|
|
Фото Томев - ликовен уметник и публицист од Торонто (6) |
ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ Една од поистакнатите личности од македонско потекло во Торонто беше, секако, Фото Томев. Неговото име и дело е добро познато меѓу македонските иселеници и на пошироката канадска јавност. Тој ù припаѓа на генерацијата од првите македонски доселеници во Канада и беше еден од првите интелектуалци и учени луѓе од македонско потекло на северно-американскиот континент. Неговиот живот е исполнет со трудољубие, а неговата творечка фигура и делата што ги создаде во својот творечки период му обезбедија посебно место во канадското општество. Постигнатите резултати во ликовната уметност и во публицистиката го направија една од помаркантните личности сред иселеништвото во Канада, каде што живееше и твореше осум децении. Видниот канадски ликовен уметник од македонско потекло, г-дин Фото Томев, е роден на 20 октомври 1899 година, според Јулијанскиот календар, во големото македонско село Желево, Леринско (порано Костурско), кое е познато како расадник на бројни интелектуалци и револуционери во минатото. Во неговото родно место го завршил егзархиското училиште, каде ги стекнал основните знаења, за потоа образованието да го продолжи во Канада. Често се вели дека желевци се преселиле во Торонто, бидејќи нив ги има неколку илјади таму, каде што се значаен дел од севкупното живеење, пред сè, во македонската колонија, а и повисоко во канадското општество. Всушност, желевци со самото доаѓање во Торонто во периодот на Илинденското востание започнале меѓу првите да се организираат, формирајќи го своето Желевско добротворно селско друштво. Исто така, во Торонто беше изграден и Желевски дом, во кој покрај одржувањето на бројните селски слави и други манифестации, се одржале првите средби на организираното живеење на членовите на Македонската национална организација „Обединети Македонци” и формирањето на првата Македонска православна црква во Канада „Св. Климент Охридски” во Торонто. Сликарот Фото Томев пристигнал во Торонто на 14 септември 1915 година, како шеснаесетгодишно голобрадо момче. Меѓутоа, за да дојде во Канада, односно за да добие патна исправа и да ја напушти Грција, неговата мајка платила околу 80 долари, што во тоа време биле голема сума пари. На новиот континент, во “ветената земја” заедно со уште петмина соселани прво пристигнал во Њујорк, а оттаму заминал за Торонто, каде што веќе живеел и работел неговиот татко Спиро Томев. Инаку, татко му Спиро бил еден од првите доселеници во Канада што дошле од Јужна Македонија. Тој доживеал длабока старост и починал кога имал 100 години. Од разговорот што го водевме со Фото Томевво Старскиот дом (Канадско - македонски центар) во Торонто, во текот на август 1989 година, ги добивме сите информации за неговиот живот и дела. Така, веднаш по пристигнувањето во новата средина, Фото Томев започнал да оди на училиште и да го изучува англискиот јазик. Во исто време, тој како здраво и послушно момче работел на разни места и различни работи. Неговата желба за учење била голема, а бил природно надарен, интелигентен, со што се разликувал од својата генерација. Во 1918 година, Фото Томев заедно со својот другар од детството Петар (Питер) Стојанов, исто така истакнат сликар со македонско потекло од Канада, се запишал на Уметничкиот колеџ на Онтарио, што бил на ранг на Уметничка академија. Татко му Спиро не знаел за каква факултетска програма станува збор, туку мислел дека неговиот син учи англиски јазик во вечерно училиште. Според зборовите на Фото Томев, посетувањето на Колеџот му претставувало големо задоволство; бил присутен на сите предавања и со голем ентузијазам ги следел програмите, особено оние што се однесувале на темите од животот и од сликањето. Дипломирал во 1923 година како одличен студент, за што добил посебна награда како студент од групата што биле најуспешни, најталентирани и најтрудољубиви во таа генерација. По завршувањето