|
|
Академикот Синиша Станковиќ од Гостиварско – човек од светската научна елита |
Животниот и развојниот пат на научникот од светски глас, етнолог, еколог, револуционер, општественик, академикот проф. д-р Синиша Станковиќ е тесно поврзан со изучувањето на Охридското Езеро, со Охрид, Македонија, биолошкиот подем и со афирмацијата на научната мисла во македонското општество. Неговото име е мошне тесно поврзано со постоењето и со конституирањето на поранешна Југославија. тој бил вљубеник во Охридското Езеро, „македонското море“, како што го нарекуваше, вљубеникот и заштитник на мајката природа. Беше основач на Хидробиолошкиот завод во Охрид и на лимнолошките истражувања во Македонија. Уште на почетокот треба да се истакне дека не е лесно и едноставно да се пишува за луѓе кои инспирираат, кои задолжуваат и кои заветуваат, за луѓе кои оставаат неизбришливи траги кај современиците и кај поколенијата што доаѓаат. Таков е академикот проф. д-р Синиша Станковиќ, великанот во лимнологијата и во научната мисла воопшто. Неговата научна и политичка активност биле единствен израз на неговата личност. Тој бил прогресивно ориентиран професор; еден од оние универзитетски професори кои му дале непроценлива помош и поддршка на напредното студентско движење во поранешна Југославија, особено на Белградскиот универзитет. Бил познат биолог во целиот свет и научник од светски глас. Академикот Синиша Станковиќ е роден на 26 март 1892 година во Заечар, Србија. Меѓутоа, неговиот дедо по потекло бил од Македонија, од селото Пожаране, Гостиварско. Честопати пред научните работници на Хидробиолошкиот завод, професорот го потенцираше своето потекло, а тоа особено беше изразено во последните години од животот. Во една пригода пред научниците од Заводот рече дека има причини зошто го сака Охридското Езеро, Охрид и Македонија, бидејќи и во него тече македонска крв, а потоа ја раскажал историјата на своето потекло. Имено, заради незгодите што ги имал со турските власти, неговиот дедо уште во раната младост заминал од родното Пожаране. Патот го одвел во Заечар, каде што работел како фурнаџија, а истиот занает му го пренел на Ѓорѓи, таткото на Синиша. Во тоа време од фурнаџискиот занает многу добро се живеело, затоа таткото бил релативно добро ситуиран и бил во можност да го испрати својот син да учи средно училиште во Заечар. Синиша со успех го завршил основното и средното образование во родното место, но уште како дете имал афинитет и голема љубов кон музиката и кон фолклорот. Како гимназијалец свирел на флејта, а од неа не се одделил ниту како студент, а и подоцна. Заедно со професорите од Универзитетот свиреле во оркестарот и тоа најголем број концерти на Коларчевиот универзитет и пред студентите. Многу ја сакал народната музика, а особено македонскиот мелос и често сам или пред студентите пеел македонски песни, а најчесто од сите македонски песни ја пеел песната „Билјана платно белеше на охридските извори“. По завршувањето на средното училиште во своето родно место Заечар, младиот и талентиран Синиша се запишал на Универзитетот во Белград, каде што ги започнал студиите по биологија во 1910 година. Уште од почетокот се истакнувал меѓу студентите со своето широко познавање, разбирање и со својот афинитет кон биолошката дисциплина. Меѓутоа, Првата светска војна го прекинала неговото редовно школување и перото го заменил со пушка. Бил приклучен во српската војска и како војник го преживеал повлекувањето преку високите планински бездни на Албанија, за на крајот да стаса на островот Крф. Во текот на Првата светска војна, во српската војска во чиј состав биле приклучени голем број Македонци, кога се воделе историските битки на Кајмакчалан и на таканаречениот Солунскиот фронт, професорот Станковиќ вршел хумана дејност. Имено, во текот на 1915 година бил назначен за професор по билогија на Велешката гимназија, во градот кој во тоа време претставувал вистински крстопат на војните, на политичките и на економските збиднувања, во времето на распарчувањето на Македонија. Всушност, тоа била повторна средба со Македонија, зошто Станковиќ уште во текот на студирањето, заедно со студентскиот хор од Белград, го посетил Скопје каде што настапил со својата флејта и ги покажал своите високи музички квалитети. Во текот на 1916 година, со реорганизација на српската војска, бил упатен во Франција, во градот Гренобл, каде се запишал на факултет и ги продолжил студиите по биологија. Бидејќи добро го познавал францускиот јазик, без проблем и веднаш се вклучил и се адаптирал на новата средина. По две години, во 1918 година, со успех ги завршил своите студии по природни науки на Универзитетот во Гренобл. Неговата научна и интелектуална способност била крунисана во 1921 година, со одбраната на докторската дисертација, што ја одбрани на француски јазик. Инаку, треба да се истакне дека професорот Станковиќ, покрај францускиот јазик што му беше „втор“ мајчин јазик, зборуваше и се служеше со англиски, германски и со руски јазик, како во науката, исто така и во обичниот живот.
