|
|
Во Австралија како дома (23) |
ОД ЖИВОТОТ И АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА Во Сиднеј останавме речиси една недела и потоа со авион заминавме за Мелбурн. Бргу стасавме над Мелбурн. Кога авионот почна да се спушта, се восхитувавме на убавата природа, многуте фарми, езера, бројните дрвја еукалиптуси и там-дрвото што е специфично за Австралија и Нов Зеланд. Исто така, во Мелбурн слушавме за општеството за кое многумина велат дека изобилува во благосостојба. Тука се запознавме со земјата на традиционалните спанковци - коалите и на кенгурите како и земјата на скапоцениот камен - опалот, песочните плажи и прекрасните предели. Во исто време Мелбурн е градот во кој многумина дојденци од светот, преку негативните појави и дејствувања ја изразуваат неможноста да ги прифатат предизвиците на современиот австралиски живот и немилосрдните општествени односи со кои се среќаваат секојдневно. Во Мелбурн, во тој убав град, привлечен и најзначаен административен, политички, културен, спортски центар и главен град на државата Викторија, според некои неофицијални податоци живеат педесетина илјади Македонци од сите делови на македонската земја, а особено од Леринско, Костурско, Преспанско, Воденско, Битолско, Охридско и од други места. Добро организирани, а во исто време поделени по црковно-имотното прашања, раскарани и без меѓусебна љубов што Господ им ја дал, тие се бројни во далечниот Мелбурн, а многумина од нив имаат важна улога во општественото и во културното живеење и се многу значаен дел на тој австралиски многунационален музеј. Останавме во Мелбурн, главниот град на државата Викторија, но не се почувствувавме како во туѓина, напротив како да бевме дома - во нашата Македонија. Имавме средби со многу наши сонародници. Тие средби беа со многу топли прегратки, изливи на чувства, дури и со солзи радосници. Средбите ќе останат незаборавни, бидејќи тука почувствувавме дека Австралија – „непознатата“ јужна земја колку и да е далечна, таа, сепак, за Македонците е блиска. Во Мелбурн човек може лесно да се снајде, зашто таму покрај англиски се зборува и македонски јазик. Каде и да се појде: на улица, во дуќан, канцеларија, кафеана, библиотека, на натпревар или на некоја манифестација, насекаде ќе сретнете Македонци. Нив ги има од сите делови на Македонија. Во Мелбурн бројот на македонските доселеници од Беломорска Македонија, од Пелагонија и потпелистерскиот регион се најбројни. Значајна одлика за нив е таа што тие се вредни, трудољубиви, честити и лојални граѓани. Втората и третата генерација се разликува по свеста и образованието, по социјалниот статус, по општествената и материјалната положба. Меѓутоа, заедничка карактеристика за Македонците во Мелбурн е нивната срдечност, гостопримливост, искреност... Иако се чувствуваат како да се најдалеку од татковината, тие се најприврзани за дедовската земја – Македонија. Викторија е држава во југоисточниот дел на Австралија и е најгусто населена. Поголемиот дел од населението е концентрирана во областа околу Филиповиот Залив (Port Phillip Bay), во која е вклучено градското подрачје на нејзиниот главен град и најголемиот град во Викторија, Мелбурн. Инаку, Мелбурн по Сиднеј е втор по големина град во Австралија. Државата Викторија географски е најмалата држава на австралиското копно. Пред доселувањето на Европјаните Викторија била населена со домородното население Абориџини. Во почетокот на доселувањето на Англичаните, Викторија била приклучена во пошироката колонија на Нов Јужен Велс. Првата населба била формирана во 1803 година во заливот Саливен и голем дел од она што е сега Викторија било вклучен во Филиповиот Залив во 1836 година со административна поделба на Нов Јужен Велс. Викторија била официјално формирана како посебна колонија во 1851 година, апостана самостојна во 1855 година. Во текот на златната треска во 1850-тите и 1860-тите години, бројот на населението и богатството значително се зголемиле. Во 1901 година Мелбурн бил најголемиот град и водечки финансиски центар во Австралија. Исто така, Мелбурн бил главен град на Австралија до формирањето на Австралија како федерална држава во 1927 година, кога Канбера била прогласена за главен град. Кога се пишува за Македонците во Австралија, особено во Викторија, тие отсекогаш биле предмет на разни туѓи верски, национални и политички влијанија, кај кои се нашло погодно тло за таквата дејност. Во тој правец активна била бугарската, грчката и српската пропаганда, кои со успех ги вршеле своите замислени цели. Притоа, во прилог одела и неорганизираноста на македонските доселеници кои, за жал, немале ниту своја држава, ниту, пак, свои македонски православни цркви. Затоа, во периодот од нивното доаѓање во Австралија до конституирањето на македонската држава, Македонците биле предмет на бугарската, грчката или српската пропаганда. Свои пропаганди и влијанија врз македонските доселеници вршела и Католичката, Англиканската и некои протестантски цркви, затоа одреден број од нив се приклучиле и кон овие цркви. Во периодот меѓу двете светски војни, кога МПЦ не беше конституирана како институција, македонските доселеници во дијаспората, особено во САД и Канада, а и во Австралија, не само што учествувале во организирањето и во изградбата, туку и ги поддржале, ги финансирале и црквувале, главно, во т.н. македонско-бугарски православни храмови и други цркви. Овие цркви биле поттикнати, изградени и контролирани од МПО. И денес мал број Македонци, претежно од постарите генерации, ги задоволуваат своите религиозни потреби во некои од овие христијански храмови. Од деведесеттите години на минатиот век, поголемиот број цркви со македонско-бугарски карактер, од владение на МПО биле предадени и се под целосна контрола и под јурисдикција на Источната православна црква за САД и Канада, која нема никакви врски со македонскиот народ и Македонија. Исто така, пред конституирањето на МПЦ во лицето на Охридската архиепископија, голем број македонски доселеници помогнале материјално и духовно во изградбите и опстојувањето, како и црквувале во српски, грчки, руски, украински, романски и други православни цркви Таков е случајот со Бугарско-македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Мелбурн. Меѓутоа, конституирањето на Република Македонија и прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква во лицето на Охридската архиепископија се настани од фундаментално значење и за иселениците во Австралија. Со тоа се отвори процес на создавање автентични македонски организации, македонски православни цркви и црковни општини, културно-уметнички, литературни, забавни, спортски друштва и друг вид асоцијации. Сите тие претставуваат најзначајни и најголеми собиралишта на македонските доселеници од етничка Македонија во демократска Австралија. Продолжува
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
|