на Академијата, а поради економската мини - депресија во 1924 година, не бил во состојба да ги продолжи своите студии, па затоа се вработил во компанијата за уметнички дела „Мерчанд портреит” каде што работел хонорарно две години. Во 1929 година добил постојано вработување во наведената компанија, каде што направил голем број уметнички дела. Се определил да слика портрети и пејзажи, обично по нарачка, а насликал и неколку мотиви по сеќавања за неговото родно село Желево, потоа ликови од историјата, како и портрети на обични граѓани од Леринско и портрети на доселеници во Торонто. Уметникот Фото Томев се оженил на 7 јуни 1931 година со Димка Белчева, Македонка по потекло од селото Емборе, Беломорска Македонија, а живеела во градот Бафало, во државата Њујорк. Го поминал поголемиот дел од животот со неговиот животен сопатник - Димка, која му давала поддршка во уметничкото творење. Во времето кога се формирал Сојузот на македонските политички организации во САД и Канада, во 1922 година, кој подоцна стана познат по кратенката МПО (Македонска патриоска организација), Фото Томев бил и останал целиот живот активен учесник и член на оваа организација. Треба да се истакне дека во почетокот македонските доселеници веруваа во организацијата МПО, која била независна организација и која им служела на интересите на револуционерното движење на македонскиот народ. Меѓутоа, наскоро стана јасно дека МПО започнала да не му служи на интересите на македонското движење, туку на туѓи немакедонски цели и интереси.
Родното село Желево, Леринско Особено во периодот меѓу двете светски војни, МПО имало силно влијание меѓу македонските иселеници и, за жал, поголемиот број доселеници, особено од егејскиот дел на Македонија, кои биле најбројни во тој период, сметале дека со членувањето во таа организација ќе ù служат на својата поробена татковина Македонија. Таков е случајот и со политичката определеност на сликарот Фото Томев. Фото Томев започнал да слика уште како студент. Меѓутоа, непосредно по завршувањето на Академијата, четката и платното му станале живот. Неговите слики, особено портретите и пејзажите, за кои авторот има само фотографии, достигнувале високи цени и биле купувани од одредена категорија луѓе во Канада. Бројни уметнички дела создадени од раката на академскиот сликар Фото Томев красат многу домови и институции ширум Канада. Неговите уметнички дела се прикажувани на различни изложби што ги има организирано Друштвото на ликовните уметници на Онтарио, Кралската академија за уметности на Канада, Друштвото на уметниците на Монтреал и Канадската национална изложба. Исто така, неговите уметнички дела се презентирани како дел од колекцијата „Перкинс-Бул”. Фото Томев беше познат сликар во Канада, особено во Торонто. Во неговата многу децениска работа тој насликал бројни дела кај кои се препознаваат длабоки траги од неговите уметнички способности и вештини. А неговите слики се со уметничка вредност и претставуваат дел од канадската ликовна уметност. За неговиот ликовен опус тој е добитник на бројни награди и признанија. Уште како студент на Академијата, сликарот Томев е добитник на награди за својата ангажираност и постигнати резултати во уметноста. Академскиот сликар Фото Томев, покрај уметничката дејност, се занимавал и со публицистика. Тој е автор на публикацијата „50-годишнина на Македонско - бугарската православна катедрала ’Свети Кирил и Методиј’ (1910-1960)”. Оваа публикација има 118 страници (23џ29,5 цм.), на кирилица, тврдо подврзана. Книгата е напишана паралелно на бугарски и англиски јазик. Меѓутоа, таа ништо не губи од својата вредност и од објективното прикажување на нештата. Во неговото, време кога заминал за Канада, немало македонска православна црква, па ниту постоела слободна македонска држава со сите нејзини просветни институции на народниот македонски јазик. А Фото Томев како млад посетувал часови на бугарски јазик, токму во црквата „Св. Кирил и Методиј”, во која верниците