|
|
„НОКАУТИРАНИОТ ИСЕЛЕНИК“ ОД ВАСКО ЃОРГИЕВСКИ |
Неодамна излезе од печат збирката раскази „Нокаутираниот иселеник“ од македонскиот писател од Сиднеј (Австралија) Васко Ѓоргиевски. Низ кратките раскази авторот опишува разни ситуации и проблеми со кои се соочува иселеникот кој решил да ја напушти својата татковина поради егзистенцијални причини и се преселил во Австралија надевајќи се дека таму ќе му биде подобро. Но, притоа наидува на разни проблеми од личен и социјален карактер, па на крајот навистина наликува на „нокаутиран“ иселеник. Токму поради тоа оваа збирка е вредна и интересна - без многу влакна на јазикот авторот ги опишува не само личните психолошки проблеми со кои се соочува иселеникот (носталгија, жал за старата татковина и сл.), туку и проблемите што ги доживува како член на тамошната Македонската заедница (поделеност, потценување, материјализам...). Инаку, ова е втора збирка раскази на Вако Ѓоргиевски (инаку лекар по професија). Првата негова збирка „Плачелба“ исто така постигна забележителен успех. Васко Ѓоргиевски е роден во 1961 година во Битола. Основно и средно образование завршува во својот роден град. Во Скопје дипломира на Медицинскиот факултет и завршува постдипломски студии. Работел во битолската Брза помош и во битолската болница како гинеколог- акушер. Во 2005 година со своето семејство емигрира во Австралија каде што ги положува потребните испити на Австралискиот Медицински Совет и испитите по англиски јазик и се здобива со правото да се регистрира за работа во Австралија. Моментално работи како доктор во Сиднеј. Поседува двојно државјанство: македонско и австралиско. Оженет е со Сузе и има две деца: Фросина (студент на UNSW) и Кипријан (матурант). Во 2014 година ја објави својата прва збирка раскази „Плачелба“. Ова е негова втора книга. А. Донски
|