|
|
Ако е забавено, да не е заборавено! |
КОЈ БИЛ КРСТЕ ЦРВЕНКОВСКИ? Томе Велјановски- Гетеборг, Шведска Крсте Црвенковски (1921-2006) е роден во селото Дабница, на два километри северно од Прилеп, растел и се школувал во Прилеп. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Учесник бил на младинските демонстрации на Шаторов Камен над Прилеп, во 1940 година, против српскиот режим во Македонија. Бил претседател на скоевската младинска организација во Прилеп. Бил член на Извршниот комитет на Комунистичката партија за Прилеп, во 1940 година и политички илегалец во 1941 година. Учесник при нападот на бугарскиот полициски участок на 11 октомври 1941 година, во Прилеп. Бил испратен од страна на КПМ за политички комесар во Западна Македонија под италијанска окупација, за дигање на Македонско востание во тие краеви за ослободување на Македонскиот народ од окупаторските чизми и од домашните слуги, балистите. Крсте Црвенковски бил заробен од италијанската жандармерија, осуден и затворен во Тиранскиот затвор. После шест месеци, преку ископан канал во затворот, заедно со другите затвореници избегал од затворот и се вратил во Западна Македонија, каде продолжил да работи како политички комесар за будење на народот за борба против окупаторите во Македонија. Крсте Црвенковски е учесник во Фебруарскиот поход од декември 1943 до фебруари 1944 година, каде неговата сестра Доста, при еден судир во Кавадаречко со бугарската војска, е убиена. По ослободувањето Крсте Црвенковски зазема високи политички функции во владата на НРМ. Едно време е избран за претседател на просветата на НРМ. Во 1953 година е одликуван за Народен херој на НРМ а, исто така, има добивано повеќе одликувања, како од југословенската заедница така и надвор од Југославија, за неговата работа и труд. Сепак, мислам на Петтиот конгрес на КПМ, во 1964 година Крсте Црвенковски беше избран за претседател на КПМ, на местото на дотогашниот претседател Лазар Колишевски. Со доаѓањето на Крсте Црвенковски за претседател на КПМ, осетно нешто почна да се менува во Македонија. Почна да се намалува иселувањето на македонските Турци за Турција, а исто така, да се намалува доселувањето на босански и санџаклиски фамилии во испразнетите турски куќи во Македонија, кои дотогаш беа насилно иселувани за Турција под притисок на тајната политика што ја спроведуваше над нив Министерот за внатрешни работи на Југославија, Србинот Александар Ранковиќ. Во истата, 1964 година беше испеана песната „Земјо Македонска“ од Васка Илиева. Сите Македонци во светот ја носеа на срце, беше песна на сите слави и собири низ цела Македонија. Во 1965 година излезе песната „Зошто си ме мајко родила“, политичка песна посветена на македонските емигранти како утеха за ублажување на нивните носталгии према своите роднини и родниот крај. Некаде во половината на мај месец, во 1966 година, Министерството за внатрешни работи на Југославија со одрден број на делегати, меѓу нив и Крсте Црвенковски, на чело со Министерот за внатрешни работи, воедно и потпретседател на СФРЈ, Александар Ранковиќ, по националност Србин, беа на посета на Советскиот Сојуз, во Москва. По враќањето на споменатата делегација од Советскиот Сојуз, на Бриони на Четвртата Пленарна седница на Претседателството на СФРЈ, се изгласа една Комисија од четири члена, на чело со Крсте Црвенковски, за испитување на работата на Министерството за внатрешни работи на Југославија на чело со министерот за внатрешни работи, воедно и потпретседател на Претседателството на СФРЈ, Александар Ранковиќ. Комисијата изнашла многу неправилности во работата на министерот Ранковиќ, кој се однесувал како „држава во држава“ со неговата работа. На претседателот Тито му била поставена шпионска мрежа за прислушкување од страна на УДБА. И самиот Ранковиќ го прислушкувал секој негов здив и чекор, каде и му се припремало најлошо сценарио на Тито. На 30 мај 1966 година на Бриони беше разрешен министерот Александар Ранковиќ од дотогашните функции, заедно со неговиот ближен соработник, исто така, Србин по националност, Светислав Стефановиќ и двајцата беа пензионирани. Се слушна глас меѓу народот дека „на Бриони е