|
|
Избори во организацијата „Обединети Македонци“ од Торонто |
Пишува СЛАВЕ КАТИН На 26 април оваа година во просториите на соборниот храм на македонската православна црква “Свети Климент Охридски” во Торонто се одржаа избори на македонската национална организација “Обедините Македонци” од Торонто, Канада. Оваа организација е прва национална институција во македонската дијаспора која ги собра Македонците од Торонто и пошироко од Канада и САД, а кои потекнуваат од сите делови на Македонија да се организираат на национална основа. За прв претседател на организацијата “Обединети Македонци” во 1959 година беше избран доселеникот од Егејска Македдонија Џеимс Сандерс, а потоа, претседатели биле познатите и признати иселеници: Џан Гивенс, Џими Трентос, Тели Мариовче, Антон Павлов (Опашинов), Петре Василевски, Никола Стојановски, Бранко Стојчевски, Трајан Теговски, Мендо Бакаловски, Стив Плиакес, Драган Џолгановски, Владе Гроздановски, Драги Стојковски, Борис Мангов и Џими Смагранов, од кои повеќемина биле избрани повеќе пати на чело на Организацијата На сегашните избори за наредните две години за претседател е избран Мендо Бакаловски, познат и признат активист во македонската заедница во Торонто, кој потекнува од селото Драгош, Битолско. Мендо Бакаловски бил неколку пати претседател на организацијата “Обединети Македонци”, како и на македонската православна црква “Свети Климент Охридски”. За секретар на организацијата, пак, е избрана младата и перспективна дама Елизабета Медичкова. Инаку, во историјата на организацијата “Обединети Македонци” е забележано дека во педесетите години од минатиот век се појави група Македонци, претежно од егејскиот дел на Македонија, која имаше за цел да формира самостојна национална македонска организација. Притоа, беше поставено и прашањето за зачувување на македонскиот национален идентитет, како и обединување на македонските доселеници во Канада. Првиот чекор, во оваа смисла, беше направен на пикникот во 1958 година. Овој пикник во националниот живот на Македонците во Торонто и пошироко има посебно значење. Тој претставува прв значаен симбол на иселеничкото единство на Македонците од етничка Макеонија. Меѓутоа, 28 април 1959 година е запишан со златни букви. На тој ден се одржа историската Конференција, кога беше прифатен Уставот и беше донесено решение за формирање на македонската национална организација “Обединети Македонци”. Со тоа организацијата “Обединети Македонци” започна со решавање на значајни иселенички прашања на Македонците во Канада. Едно од важните задачи и потреби на македонските доселеници, беше изградба на македонска православна црква под јуриздикција на цветата православна црква во Македонија, а со цел да ги задоволи верските, духовните, културните и воопшто националните потреби на Македонци од сите делови на Македонија. Затоа, организацијата “Обединети Македонци” беше регистрирана како македонска национална културно-просветна непрофитна организација. Тоа овозможи таа да успеа да ги обедини Македонците на национално и духовно поле и да развие силна дејност во животот на доселениците од сите делови на Македонија и да ги отстрани влијанијата на туѓите пропаганди. Инаку, организацијата “Обединети Македонци” беше првиот организатор на манифестацијата “Денови на македонската култура и писменост”. Денес таа должност и чест ја има Литературното друштво “Браќа Миладиновци”, кое е во состав на македонскиот соборен храм “Свети Климент Охридски” од Торонто. Оваа манифестација се одржува секоја година во мај месец и е посветена на делото на македонските и на сесловенските првоучители светите Кирил и Методиј, а со цел да & се приближи на канадската јавност културното и духовното наследство на македонскиот народ и на Македонија. Исто така, во рамките на организацијата работеја две македонски училишта: едно за изучување на македонскиот јазик и писмо и училиште за изучување на македонскиот фолклор и култура, кое прерасна во КУД “Гоце Делчев”. Оваа друштво беше формирано во 1986 година и беше едно од најактивните фолклорни групи на доселениците во Торонто. Во рамките на Организацијата постоеше и фудбалскиот клуб “Солун”, кој настапуваше во Македонско-канадската лига.
Денес, пак, организацијата “Обединети Македонци” е сопственик на земјиште под името “Македонски парк”, каде се одржуваат пикници и каде се гради македонскиот манастир “Свети Илија”. Потоа, организацијата има подигнато споменик на паднатите борци за Македонија. Споменикот е поставен пред црквата “Свети Климент Охридски” на 26 јануари 1980 година, кога е извршено негово свечено откривање. Секоја година, во чест на Илинден, 11 Октомври, Гоцевиот ден, Деновите на културата и други празници, членови на управите на организацијата “Обединети Македонци”, на црквата “Свети Климент Охридски”, бројни свештеници и доселеници полагаат венци на споменикот. Вообичаено е свештениците да одржат панахида за паднатите борци во сите години од сите делови на Македонија. Се чини најзначајна манифестација на организацијата “Обединети Македонци” се “Гоцевите денови”, кои се посветени на македонскиот деец Гоце Делчев. Оваа манифестација за прв пат беше организирана како “Гоцева комитска вечер” во 1972 година. Во текот на изминатите четириесетина година интересот за овие денови е с# поголем, бидејќи гости за манифестацијата се видни личности од културниот, националниот, историскиот, политичкиот и естрадниот живот на македонската дијаспора и Република Македонија. Исто така, треба да се одбележи дека во 2009 година беше одбележано 50-годишното постоење на организацијата “Обединети Македонци”, на кое, покрај големиот број видни иселеници од Канада и САД и личности од Република Македонија, присуствуваше и господинот Стефан Харпер, премиер на Канада.
|