биле Македонци, а за жал, само свештените лица, меѓу нив и Македонци, биле претставници и пропагандисти на Бугарската црква и бугарската пропагандна машинерија. Инаку, во официјалниот протокол што е поместен во книгата, а кој датира од 11 март 1911 година, се вели дека на состанокот биле присутни лица од селата Желево, Смрдеш, Бесвина, Трнава, Трсје, Баница, Котори, Габреш, Горничево, Статица, Кономлади, Доброец, Неволјани, Буф и Поздивишта, сите во Леринско и Костурско во Јужна Македонија. Првиот претседател на црквата бил доселеникот Кузо Темелков од с. Теолица, Костурско, а Црквата била формирана на 28 септември 1910 година. Публикацијата обилува со бројни фотографии од активностите на Македонците во Канада, односно даден е животот во црквата за периодот од 50 години. Фото Томев а автор и на публикацијата под наслов „Кратка историја на селото Желево, Македонија”. Книгата ја издало Добротворното братство на Желево во Торонто, во 1971 година. Таа е печатена на 170 страници (16џ23 цм), на англиски и на бугарски јазик и претставува опширна монографија за селото Желево, за постанокот, животот во турско време, илинденскиот период, за народното училиште, црквите, обичаите, традициите и за другите карактеристики на селото Желево. Книгата претставува добра основа за проучување на вистината за Егејска Македонија.
Третата публикација чиј автор е ликовниот уметник Фото Томев, носи наслов „Македонски народни прикаски”. Уредник на книгата е Лилјан Петров, Канаѓанка од македонско потекло. Публикацијата е печатена во мај 1980 година, а издавач е Друштвото за историја и мултикултурата на Онтарио. Печатена е на англиски јазик, на 92 страници, 135џ20,5 см., компјутерска обработка. Во неа се поместени 25 македонски народни приказни преведени на англиски јазик. Всушност, оваа публикација е збир на македонски народни приказни за кои авторот се сеќавал уште од времето кога бил во родното место, како и приказни или настани што се случиле кај македонските доселеници во Канада, а кои авторот ги забележал. За печатењето на оваа публикација големи заслуги има Лилјан Петров, една од значајните личности во спроведувањето на мултикултурната политика во Торонто и автор на бројни трудови за Македонците во Торонто и Канада. Вредноста на оваа публикација е крунисана со награда во 1986 година. Наградата ја има доделено Друштвото за историја и мултикултурата на Онтарио. По тој повод, весникот „Канадска сцена” пишува: „Центарот за историја и мултикултурата неодамна беше официјално отворен од заменикот - генерален гувернер Линколн Александер, кој, всушност, беше почесен покровител на Друштвото за историја и мултикултурата на Онтрио. Во таа пригода, министерот за државно право и култура на Онтарио, Лили Мунро, ги предаде наградите за придонес во заживувањето и проучувањето на имиграцијата и етничката историја. Меѓу неколкуте наградени е и Фото Томев, ликовен уметник и автор на публикацијата.” Фото Томев уживаше авторитет и почит кај своите сонародници - Македонци во Канада. Како потврда на тоа е довербата што му беше укажана при формирањето на Канадско - македонскиот центар (Старски дом) во Торонто, во чија управа, покрај другите доблесни Македонски, се најде и Фото Томев. Инаку, според предлогот на Фото Томев, прифатено било цвеќето здравец, кое веројатно може да се најде само во балканските држави, посебно на планините во Македонија, и кое било симбол на античките Македонци, да биде симбол и на Старскиот дом. Дури и периодичното списание што се печатеше на англиски јазик, а кое беше орган на Канадско - македонскиот центар, го носи името „Здравец”. Фото Томев својот живот го завршил во Канадско - македонскиот центар во Торонто, а починал на 27 ноември, 1995 година. Тој беше еден од почитуваните станари на Старскиот дом. Фото Томев беше разговорлив и живо се интересираше за настаните во Македонија. На авторот на овие редови тој остави впечаток како голем ликовен уметник и публицист во Торонто. Продолжува
|