|
|
Мала Преспа - расадник на бројни интелектуалци |
ПОДЕЛЕНА МАКЕДОНИЈА – ПОДЕЛЕНА ПРЕСПА Во Мала Преспа и во други албански градови има голем број Македонци кои се врвни интелектуалци и на различни општествени и други позиции и кои се дел од сегашниот и идниот прогрес на Албанија. Затоа ќе направиме скромен обид да се презентираат одреден број од тие познати и признати личности, кои ќе осветлат дел од вистината на националното и културното живеење на македонскиот народ од другата страна на Преспанското Езеро на Мала Преспа, на поделена Македонија. Меѓу тие познати и признати интелектуалци, секако е Стерјо Спасе, кој е еден од најпознатите романсиери во Албанија. Тој е Македонец, а е роден во 1914 година во селото Глобочани, Општина Пустец, Мала Преспа. Се школувал во Корча и Елбасан, потоа студирал педагогија во Флоренца во Италија, а магистрирал во поранешниот Советски Сојуз. По Втората светска војна работел како книжевен критичар, а пишувал за бројни албански списанија. Починал во Тирана на 13 септември 1989 година. Стерјо Спасе ја започнал својата писателска кариера кога бил наставник во селското училиште во Дервичане во близината на Гирокастро. Тој е автор на следните позначајни романи на албански јазик: „Зошто?“ (“Pse?”) (1935), или познат под целиот наслов „Од животот за животот – зошто?“. Романот „Зошто?“ е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на еден млад интелектуалец во рурално место, потоа „Афардита“ (“Afërdita”) (1944); „Тие не беа сами“ (“Ata nuk ishin vetëm”) (1952); „Афардита повторно на село“ (“Afërdita përsëri në fshat”) (1954); „Езерото“ (“Buzë liqenit”) (1965); „На женскиот сокол“ (“Sokolesha”) (1966); „Оган“ (“Zjarre”) (1972); „Будење“ (“Zgjimi”) (1973); „Свештеничка“ (“Pishtarë”) (1975); „Или смрт или слобода“ (“Ja vdekje ja liri”) (1978); „Бунтовниците“ (“Kryengritësit”) (1983); „Денес или никогаш“ (“O sot, o kurrë!”) (1989).
Романот „Тие не беа сами“(“Ata nuk ishin vetëm”) (1952) на Стерио Спасе е објавен и на македонски јазик во 1989 година во превод на познатиот учител во Мала Преспа Никола Беровски. Исто така, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Институтот за национална историја од Скопје, го објавија на македонски јазик делото на Стерјо Спасе под наслов „Македонски народни песни од Мала Преспа“ (1992) што го подготви д-р Благој Стоичовски. Учителот Никола Беровски бил роден во Битола во 1923 година, а починал во Тирана во 1993 година. Тој беше македонски просветител кој целиот работен век го минал меѓу Македонците во Албанија. Познат во македонската јавност како „учителот од Пустец“, Беровски долги години работел како учител во селата на Долна Преспа, воКорча и Тирана. Има големи заслуги како автор на бројни учебници на македонски јазик за Македонците во Албанија. Уште за време на животот станал легендарен заштитник на македонскиот национален идентитет. Затоа, една од организациите на Македонците во Албанија го носи името Фондација „Никола Беровски“. Гуре Дума е роден во 1920 година во селото Глобочени, Мала Преспа. Во Корча завршил средно образование во 1964 година. Од 1948 до 1956 година работел како учител во селата Глобочени, Туминец и Горна Горица. Тој е автор на делото "Мала Преспа" (2007). Гуре Дума почина во 2008 година. Д-р Валентина (Илија) Нестор е родена на 16.09.1971 година во Пустец. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на групата за македонски јазик и јужнословенска книжевност. Од 1996 година работи како лектор по македонски јазик на Факултетот за странски јазици, во Одделот за словенски и балкански јазици во Тирана. Во 2006 година се стекна со звање доктор на науки. Валентина Нестор се занимава со лингвистика, лексикологија и со научно истражувања на македонскиот јазик во етничка Македонија, а пишува и литература. Илинден Спасе е син на познатиот албански писател од македонско потекло Стерјо Спасе. Тој е роден во 1942 година во Глобочани, каде го завршил основното образование, а дипломирал на филологија на универзитетот во Тирана. Работел како учител, редактор, издавач на педагошкото списание на албански јазик (1970-2001), главен редактор на Издавачкиот Совет на Институтот за Педагошки Студии во Тирана, научен работник во Училишниот Департмен (сектор за историја на образование) во Институт за Педагошки Студии. Илинден Спaсе пишува на албански и македонски јазик. Автор е на две збирки раскази. Тој е почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Стилијан Апостоли е роден е на 24 мај 1950 година во село Горна Горица, Преспа. Од 1982 година е професор во Департментот за стопанство и земјоделски политики при Земјоделски факулттет во Тирана. Има објавено универзитетски учебници, брошури, научни студии, реферати, информации и др. Ги има објавено и книгите "Проблеми на селските стопанства" (1997); "Преспа, општествено стопански развој" (2002) и монографијата "Горна Горица" (2007). Сотир Ристо е поeт од Мала Преспа. Тој е роден во 1974 година во селото Леска, општина Пустец, каде го завршил основното образование, а Филолошки факултет завршил во Скопје. Пишува на македонски и албански јазик. Автор е на романите: „Ноќ на шепотите“ и „Продолжено образование“. Кристина Јанкула е родена на 9 април 1958 година во село Горица, Мала Преспа. Завршила вишо образование за учители на Универзитетот во Елбасан. Работи како учителка во основното училичте во Долна Горица, Преспа. Автор е на повеке стихотворби и на книгата „Мала Преспа“ (2009). Спасе Мазенковски е роден на 2 септември 1951 година во селото Леска, Мала Преспа. Гимназија и средно економско училиште завршил во Корча и Либражд. Од излегувањето на весникот „Преспа“ тој е главен уредник. Постојано објавува песни, раскази, различни текствови, а е автор и на збирката песни „Преспо моја, разнобојна китка“ Спасе Танаси роден е во 1965 година во село Зрновско, Долна Преспа. Завршил факултет за земјоделска економија на Универзитетот во Камза (Тирана). Автор е на научни и литеатурни дела. Ја има објавено на албански јазик стихозбирката "Лирска песна со твоето име". Дола Шкмби е родена на 14 септември 1986 година во Долна Горица, Преспа. Звршила Медицински Факултет во Скопје. Таа е автор на стихозбирката "Крстопатот на солзите". Фоте Никола е уредник на програмата на македонски јазик во Радио „Корча“.Во рамките на албанското министерство за образование подготвува учебници на македонски јазик.
Од Мала Преспа, односно од овој дел на Долна Преспа има и бројни други интелектуалци како бизнисмени, доктори, професори, инжинери, новинари и други општествени работници, кои заедно со горенаведените македонски личности се бранители на македонското име, јазик, култура, религија, на македонската вистина и на етничка Македонија.
|