богомилите, чија доктрина ги потресе средновековните општествени односи до темел, се ретки во историјата на човечкиот напредок и мисла. учењето на попот Богомил, кој проповедал слобода на совеста, братство и еднаквост меѓу сите луѓе и народи, и дека царството на Бог и вечен мир може да се реализира и на земјата, зa oфицијалната црква беше сериозeн удар, бидејќи таа беше главен соучесник и чувар на феудалниот поредок и нечовечките односи кои владееја. Богомилите се откажаа од мистицизмот и манипулативната симболика на официјалната црква и донесоа вистинска вера на чувства и разбирање меѓу луѓето. Како што сите луѓе се еднакви пред бога, така никој нема право да командува со другите еднакви на себе, негови браќа и сестри, и затоа секоја моќ која е спротивна на учењето на Кристос за еднаквост мора да биде укината.

Како најдолна линија на Богомилскиот гностицизам беше воведен принципот на единство во природата и неповредливост на законите; во чија основа стоеше законот во однос на корелацијата помеѓу причината и последицата-факт. Ова покажува дека попот Богомил и неговото учење не биле надвор од влијанието на класичната филозофија: тој ги следеше стапките на Питагора, кој учел дека постои општ поредок во светот, а исто така и Аристотел, кој покажа дека во природата има почеток и крај, причина и ефект. Како дуалистичко учење, Богомилството е слично на антропоморфизмот на апостолите, на спиритуализмот на средниот век, и митологијата на древните пантеони.

Богомилите знаеја дека со оружјето на противникот многу побрзо и полесно ќе ги демаскираат сите негови слабости. И бидејќи целокупниот културен и социјален живот во средниот век бил управуван од страна на црквата, новите учења на Богомилите истотака добија религиозна форма. Приврзаниците на доктрината на Богомилството имаа едноставна хиерархија: Бабуните или Перфекти (лат. Рerfectii – „постари лидери“ беа главните учители-водачи или „свештеници“), Полу-Перфекти, и едноставни следбеници. Бабуните (Перфектите) не можеа да стапат во брак, ниту пак имаа имот или пари, и тие се жртвуваа за спасение на светот. Тие проповедаа против насилството, промовирајќи вечен мир. Во Богомилските заедници мажите и жените имале еднакви права и статус. Жените можеле да ги извршуваат сите функции во општеството, вклучувајќи ја и свештеничката. Се разбира, бидејќи кај богомилите немало строго определена црковна хиерархија, под свештеник се подразбирало човек кој го шири знаењето со збор и во дело.

Богомилите учеле на ненасилство, за нив пролевањето крв било најголем грев. Во своите најразвиени енклави тие не убивале ниту животни. Така, за време на крстоносниот поход против Катарите и Албигенците во Каркашон, Јужна Франција, католичката инквизиција го злоупотреби овој податок во својата кампања на гонење и убивање еретици. Имено, Богомилите воопшто не го сметале формалното изјаснување на припадност за важно, па ги поттикнувале своите припадници да лажат за нивната вероисповед, ако нивниот живот или животот на некој друг зависи од тоа. Кога инквизицијата го освоила Каркашон, стотици од нив се изјасниле како „Католици.“ Но, како доказ за тоа инквизицијата побарала од секој поединечно да заколе куче или некое друго животно. Згрозени од идејата да одземат туѓ живот, повеќето од нив одбрале доброволна смрт. Во истата војна против еретиците, кога заповедникот на освојувачите, Арно (Arnaud), бил запрашан за тоа како да ги разликуваат Катарите од Католиците, тој одговорил: „Caedite eos. Novit enim Dominus qui sunt eius.“ (Убијте ги сите, бог ќе ги познае своите.)

Богомилите се нарекувале себе „христијани“ или едноставно „добри луѓе“. Тие учеле дека вистински христијанин се станува само во срцето, а не преку ритуали и формална припадност кон црквата. Љубовта ја сметале за врвен принцип преку кој човек може да се продухови и да се оствари во потполност. Тие не го гледале телото како грешно, ниту пак физичката љубов и репродукцијата. За нив животот бил божји дар, кој треба со мудрост да се искористи.

Богомилството со своите принципи и идеи беше сосема оригинално социјално и културно учење, што произлезе од социјалните феудални услови на средновековниот живот во Македонија. А потоа, бидејќи беше осудено како илегална „верска секта,“ Богомилството стана во голема мерка движење на отпорот за социјална правдина, и брзо беше во можност да привлече маса на следбеници од најниските класи, особено меѓу селаните. Тоа отворено ги поттикнуваше на побуна против угнетувачите, со своето проповедање за еднаквост и борба против феудалните злоупотреби.

