
ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА
Јакнењето на Лизимах било причина што во 281 п.н.е. дошло до последна пресметка меѓу останатите два дијадохи, Лизимах и Селеук, кај Курупедион, западно од Сард во Мала Азија. Во оваа војна, битката ја изгубил Лизимах, кој паднал на бојното поле, на 75 години. Кралот Селеук станал господар на цела западна Мала Азија и соседните острови. Неговата војска го прокламирала Селеук за „македонски крал“. Но, се приближувал крајот и на Селеук. Стариот крал, кој поголемиот дел од животот го минал војувајќи во Азија, посакал останатиот дел од животот да го мине во саканата Македонија. За крал на Азија го именувал својот син Антиох. По сите овие победи, му се чинело дека веќе станал наследник на царството на Александар Велики. Само едно нешто не можел да предвиди, а тоа биле амбициите на Птолемеј Кераун, законскиот наследник на Македонското египетско кралство, кој посакувал и тој да стане крал на Македонија, зашто на египетскиот престол дошол неговиот полубрат Птолемеј Филаделф.
Кога Селеук, кон крајот на зимата 281/0 ги минал Дарданелите во правец на Македонија, во близина на Лизимахија, Птолемеј Кераун потајно го убил стариот крал Селеук. Сметајќи се себе си како одмаздувач на Лизимах, во пролетта 280 п.н.е., успеал да се прогласи за македонски крал. Со смртта на Селеук, била завршена борбата околу наследството на Александар. Епигоните ја прифатиле идејата за самостојни независни држави. Но, еден крупен настан во самиот почеток на новиот период, големата инвазија на Келтите, влијаел на распределбата на силите.
Како крал на Македонија, Птолемеј Кераун–Громовник морал да се спротистави и да ги реши многубројните проблеми. Најпрво успеал египетското македонско кралство да го признае за крал на Македонија, откако претходно се одрекол од египетскиот престол. Имено, во меѓувреме во Египет умрел кралот Птолемеј Сотер (283), оставајќи му го престолот на својот син Птолемеј II Филаделф, од вториот брак со Береника, кој веќе од 285 п.н.е. управувал наместо татко му. Незадоволен Птолемеј Кераун пребегнал кај Лизимах.
Потоа со Пир воспоставил добри односи и му помогнал во војска за да го комплетира неговиот поход на Италија. Истовремено го решил проблемот со кралицата на Тракија и склопил договор за ненапаѓање со кралот Антиох, син на Селеук, а за возврат Птолемеј се откажал од претензиите кон малоазиските територии. Така, единствен негов противник останал Антигон Гоната, син на кралот Деметрије. Тој располагал со голема флота во грчките бази и бил единствен законски наследник на македонскиот престол.
Меѓутоа, најголем проблем за време на владеењето на Птолемеј Кераун во Македонија претставувала инвазијата на Келтите, кои ја напаѓале Македонија и претходно, кон крајот на IV век п.н.е., но успешно им се спротиставувале кралевите Касандар и Лизимах.

