|
|
Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ-обединувачки фактор на Македонците |
ДРУШТВА И АСОЦИЈАЦИИ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД ОД 1945-2000-ТА ГОДИНА По Втората светска војна, а со создавањето на македонската држава во 1945, и со прогласувањето на нејзината самостојност и независност во 1991 година, состојбата во иселеништвото рапидно се изменети. Круната на тој историски вознес беше обновена на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, чија улога на обединувачки фактор на Македонците дојде до израз и во Македонија и кај Македонците на северноамериканскиот континент. Македонските иселеници оставаат неизбришлива трага за нивното постоење во САД, каде несебично ги вградиле своите човечки и интелектуални способности за развојот на тие општества. Во исто време, во период од седумдесетина години, македонските иселеници од сите делови на Македонија кои живеат во САД, се тесно поврзани со Република Македонија и со македонската вистина. Затоа, досега и формирале различни друштва и асоцијации, кои го афирмираат македонскиот нарор и Република Македонија. Според делото „Македонците во САД и во Канада“ од авторот на овие редови, меѓу најзначајните друштва и асоцијации на Македонците во САД во периодот од 1945 до 2000-та година се следните: НАЦИОНАЛЕН КОМИТЕТ ЗА ИЗГРАДБА НА БОЛНИЦА ВО СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА. Според пишаните документи во книгата „Македонците од САД и од Канада“, во февруари 1946 година, на еден свечен банкет во Њујорк, Болничкиот иницијативен комитет на Македонците од САД, во неговата голема желба да помогне на својот народ и на новата македонска држава, покрена иницијатива за изградба на болница во Скопје. Потоа, во летото 1946 година се одржа конференција од претставници на македонските организации од САД и Канада, како и делегати од повеќе македонски друштва, селски и црковно-спомагателни братства. Тогаш е избран Национален комитет за изградба и екипирање на една модерна болница во главниот град на тогашна Народна Република Македонија, Скопје. Со средствата на македонските доселеници од САД, Канада и Австралија е изграден и опремен болничкиот комплекс во рамките на Државната болница во Скопје и на 8 јули 1958 година е свечено пуштен во употреба. “ОБЕДИНЕТИ МАКЕДОНЦИ” ВО ДЕТРОИТ. Иницијатива за формирање огранок на националната организација “Обединети Македонци” се роди на 16 ноември 1968 година во Торонто, а се реализира на состанокот одржан на 7 јуни 1969 година во Детроит. Овој огранок на организацијата “Обединети Македонци” од Северна Америка е единствен кај македонските доселеници кој беше активен во САД. Новата организација “Обединети Македонци”, пак, е формирана на 5 мај 2000 година, исто така, во Детроит. Таа е самостојна, но соработува со денешната организација “Обединети Македонци” од Торонто. Целите на оваа организација се меѓу другото, да работи за националното единство на Македонците каде било во светот, без разлика на нивното религиозно верување, политичко мислење или членство. КУЛТУРЕН КЛУБ “ШАР”. Оваа асоцијација била формирана во 1968 година во Детроит и вршела културна мисија меѓу Македонците. БСК “БЕЛОИШТА”. Белоишкиот спортски клуб е еден од најстарите и најактивните во Детроит. Тој бил формиран во 1972 година од доселеници од селото Беловиште, Тетовско, кои се едни од најбројните во метрополата Детроит. Тие се организатори на пикник и на селската слава посветена на св. Атанасиј. Клубот е сопственик на место и сала каде се одржуваат голем број прослави и другарувања. ФК “ВАРДАР”. Фудбалскиот клуб “Вардар” бил формиран на 23 јануари 1973 година од група спортски ентузијасти од Детроит. Името било дадено по углед на ФК “Вардар” од Скопје. Овој фудбалски клуб започнал да се натпреварува во Првата детроитска аматерска лига. Тој е од првите македонски фудбалски клубови во САД, кој постигнал завидни резултати во своето постоење.
АНСАМБЛОТ “ТОМОВ”. Во градот Њујорк со успех работеше Ансамблот за народни игри и песни “Томов”. Ансамблот е формиран 1974 година со цел да ги прикажува на американскиот континент богатите игри и песни од Балканот, посебно од Македонија. Тој беше составен исклучиво од Американци, ентузијасти, играорци, пејачи и музичари, а само уметничкиот директор и кореограф беше Македонец. Тоа беше единствен ансамбл во светот од ваков вид. Поголем број од членовите по занимање се професори, инженери, научници, кои своето слободно време го посветувале на убавите игри и песни од богатата македонска и балканска фолклорна традиција. Оригиналните игри на ансамблот “Томов” и’ се познати на македонската јавност уште од 1979 година, кога првпат американските играорци со успех гостуваа во Република Македонија. Ансамблот “Томов” во своето постоење има постигнато огромни резултати околу ширењето на македонската култура. Секоја година одржуваше од 6 до 14 концерти во најпознатите светски сали: „Карнеги хол“ и „Линколн центарот“ во Њујорк, во Бостон, Вашингтон, Чикаго и во многу други поголеми и помали градови во САД и во Канада; настапил на повеќе телевизиски станици во САД; учествувал и на свеченото отворање и затворање на Зимските олимписки игри во Лејк Плесид во 1984 и на специјалистичкиот концерт за свеченото отворање на Елис Исланд 1990, но и на многу фолк фестивали во Америка. Најпознатите весници: “Њујорк тајмс”, “Денс магазин”, “Дејли њуз”, “Ривердејл прес”, “Денс ривју”, “Балерт њуз”, “Д'тајмс хералд”, “Артс” и други без исклучок давале највисоки оценки за кореографијата, беспрекорната техника на изведување и одушевувањето кое го предизвикува Ансамблот со сите изворни ора и песни од Македонија, а посебно со “Невестинското”, “Калајџиското” и др. Ансамблот “Томов” гостувал во Македонија, на сите фолклорни фестивали и пошироко на бившите југословенски простори, и тоа: 1974, 1975 и 1983 на Балканскиот фестивал во Охрид; 1976, 1977, 1979 на “Илинденските денови” во Битола; 1975 и 1976 на Смотрата на фолклорот во Загреб; 1975 на Дубровничките летни игри; 1981 и 1989 година на “Скопското лето” во Скопје и 1991 на Семинарот за фолклор во Струга. Неговата активност била активно следена и од македонските јавни медиуми.