Како доктор на науки се вратил во Белград во 1921 година, каде што бил избран за асистент по биолошки науки на Белградскиот универзитет, по две години за вонреден професор, а во 1934 година за редовен професор на Универзитетот и бил еден од најценетите педагози, водејќи настава по повеќе зоолошки дисциплини во периодот од четириесет години, па сè до 1962 година кога бил пензиониран. Заради неговата богата научно - воспитна дејност, во 1934 година професорот Станковиќ бил избран за дописен член на Српската академија на науките и уметностите (според едни извори), а според други - во 1935 година, а за редовен член на Академијата беше избран во 1946 година. Својата наставна кариера професорот Станковиќ ја започнал, главно, во 1922 година со изборот за доцент на Белградскиот универзитет. До Втората светска војна тој станал истакнат универзитетски професор, пројавувајќи голема активност во низа биолошки дисциплини. Уште во тоа време сметал дека треба да се направи освежување на биолошката настава и на проучување на биолошките науки, притоа особено се ангажирал за формирање на екологијата како наука што ги проучува односите меѓу живите организми и нивната конкретна средина.Тоа особено дошло до израз со појавата на неговата најшироко позната, научно - популарна еколошка монографија „Рамка на животот“, печатена на српско-хрватски јазик во 1933 година. Оваа монографија повторно била отпечатена по ослободувањето во 1945 година и претставува единствен учебник од таков вид за студентите по биологија и прирачник за голем број читатели надвор од научниот свет. Врвот на достигнувањата на сите напори што професорот Станковиќ ги правел на полето на екологијата дошло до израз со објавувањето на книгата „Екологија на животот“, на српско-хрватски јазик, во 1962 година. Во книгата, општите принципи на екологијата се поткрепени со примери од истражувањата на екологијата во која се внесени резултати и заклучоци до кои се дошло во земјата и во светот. . Според податоците од академик Синиша Станковиќ, тој за првпат дошол во Охрид во 1922 година како доцент на Белградскиот универзитет. Откако го видел Охридското Езеро станал вљубеник до крајот на својот живот и остана ненадминат познавач на езерскиот жив свет. Меѓутоа, за важноста на Охридското Езеро знаел уште како студент, од проучувањата на голем број светски научници кои имале извршено обемни хидролошки, флористичко - фаунистички, лимнолошки и други проучувања на Охридското Езеро и на неговата околина. Било докажано и заклучено дека Охридското Езеро е многу старо, а е старо најмалку два милиони години и богато со особен растителен и животински свет кој живее само во Охридското Езеро или во еден тесен регион околу него. Извесен број растенија и животни се сосем идентични или блиски на некои фосилни остатоци на Балканскиот Полуостров и на Средна Европа.