сменет Југословенскот Берија“. Пред сменувањето на Ранковиќ, ЈНА беше ставена во готовност, се спиеше под стрес, под оружје, опашани со муниција. Само војниците што беа во тој момент во ЈНА знаат како изгледаше сето тоа, а за обичниот народ беше обична бајка, приказна. Александар Ранковиќ беше повикан и сменет на Бриони, а не во Белград. Самиот Тито се плашеше да го смени во Белград, бидејќи Александар по националност беше Србин и Тито се плашел да не дојде до проширен конфликт, а исто така, и мешање на двата воени блока НАТО и Варшавскиот договор. Навистина во тој момент тоа личеше на некој си припремен воен удар во Југославија. Но, не се случи ништо, состојбата се смири и државата продолжи да функционира како дотогаш. На 18 јули 1967 година, во црквата Света Софија, во Охрид беше свикан општ македонски црковен собир и беше прогласена Автокефалноста на Македонската православна црква, за самостојна црква и беше избран Митрополитот Доситеј за поглавар на МПЦ. На 02.09.1967 година во Скопје беше основана Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а за нејзин претседател беше избран Блаже Конески. Овие две македонски институции, додека беше на функција Александар Ранковиќ не смееја да се споменат, а камо ли да се основаат. Благодарение на пожртвуваноста на Крсте Црвенковски и некои негови истомисленици, инаку и ден-денес не ќе ги имавме и ќе видевме каква држава ќе бевме. Ќе бевме некоја автономија. Српското народно собрание за овие новоосновани институции поднесе тужба во Септември 1967 година до Врховниот суд на СФР Југослаивја, но нивната тужба не беше прифатена од судот, затоа што се работи за друга Република, а не за Србија. Во пролетта 1968 година се појави песната „Македонско девојче“, која беше симбол на македонското битие и се пееше и играше на сите свечености низ Република Македонија, а исто така и надвор, кај Македонскиот народ во туѓината. После одржувањето на Петтиот конгрес на КПМ, во ноември 1968 година, Крсте Црвенковски го отстапи местото претседател на КПМ, ја напушти македонската влада и замина на работа во Федералната влада на Југославија, во Белград и стана близок соработник на Тито. Тој во Федералната влаада не седеше со скрстени раце. Тој таму се бореше за македонските правдини. Тој бараше од штабот на ЈНА да има повеќе офицерски кадар од Македонија. Имаше Крсте речено: „Ние Макдонците во армијата даваме повеќе обични војници и десетари, затоа сакаме да бидеме застапени со повеќе капетани и генерали. Исто така, барал платите на работниците во Македонија да бидат рамноправни со платите на работниците во другите Републики. По барањето на Крсте Црвенковски беа донесени законите да има повеќе генерали во ЈНА, Македонци и да се служи воениот рок со 60% во својата Република. По сменувањето од потпретседател на Александар Ранковиќ, во 1966 година Тито немаше свој заменик и затоа во пролетта 1971 година беше поставен Македонецот Крсте Црвенковски за Титов заменик, потпретседател на Претседателството на СФРЈ. Тоа беше еден голем шок за многу југословенски политичари, кој себе си се сметаа за наследници на Тито, а и самите Македонци, заслепени од љубомора и самоуништување, беа против Крсте. На 01.12.1971 година, во Загреб избувнаа улични демонстрации против Југословенскиот режим. Армијата излезе со тенкови и ги сузбијаа демонстрациите. Претседателот Тито не беше тука, беше на посета во Африка, а како потпретседател Крсте Црвенковски ја смири состојбата без крвопролевање. По смирувањето на демонстрациите, новинарските куќи загребски „ВУС“ („Весник во среда“) и белградскиот „НИН“ побараа интервју со Крсте Црвенковски, сé за демонстрациите. Крсте Црвенковски убаво објасни дека „вакви демонстрации на диво можат да бидат со големи последици во СФРЈ. Нашата држава му ги гарантира правата подеднакво на сите жители, каде и да живеат во нашата држава СФРЈ. Нашата држава има шест Републики и две Покраини кои се составен дел на СР Србија, а тоа се Покраините Војводина и Косово и Метохија. Републиките со национални имиња се: Словенија, Хрватска, Црна Гора, Македонија и Србија и се именувани по своите нации. Овие нации се носители на својата