Во борбите со Келтите, 280/279, Птолемеј претрпел катастрофален пораз и сам загинал во битката. Келтите пљачкосувале по целиот Балкан, сè до Делфе. Меѓутоа, кај Лизимахија во Тракија, Келтите биле потполно по-разени во 227 година п.н.е. од страна на Антигон Гоната и трајно се населиле во Галатија.
Антигон Гоната по тешкиот пораз кој им го нанел на Келтите, 277, и формално во 276 п.н.е. бил прогласен за крал на Македонија, иако титулата ја имал уште во 283 п.н.е., по смртта на својот татко Деметрије. Антигон умрел во 239 п.н.е. Наследник бил кралот Деметрије II (239-229), следат Антигон II, Досон (229-221), Филип V (221-179) и Персеј (179-168).
Во време на династијата Антигониди, Македонија се развивала нормално во општествено-политичка, еко-номска и културна смисла. Продолжила изградбата на нови градови, пристаништа и тврдини (Стратоника кај Стагира, Антигонија, два града во Пеонија итн.)
Резимирајќи го целиот тек на владеењето на кралската династија Антигониди (276-168 п.н.е.), Македонија била цврст бадем над кој се кршеле нападите на варварите од север, Грците, дијадохите и епигоните. Во овие разгледувања не се изнесува улогата на одделни кралеви од династијата Антигонида, единствено ќе има некој збор за „феноменот“ на кралот Пир.
Имено, за време на дијадохите, Птолемеј ја омажил својата ќерка за војсководецот по име Пир (318-272). Потоа, неговиот тест, 279 п.н.е. го испратил Пир со војска и големо богатство да стане совладетел на кралот Неоптолем, кој бил наследник на кралот Александар, вујко на Александар Македонски. Меѓу Молосите Пир стекнал многу приврзаници и желен за самовласт го убил Неоптолем, 294 п.н.е. Во текот на своето владеење Пир бил војнички многу активен на тлото на Елада, Македонија, Италија и Сицилија.
Во битките против Римјаните кај Хераклеа и Аскула (280 п.н.е.) ги победил, но со големи загуби. Тоа била „пирова победа“, аксиом за прескапа победа, која чини повеќе жртви отколку што вреди. Но без двоумење, Пир бил најголем стратег на своето време. Ханибал го нарекол „мајстор на стратегијата“. Меѓутоа, и покрај големите војнички особини, немал политичка стабилност и не умеел да ги искористи плодовите на својата победа.
Во духовна смисла, Македонија а пред сè нејзината престолнина Пела, не заостанувала во напорите за собирање и развој на културата на Балканот, иако со време, центарот на македонската наука се преместувал во Александрија, Антиохија и Пергам.
Двигател на сите активности бил кралот Антигон Гоната (277 п.н.е.), кој бил и основач на династијата Антигониди (277-168), еден од најголемите владетели, политичари и филозофи на своето време (Papastavrou, 1972, 498).
На македонскиот двор создавале многу филозофи, книжевници, поети, историчари, научници, архитекти, скулптори, астрономи, математичари, географичари, глумци итн.

Меѓу нив е филозофот Менедем, следбеник на стоичарот Зенон (366-264), кој ја развил „стоичката етика“ или етиката на должностите, дека главната цел на кралот е да им прави услуги на своите поданици. Овој филозофски правец, за првпат во човештвото, бил официјално применуван од кралот Антигон Гоната. На оваа основа кралот создал духовно движење кое стасало до Индија и влијаело на царот Ашока (273-232) и придонело за ширење на будизмот во Азија.
Вториот ученик на Зенон, Персеј, кој долго живеел во Македонија, покрај другото напишал и две студии, и тоа една за ликот и делот на кралот Антигон, а другата за општественото уредување на Спарта. Меѓу прочуените филозофи на тоа време бил и Био, кој прв ја поедноставил-симплифицирал филозофијата.
Од македонските писатели се истакнувал Посеидип, кој е роден во Пела, а живеел во Александрија. Потоа поетот Арат, составувач на песните „Феномени“ и „Еноптра“, во 1154 хексаметрички стихови. Во нив авторот, во по-етска смисла ги запознал Македонците со египетската астрономија и метеорологија. Неговите творби ги правел римскиот говорник, филозоф и писател Цицерон (106-43).
Други поети на македонскиот циклус биле Антагор, Родиски, Александар Етолски, Тимо итн. Од скулпторите треба да се спомне Лисип единствен кому Александар му го дал својот лик да го изработи.
Од историчарите може да се наведе Кратер, кој ја напишал „Историјата на Атина“, Хиероним, автор на „Историјата на наследниците од смртта на Александар до Пир“. Него го сметаат за истакнат историчар рамен на Тукидид и Поливија.
За дострелите на македонската култура од тоа време, сведочат современите археолошки наоди, историските и книжевните творби, големиот број градови и нивното богатство во римскиот период, како и големиот воен плен на Римјаните при окупацијата на Македонија.
Пишуваат:
Академик Антоније Шкокљев-Дончо

Славе Николовски – Катин