Професорот Синиша Станковиќ ги започнал своите истражувања од физичко -хемиските карактеристики на водата и на биоценотичкиот состав на одделните живи единки до обемните флористички и фаунистички испитувања. За обработка на тие материјали, тој ангажирал голем број надворешни соработници од земјата и од светот, кои дадоа драгоцен придонес за откривањето на карактерот на Охридското Езеро и на големиот број ендемични видови, потфамилии и фамилии од флората и од фауната што го населуваат Охридското Езеро и околните води. Сумирајќи ги резултатите од истражувањата, како и од поранешните географско -геолошки изучувања, во своето значајно дело „Фауната на Охридското Езеро и неговиот жив свет“, објавено на германски јазик, професорот Синиша Станковиќ направи крупни генерализации за потеклото и за фауната на Охридското Езеро и неговото биогеографско значење. Инаку, со монографијата за Охридското Езеро тој стекна светска слава и постојано место во историјата и науката. Хидробиолошкиот завод е еден од првите четири научни институции во Македонија, а истовремено и е една од првите установи од таков вид на Балканскиот Полуостров. Тој е формиран во 1934 година, а од 1951 година, дотогашната Хидробиолошка станица прерасна во Завод, продолжувајќи ја својата научна дејност како важна институција во Македонија. И авторот на овие редови помина пет години во Хиробиолошкиот завод како преведувач на научните трудови и каде го напиша првото негово дело „Англиско-македонски лимнолошки речник“.
Инаку, основач на Заводот и најзаслужен за афирмацијата на Охридското Езеро во земјата и во светот беше, секако, професорот д-р Синиша Станковиќ. Уште со неговото прво доаѓање во Охрид и со почнувањето на пионерските испитувања на Езерото и на неговиот жив свет, тој се носел со идејата за отворање лимнолошка станица на брегот на Охридското Езеро. Така, во 1935 година, на истекот на Билјанините Извори, во непосредна близина на Охрид, изградена е денешната стара зграда на Заводот, подоцна поврзана со каналот, кој води од Заводот до Езерото. Во исто време, почнало да се гради и мрестилиштето за оплодување, развиток и за вештачко одгледување на млади рипчиња на охридската пастрмка. Треба да се нагласи дека мрестилиштето е мошне важен дел на Заводот. Така, само во периодот 1935-84 година, Охридското Езеро е порибено со околу 240 милиони млади рипчиња. Исто така, вршени се порибувања со охрдиска пастрмка на водите од Преспанското Езеро, акумулацијата Власина во Србија и на некои други води. Во пет зимски сезони, пак, во мрестилиштето е извршено одгледување на охридската белвица. Професорот д-р Синиша Станковиќ е забележан со крупни букви и во историските мигови на поранешна Југославија. Имено, рано наутро, на 29 ноември 1945 година, го прочита текстот на Декларацијата со која ја прогласи тогашната ФНР Југославија за држава. Исто така, заради извонредниот придонес во биолошките истражувања и во науката во целина, беше член на голем број домашни и странски академии и друштва, а беше носител на многубројни одликувања, признанија и награди. Во 1960 година излезе од печат капиталното дело на професорот Станковиќ „Балканското Охридско Езеро и неговиот жив свет“ на англиски јазик, во издание на В. Јанак од Хаг. Тоа е врвно достигнување на неговите истражувања, кои во текот на повеќе децении ги вршел самостојно или со своите соработници. Монографијата е високо оценета од научните кругови во светот и претставува можност за што подетално запознавање на научните достигнувања. Така, тој трајно се врзал за Охридското Езеро. И на оние кои во иднина ќе го проучуваат или ќе пишуваат за Езерото, за неговите убавини, како авторот на овој фељтон, таа имаше огромно значење и послужи како голем патоказ за идната научна работа. Академикот, професорот д-р Синиша Станковиќ, ја напушти неговата „рамка на животот“ на 24 февруари 1974 година, но неговите ученици, градот Охрид и Македонија му остануваат трајно благодарни што токму тој, со своите истражувања, го направи Охридското Езеро познато во целиот свет. Затоа Македонија и македонскиот народ, заедно со научниот свет од Македонија и од Балканот му благодарат за величината во лимнологијата и во научната мисла на академик Синиша Станковиќ, човекот од светската научна елита. Пишува: СЛАВЕ КАТИН |