држава. Останатите народи што живеат во државата се национални малцинства, но ги уживаат истите права, без разлика на националност и религија“, рече Крсте Црвенковски во интервјуто со новинарите. „Имаме уште шеста Република, а тоа е Босна и Херцеговина. Во оваа Република носители на својата држава се Босанците муслимани, Хрватите католици и Србите православни. Состојбата во Загреб се смири, ама на Крсте Црвенковски му залепија етикета како меко пристапил према демонстрантите, и како пријател на Хрватите беше доста критикуван поготово од српските информативни гласила и нивните радија и телевизијата. Како Крсте повеќе пишува за него, отколку за претседателот Тито. Тој повеќе пишува за Република Македонија, отколку за СФРЈ и токму заради тоа преку медиумите го означија како македонски националист. Од Собранието на Србија беше речено дека „Крсте Црвенковски за Белград е мртов и закопан“. Се слушнаа политички дофрлања од страна на високи српски политичари „Што сме добиле во војната, го изгубивме во мирот“. Тоа се однесуваше за Република Македонија, која од српска бановина стана Македонска држава. Исто така, Србите нафрлуваа со зборови дека Македонците ѝм убиле два крала, кралот Александар Караѓорѓевиќ и министерот потпретседател, Александар Ранковиќ. Српските политичари мразејќи го Крсте Црвенковски пуштија пропаганда према Север, не им успеа, па пуштија према Југ низ Македонија, во тоа успеаја со македонските изроди. На 27.12.1971 година во Скопје беше одржана седница на КПМ со затворена врата. Од Белград се вратија Крстевите критичари на чело со Козаро и заедно со домашните Крсте беше искритикуван и одстранет од македонската политика заедно со Славко Милосавлевски, како македонски националисти. Крсте Црвенковски остана како потпретседател на СФРЈ до неговиот тригодишен мандат, до крајот на пролетта 1974 година, како потпретседател во сенка. Крсте после мандатот на потпретседателското место во Претседателството на СФРЈ се врати во Скопје. Беше политички изолиран од македонските власти, заборавен, политички обесправен, пратен каде се движи. Народот му го сврти грбот, во јавноста го немаше никаде. Единствена странка која што го поддржуваше беше Македонската политичка организација во дијаспората ДООМ, преку својот весник „Македонска Нација“. Народот во Македонија му измисли разни понижувачки вицеви на Крсте, како внатре во РМ, така и надвор во дијаспората. Како Крсте го возел внучето во покриена количка поради што личело на него, како мајмун. Исто така, и во Прилеп не беше многу омилен, небарем на некоја јавна трибина, односно говорница Крсте рекол дека „Прилепчани можат да живеат од тутунот“. Ако рекол Крсте така, Прилепчани не ја разбрале неговата мисла. Ако суровината е домашна, фабриката за преработка е дома, во Прилеп, значи ќе има работа во фабриката за преработување на тутунот, во која беа вработени 3.000 редовни работници, кои „го вадеа лебот“ од тутунскиот монопол (Тутунскиот комбинат) во Прилеп. А да не ги мешаме производителите од Пелагониското поле, каде секоја куќа произведуваше тутун. Да се прашаме, што ќе беше денес со прилепскиот монопол и целокупното македонско население, ако монополот беше расформиран како во Штип, каде машините од штипскиот монопол набавени уште од Турската империја беа преселени во Ниш. И Тутунската комора на Југославија не успеа на тој план и со прилепскиот монопол да биде преселен во Ниш, благодарение на тоа што се најдоа македонски мажи тоа да го спречат, како што беа Крсте Црвенковски, Бисерко и други. Крсте Црвенковски не ги поништи козите, афионот, свилената буба, памукот, сортата лоза Зајачара, Талјанка итн. Додека Крсте беше на власт во Македонија се формираа најголемите индустриски и земјоделски комбинати, сточни и живинарски фарми итн. Крсте Црвенковски останува најголемиот македонски владар од тоа време. Тој останува историска личност. Со неговите истомисленици, со пот и крв ја створија оваа денешна Република Македонија. Именувањето „Народен херој“ него никој не му го подари, ниту го украде од некого туку, самото негово дело му го подари. Ако некој е против Крсте Црвенковски автоматски против е и кон неговите