|
||||
Зубовце, Свети Трифун – 2013 |
Во чест на Св.Трифун заштитникот на лозјата и градините, на 14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар денес во Зубовце се одбележа обредното закројување на лозјата.
Во име на Св. Трифун, сиромашниот чувар на гуски, а богат со Божја благодат и исцелителна моќ која ја употребувал против злите сили, зубовчани и граѓани од Гостивар и околните села се собраа покрај Светиот Крст на местото викано „Мал Камен“, на овој православен христијански празник, како секоја година да ги продолжат традиционалните обичаи. Во присуство на свештеници на МПЦ-ОА и молитва, најпрво се закројаа лозниците, а потоа со скромна братско-сестринска трпеза и на далеку познатите зубовски колбаси, црвеното вино и ракија, како главни белези на овој ден, верниците го прославија во селската црква Св. Огнена Марена со верба дека и годинава ќе ги заштити плодните ниви кои ќе дадат богат и квалитетен род. За прв пат годинава на оваа церемонија имаа чест да присуствуваат и членови на Унијата на жени на Општинскиот и Месните Комитети на ВМРО-ДПМНЕ од Гостивар и гостиварско. Оваа година, двајцата кумови кои беа избрани мината година, со две погачи во кои се крие по една паричка, го предадоа кумството на други двајца кумови или поточно куми. Бидејќи жените доминираа со своето присуство, идната година честа да ја организираат прославата за Св. Трифун во Зубовце им припадна на две членки од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. И секако, според традицијата едната од нив е жител на с.Зубовце, а другата од Гостивар. Радоста, среќата и задоволството беа неизбежни, како за нив така и за останатите. Св. Трифун во Зубовце денес се прослави и со цел да не се заборават корените, да не се заборават вековните обичаи и традицијата, да не се заборави добрата мисла, желбата за дружба и добра иднина на Македонија, која во Зубовце е останата како аманет од старите генерации. На овој ден се покажа колку е голем Бог во кој силно верувал Св.Трифун и поради тоа бил осуден на смрт, колку Македонците од Гостивар, Зубовце и околните села се големи верници и колку ваквите празници можат да не сплотат нас Православните Христијани во Македонија. За убаво и за многу години. АМИН! Фотографии Александар Ѓорѓиев |