Со нивното учење Богомилите беа патоказ за многу селански бунтови, не само во Македонија и Балканот, туку и во останатите делови од Европа. Тие предложија да се изврши експропријација на земјиштето и сите добра на манастирите, црквите и феудалците, и исто така, да се укинат разликите помеѓу класите и приватниот имот да се подели на фер начин. Во заштита и одбрана на интересите на народот, Богомилството се појави како едно од најнапредните социјални и културни движења.

Сите овие учења на Богомилите сериозно ги загрижија владетелите на средновековната политичко-општествена реалност, бидејќи материјалните интереси на тираните во феудалното општество беа директно погодени и загрозени од оваа слободољубива доктрина. Соодветно на таквата директна опасност по нивната владеачка позиција, кристијанската црква започна дури крстоносни војни против нив…

Васил Чулев

(продолжува)

Најново од: Фељтон

РАЗБОЈНИШТВОТО ВО РЕКАНСКО И НЕГОВОТО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ МИЈАЦИТЕ

Во „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев пишува и за беззаконието, разбојничките напади и насилствата врз населението во Реканскиот крај во последните векови од османлиското владеење. Во услови на ослабена државна власт, особено во планинските и пограничните области, се појавувале вооружени групи што ги ограбувале селата, ги пресретнувале трговците и печалбарите и барале откуп од побогатите […]

МИЈАЦИТЕ СО ЧЕТКАТА И ДЛЕТОТО ОСТАВИЈА МАКЕДОНСКИ ПЕЧАТ НА БАЛКАНОТ

Во својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев посветува особено внимание на уметничката и градителската дарба на Мијаците. Од малите планински села во Реканскиот крај произлегле бројни зографи, копаничари, иконописци, архитекти и мајстори-градители. Организирани во семејни тајфи, тие работеле низ Македонија и во многу други краишта на Балканот. Со четката, која во мијачкиот говор се нарекувала […]

ИСТОРИСКИ БЕЛЕШКИ ЗА МИЈАЦИТЕ, БИГОРСКИОТ МАНАСТИР НИЗ ВЕКОВИТЕ

ИСТОРИСКИ БЕЛЕШКИ ЗА МИЈАЦИТЕ, БИГОРСКИОТ МАНАСТИР НИЗ ВЕКОВИТЕ Во продолжение на петтото поглавје од „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се задржува на историјата на Бигорскиот манастир „Свети Јован Претеча“. Подигнат во 1020 година, Бигорскиот манастир „Свети Јован Претеча“ бил нем сведок на византиското, српското и османлиското владеење во Македонија. Во текот на своето повеќевековно постоење […]

БИГОРСКИОТ МАНАСТИР – ДУХОВНОТО СРЦЕ НА МИЈАЧКИОТ КРАЈ

Во „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев пишува за Бигорскиот манастир „Свети Јован Претеча“, едно од најзначајните духовни и културни светилишта во Македонија. Сместен над долината на Радика, меѓу планинските ограноци на Бистра, Дешат и Кораб, манастирот со векови бил средиште на верскиот, просветниот и културниот живот во Реканскиот крај. За Мијаците Бигорскиот манастир не бил […]

МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА“ И ИЗБОРОТ НА ЈОВАН ДЕБАРСКИ

Во продолжение на својата „Книга за Мијаците“, Георги Трајчев се обидува да ја утврди местоположбата на манастирот „Света Богородица“, во кој Јован Дебарски бил игумен пред да биде избран за поглавар на Охридската архиепископија. Поради недостигот од непосредни пишани извори, Трајчев се потпира врз старите преданија зачувани меѓу населението од Реканскиот крај. Според нив, манастирот […]

Јован Дебарски – првиот охридски архиепископ по падот на Самуиловото царство

Историски белешки за Мијаците Многу малку се знае за животот на Јован Дебарски, кој управувал со Охридската архиепископија од 1018 до 1037 година. Тој бил поставен на нејзиното чело по падот на Самуиловото царство и воспоставувањето на византиската власт во Македонија. Во тоа време, со одлука на византискиот император Василиј Втори, Охридската патријаршија била сведена […]

Историски белешки за Мијаците

Мијаците – древно словенско племе од Солунското Поле Во третиот дел од фелтонот посветен на „Книга за Мијаците“ од Георги Трајчев се разгледуваат преданијата за древното потекло на Мијаците, нивната можна поврзаност со Самуиловата аристократија, белезите на благородничкото наследство и значењето на мијачкиот крстат бајрак. Како прилог кон тезата за древноста на Мијаците, Трајчев се […]

Мијаците – древно македонско племе со корени од Солунско до Реканскиот Крај

Истражувајќи го минатото на Мијаците, прилепчанецот Георги Трајчев (1869–1945) во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија во 1941 година, забележува интересни податоци за нивното древно потекло. Трајчев го пренесува тврдењето на Благоја Димитров, публицист, општественик и добар познавач на старогрчкиот јазик, според кое во Битола бил откриен гроб од римско време со натпис што […]

To top