ДРУШТВО “МЛАДОСТ” ОД СТАРО СЕЛО. Едно од поголемите селски друштва во Детроит е, секако, друштвото “Младост” на доселениците од Старо (Старе) Село, Тетовско. Тоа е формирано во мај 1976 година, за селската слава Ѓурѓовден. Друштвото “Младост” е сопственик на фарма каде се организираат голем број пикници, културни, спортски и други манифестации. ДРУШТВО “ИЛИНДЕН” ОД РОГАЧЕВО. Во државата Мичиген во САД има околу педесет семејства од селото Рогачево, а само во Детроит има триесетина семејства. Друштвото “Илинден” постои од 1979 година. Оттогаш доселениците од ова село го слават и верскиот и национален празник Илинден. Исто така, тоа ја организира и селската слава св. Спас, како сеќавање на славата во нивното село Рогачево.
ДРУШТВОТО “КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ” ОД ТЕАРЦЕ е собиралиште на македонските доселеници по потекло од Теарце, Тетовско, кои живеат во Детроит и во Виндзор. Тоа е формирано на 8 јуни 1986 година, кога голем број теарчани и нивни пријатели од другите тетовски села организирале пикник. И денес ова друштво е доста активно и е организатор на теарскиот пикник и на славите посветени на Митровден и на св. Никола. ПРАВОСЛАВЕН КУЛТУРЕН КЛУБ “МАКЕДОНИЈА”. Оваа асоцијација е продолжение на Културниот клуб “Шар” што бил формиран во 1968 година. Под новото име “Македонија”, клубот бил регистриран во 1988 година. КУЛТУРНОТО ДРУШТВО “ПОЛОГ”. Оваа асоцијација е формирана во септември 1988 година во Детроит. Името го доби поради бројноста на доселениците од Тетовско, односно од полошкиот крај. Уште на почетокот имало околу 350 членови. Друштвото е официјално регистрирано кај локалните американски власти во Детроит. Во првата година друштвото “Полог” започнало да организира пикник кој бил традиционален и на кои присуствувале македонски доселеници од сите делови на Македонија. Друштвото организирало повеќе игранки на кои се собрале финансиски средства за хуманитарни потреби. Една од таквите акции што ја спровело друштвото била изградбата на манастирот „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка. Во поново време меѓу членовите на друштвото “Полог” се спроведени акции за обнова и изградба на православните цркви и манастирите во тетовскиот крај, особено за обновата на Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј“. Друштвото “Полог” во првите години од основањето развивало многу успешна дејност, потоа активностите се намалиле. Во последните неколку години друштвото повторно зајакнува и развива бројни активности. Така, од 2000 година друштвото “Полог” е организатор на голф турнирот кој станал традиционален. Потоа, во состав на друштвото од септември 2001 година со успех работи македонскиот радиочас, а се организираат различни собирања и другарувања на голем број македонски доселеници од тетовскиот крај и од етничка Македонија.
ДРУШТВО “ПРЕСПА”. Основано е во 1988 година, како културно-просветна организација, во која членуваат македонските доселеници од Преспа. Според неговиот правилник, секој преспанец може да биде негов член и да биде избран во раководните тела на друштвото. Исто така, во него можат да членуваат и Македонци од други делови на Македонија, но без право на избор во управата. Друштвото “Преспа” бешее организатор на “Деновите на македонската култура”, манифестација која денес не се одржува. Неговиот паричен фонд се збогатува од доброволни прилози и организираните игранки, концерти и сл. Дел од собраните средства се давани на црквата „Свети Богородица“, а дел и на црквата „Свети Ѓорѓи Кратовски“ од Детроит.
ДРУШТВО “ПЕЛИСТЕР”. Тоа било формирано во 1989 година од група македонски доселеници од битолскиот крај. Во него членувале претежно битолчани и од битолскиот крај кои биле доста активни во периодот на формирањето на друштвото. Така, тие биле организатори на пикници, игранки и друг вид другарувања, кога се собирале македонски доселеници не само од Битолско, туку и од други краишта од Македонија.
|