другари Кузман Јосифовски - Питу, Мирче Ацев и сите други херои во Прилеп, како и против нивните соборци чиј вкупен број е некаде над 630, чии имиња се врежани на Могилата на непобедените во Прилеп, а исто така, против е и кон сите живи и мртви борци кои што ја створија оваа Македонска држава. Крсте Црвенковски е „пиреј“ (троскот) во македонската историја, неуништлив. На Крсте треба да му се направат спомениции во Скопје, пред МАНУ, пред Соборната црква, неговото име да го носат училишта, улици, булевари, да му се направи споменик кај Могилата на хероите во Прилеп, до споменикот на неговиот воен другар и сограѓанин Ченто во Прилеп, затоа што настрада исто како Ченто од македонски изроди. Крсте Црвенковски треба да го почитуваат сите, затоа што го отстрани од власт негаторот на македонската држава, Александар Ранковиќ и ја спаси Македонија да не постани втора босанска и санџанска држава. На 24.07.1990 година, по повод чествувањето за Методија Андонов Ченто во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп, на кое беа присутни Крсте Црвенковски и Вера Ацева, во разговор со нив Крсте рече: „Кога тргнавме за партизани излеговме неспремни, само со по едно парче леб во џебовите. Се снајдовме со оружје, народ поведовме и ја направивме оваа Република Македонија, држава. Но, на некој му пречи оваа држава и настојува да ја поништи“. Понатаму Крсте рече: „Ние, Македонците сме чуден народ. Сами си ги сечеме крилјата, ги ништиме своите способни политичари, како Шаторов, Шатев, Влахов, Ченто и др. Но, ако ни одредат некој водач однадвор од Македонија, ние го прифаќаме“. Во разговорот, му реков: „Чичко Крсте, Вашите политички ставови за Република Македонија се поддржани од политичката организација во дијаспората ДООМ и бранети преку нејзиниот весник (списание) „Македонска Нација“. Крсте се поднасмеа и рече: „Верувам дека не сум осамен. Дека има и други што ги штитат ставовите за македонскиот интерес“, потоа продолжи: „Дете, денес слушам се натегаат разни идеолошки сили, леви, десни итн. Пред сé треба да се води сметка за македонското чувство за опстанок на македонскава држава. На Македонецот никој не му ја подари, сам си ја створи со разум, морал, пот, крв и жртви и така треба да се брани“, рече Крсте Црвенковски. „Македонскиот народ после Првата светска војна беше распарчен, обесправен од балканските капиталистички-шовинистички држави. Немаше пријатели околу себе да го штитат. Затоа тогашните македонски политичари, поткрепа и надеж бараа во левите светски сили под закрила на Интернационалната коминтерна. Во таа Интернационална коминтерна имаше вработено македонски политичари од повисок ранг, како Методија Шаторов Шарло, Трајко Мишковски (Орлов), Димитар Влахов, Павел Шатев кој настрада во одбрана на Македонската кауза. Македонската историја не треба да ги заборави овие личности кои од мал народ нашле место на високо ниво во светската политика, во Коминтерната, тоа е гордост за сиот Македонски народ“, рече Крсте Црвенковски во разговорот со него во Домот на културата „Марко Цепенков“, во Прилеп, на 24.07.1990 година. „Еве. денес сме собрани овде да му оддадеме почит на првиот претседател на АСНОМ и НРМ, прилепскиот граѓанин Методија Андонов Ченто. Иако не беше во Коминтерната беше голем македонски патриот. Историјата не треба да го заборави“, рече Вера Ацева во истиот разговор што го имавме и со Крсте Црвенковски во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп. Како што ги признаваат Крсте и Вера нивните претходници политичари за големи Македонци, исто така, и ние треба да ги признаеме и почитуваме нашите претходни политичари како што беше Крсте Црвенковски изникнат од мал народ и стана подпретседател на држава признаена во светот. На таа одговорност – должност, сакале признале или не, Крсте на многумина Југословенски политичари им ги расипа угледите што се замислуваа за наследници на Тито. Ние Македонците треба да се гордееме што сме дале подпретседател на Федералната југословенска држава 1945-1991 година. Историјата тоа си го запишува и не може никој тоа ниту да го негира, ниту да го избриши, му се допаднало на некој, или не, тоа си е така. |