|
|
Печалбарската судбина на Алексо Грежлов (Трајков) од Љубојно-Преспа |
Печалбарската сторија за доблесниот иселеник Алексо Грежлов од Љубојно, Преспа е само дел од голема македонската печалбарска сага. Таа е тесно поврзана со историскиот и општествениот развој на Македонија и македонскиот народ во целина. Во таквите услови, особено судбината на печалбарските краишта била сурова и оставила вековни последици и лузни врз животот на печалбарите. Таквата судбина беше сурова и за Алексо Грежлов (Алек Трајков, како што беше регистриран пред американските власти, а кој беше дедо по мајка на авторот на овој текст). Тој беше честит и доблесен Македонец со педесет годишно државјанство од САД, но по род, од Љубојно, од питомиот крај до Преспанското Езерото. Алексо беше најмалиот меѓу браќата Ефтим, Петре и Крстин, а беше роден во 1898 година од татко Ристо и мајка Дафина Грежлови. Тој беше човекот кој го сакаше семејството, својот народ, својата татковина Македонија. Алексо беше многу праведен, искрен, честит и човекољубив, како и сопруг, родител и старател кој беше многу поврзан и почитуван од својата фамилија, од соседите од соселаните од печалбарите, од сите луѓе кои го познаваа. Инаку, родното место на Алексо Р. Грежлов - Љубојно се наоѓа во пазувите на Баба Планина, недалеку од Преспанското Езеро, на македонска земја, а само неколку километри северно од границата. Тоа е типично македонско, преспанско, печалбарско место од кое, како и од голем број села под Пелистер и од кај Преспанското Езеро многумина заминале од своите родни дедовски огништа и се задомиле на сите континенти во светот. Печалбарството за Љубојно, а и за цела Преспа е и среќа и судбина. Тоа е река што не сопира и процес кој продолжува со векови. А судбината била сурова и, меѓу другите го однела на печалба и Алексо Грежлов, кој во тој период бил млад црномурест со дамки и благ израз на лицето и со среден раст. Како четврто машко дете во семејството на Ристо Грежлов, во споредба со другите браќа кои биле најсилни мажи во Љубојно, тој бил физички послаб, но многу вреден и послушен, бил скромен, трудољубив и писмен. Но, се чини, најважно од сè е тоа што тој бил честит граѓанин, пријатен соговорник, гостопримлив, со американски манири и навики, а сепак вљубеник во сè што е македонско. Еден пролетен ден во 1924 година, како и на неговите браќа и многумина од тој печалбарски крај, му ја подготвиле торбата со понови алишта, му тутнале некоја пара во џебот, му го покажале пратот преку граница и го турнале во белиот свет да ја бара среќата, како што водата во реката го бара својот тек, го пратиле на печалба во далечната “ветена земја“ - Америка. На новиот континент, заедно со уште поголема група патувале со брод од Франција до Америка. Прво пристигнале во Њујорк на Елис островот, а оттаму заминале за Детроит, каде што веќе живееле и работеле голем број преспанчани и други Македонци. Во тоа време, всушност Детроит била последната дестинација на најголемиот број печалбари од Македонија, кои живееле во групи според местото од каде пристигнале и работеле претежно на железницата, на тунелот или по фабриките.
На печалба во Америка на Алексо Грежлов не му било лесно. Тој бил одделен од семејството, далеку од родната земја, во нова средина и со непознавање на англискиот јазик, затоа животот му бил со многу предизвици. Меѓутоа, со трудољубивост, тешката физичка работа и домаќинско штедење некако се снаоѓал и, како и голем број печалбари, одел и се враќал во родното место со многу заштедени пари. Работел со една поголема група од Преспа, добро заработувал, но најважно било што бил домаќин и ги чувал заработените пари. Првото враќање на Алексо во родниот крај донело неизмерна радост во семејството, па и во селото. Сите се радувале. За многумина радоста преминала во плач, искажувајќи ја тагата што со години се собирала. Дошол ред и неговата сопруга, Ката, срамежливо да го гушне својот домаќин, како бродоломничко парче штица која нуди надеж за постоење. По кратка пауза, некој почнал да пее. Преку песната се изразувало задоволството и радоста што тој пак е меѓу своите, што од печалба дошол жив и здрав, донел добри вести за семејствата и на другите печалбари од селото. Инаку, Алексо Грежлов се оженил за Ката Грпчева, една од најубавите и стројни чупи од езерското село Наколец во 1919 година. По две години заедничко семејно живеење на брачната двојка Алексо и Ката им се родила ќерката Сандра (1921 – 1998), мајката на авторот на овој текст, која како прво дете претставувала неизмерна радост на родителите и пошироко. Потоа им се родиле уште пет деца, четири девојки и едно момче. Разделбата, како и секоја разделба, била тажна и тегобна за сите присутни. Сите плачеле, како и оној ден кога Алексо се вратил од печалба, но, овој пат, во