|
|
ОМД назначи нови претставници за Чикаго и Лос Анџелес |
ОМД назначи нови претставници за Чикаго и Лос Анџелес
Управниот одбор на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) ги назначи Алекс Василески, претставник на ОМД во Чикаго и Марија Малиновска, претставник на ОМД за Лос Анџелес. Алекс Василески е прва генерација Македонец-Американец со корени од Охрид, Македонија. Василески е претседател и основоположник на компанијата во Чикаго "A Mind and Body Total Fitness, Inc.," која се фокусира на индивидуално дизајнирана здравствена програма, имплементација на здравствени програми за компании, мотивациски програми, програми за јавно говорење и пост-рехабилитација.
Василески го има победено ракот два пати и неговиот "Никогаш не се откажувај" став го насочил да промовира здрав и исполнет живот на населението во Чикаго и околината. Моментално Василески е член на помошниот одбор на Педијатарската Фондација за рак Bear Necessities, ментор е на групата за поддршка Imerman Angels One-On-One, ментор-оратор за Организацијата за Леукемија и Лимфом (Leukemia and Lymphoma Society), како и тренер за Најк Елит. Разновидното искуство на Василески во корпоративниот свет на Америка му помогнало да воспостави деловни врски кои се од големо значење за дома и за странство. Неговата мисија е да им помогне на другите да имаат среќен и здрав живот.
Василески има добиено голем број на признанија за неговата работа во здравствената индустрија како на пример бил еден од првите 100 преставници на списанието Men's Health за наградата "Најзгоден дечко 2015", член е на Управниот одбор на CoCo5 за 2015, амбасадор и спортист за Core Power Nutrition за 2014, најзгоден тренер во Америка според списанието Shape за 2014, влијателен претставник за Чикаго за својата хуманитарна работа за 2013, а истотака добил признание од Lululemon за неговата истражувачка работа.
Марија Малиновска е родена во Битола, Македонија, кадешто завршила средно образование во економското средно училиште Јане Сандански. Малиновска студирала на Економскиот факултет во Прилеп пред да се пресели во Америка во 2006. Таа пет години работела како Маркетинг координатор за Maria's Italian Kitchen. Потоа го продолжила своето образование на колеџот во Лос Анџелес каде шест години работела како асистент по математика. Потоа добила стипендија за да студира на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (UCLA), кадешто студирала на катедрите за Глобализација и Германистика.
Моментално, Малиновска работи за адвокатската компанија Jaurique Law Group и истотака е запишана на престижната адвокатска програма на адвокатската академија Southwestern Law School во Лос Анџелес. Нејзината долгорочна цел е да изработи бизнис план за зајакнување на статусот на жените во земјите во развој преку микрофинансирање. Од 2000 година Марија е член на МЕНСА, а истотака е и победник на натпреварот за бизнис план на ниво на земјите во Јужно-Источна Европа. Покрај македонски, Марија говори англиски, германски, шпански и влашки и сака да чита и да патува. |