плачот немало радост, туку само тага. Тој повторно заминал на печалба. Не бил ниту прв, ниту последен печалбар од крајот крај Езерото кој безброј пати длабоко ги чувствувал средбите и разделбите. Тоа повторно одење на печалба за него било едно од десетте заминувања и враќања во родниот крај. Сите негови заминувања биле исполнети со горчина, но во исто време и со радост и среќа. Тука се измешала носталгијата, среќата, парите и тагата за да може судбината да си поигра со него и со голем број Македонски со иста судбина. Секое враќање во татковината за него претставуваше ново доживување и среќа, особено враќањата по Втората светска војна кога неговото семејство беше многу поголемо и имаше среќен и среден живот. Меѓутоа, последното враќање за Алексо Грежлов во 1959 година беше исполнето со особена радост и задоволство, кое значеше и збогување со неговата втора татковина - Америка и печалбарството. Како американски пензионер, со висока заработена пензија пет години го уживаше убавиот живот со семејството во својата родна земја. Почина во својата татковина Македонија во 1964 година, за што имаше оставено аманет да биде погребан во родното место, во Љубојно. Алексо Грежлов го помина својот најубав дел од животот во Детроит, во Хемтремик. Тоа беше еден долг период, за кој со задоволство се сеќаваше и за кој честопати раскажуваше за згодите и незгодите. Тоа беше период кога спечали доволно пари, направи убави куќи и купи доста земја во селото, го зголеми семејството, се порадува неколку години како американски пензионер и на крајот виде дека животот му помина во заминувања, враќања, средби и разделби – во печалбарството. Алексо почина во својата куќа во Љубојно во 1964 година, каде и е погребан. И неговата сопруга Ката која беше родена во 1900 година во Наколец на брегот на Преспанското Езеро, отиде во Америка во 1963 година, да ги види патиштата и да ја почувствува и среќата и тагата на својот сопруг и да го види својот брат Иван, кој ги остави коските во Америка. Баба Ката, која авторот на овој текст ја викаше мајко и по која го доби прекарот Катин, беше со убави црти на лицето, висока, претставителна, природно надарена и благородна. Животот ја натера да ги врши и машките и женските работи во семејството, да се грижи и во добро и во зло, да ги воспита децата и да им го покаже правиот пат во животот. Таа почина за време патувањето од Америка за Македонија, во Битола во 1963 година, за потоа да биде пренесена во Љубојно, каде и се наоѓа нејзиниот вечен дом. Слична печалбарска судбина имаше и ќерката на Алексо, Сандра. Таа беше благородна, разговорлива, бистра, со големи мајчински чувства и со љубов кон својот род. Меѓутоа, патот ја однесе заедно со брачниот другар во Вулунгонг, Нов Јужен Велс, во 1964 година. Од таму понеле многу добри спомени, оти, како што зборуваа, таму им било како во Преспа: долу морето и плажата, како крај Преспанското Езеро, горе планина и високи дрвја, зеленило и убавина, како на Пелистер. По пет години престој во Австралија, Сандра и Јосиф се преселија во Торонто, Канада, каде останаа до крајот на својот живот. Како канадски пензионери доаѓаа скоро секоја година во родната земја Македонија. Затоа често Сандра во шега ќе речеше дека биле растргнати и со мислите и со телото меѓу двете нивни татковини, Македонија и Канада. Идејата на Сандра беше слична како на одреден број иселеници за враќање во родната земја. А тоа беше со кристално чиста цел, да се дојде во Македонија, која ги привлекува со невидена сила, за да воздивнат во своите стари домови, да ги реновираат старите или да градат нови куќи, да ги обноват спомените од младоста, но и таму да ја завршат староста и да остават вечни траги за идните генерации. Таква беше и судбината на Алексо Трајков и неговите три браќа кои оделе на печалба и се враќале во родната земја.. Затоа и сега гробовите На Алексо и Ката Грежлови во Љубојно останаа неми сведоци на минатото, а за иднината надгробните стихови вечно ќе потсетуваат на животот и судбината на нивниот печалбарски живот. Така, таму на гробната плоча на Алексо пишува: “Америка беше твојот завет, животот тој суров меч тебе таму те прати, но родината пак те врати за на век“, а до него на плочата на Ката пишува:“Мајко, пламенот од шесте искри што го вивна ти, го остави да гори, да тлее и вечно на тебе да мисли“. Слична судбина како на родителите имаше и нивната ќерка Сандра, која се прости за секогаш со Канада и дојде во Македонија да почине во родниот крај. Тоа и се случи. Таа почина во својот дом и со големи почести и почит од многу роднини и пријатели, со девет свештеници и владика е погребена во близина на Алексо и Ката Грежлови на гробиштата во Љубојно, каде на надгробна плоча им пишува: “Австралија и Канада ви беа времен дом, а Македонија вечен сон“.
|