|
|
Иван Трпоски одликуван со медал за заслуги за Македонија |
(Ова лето во Охрид Иван Трпоски од страна на претседателот на РМ Ѓорѓе Иванов беше одликуван со медал за заслуги за Македонија . Иван медалот го доби за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење со што дал значаен придонес за афирмација на Република Македонија во Австралија и за унапредување на пријателските односи и соработката меѓу татковината и втората татковина во која живее близу пет децении.) Иван Трпоски е роднокраен автор кој од 1979 година член е на Литературното друштво “Григор Прличев” од Сиднеј, како и член во издавачкиот одбор на списанието “Повод” и долгогодишен библиотекар и архивар во библиотеката “Григор Прличев” – прва од таков вид надвор од Македонија. Дописник е на списанието “Македонија” од Матицата на иселениците и многу други весници и списанија во Македонија и Австралија. Со своја поезија и реферати учествувал на многу собири, со кои го поткревал духот на македонецот да опстои на далечните австралиски простори.Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1988 год. , и член е на Друштвото на новинари на Македонија од 1995 год. Автор е на повеќе книги, иницијатор е за организирање на многу манифестации и активности на нашинците во Австралија. За својата работа и општествена дејност има добиено повеќе награди и признанија. На промоцијата во Охрид за книгата и нејзината публицистичка вредност говореше м-р Милчо Јованоски, новинар. Во интерес на пошироката јавност и дијаспората ви ја пренесувам во целост промотивна реч. Во знак на внимание, за досегашната и идна соработка благодарница во име на охридската библиотека му врачи директорката Александра Белевска. Модератор на промоцијата беше поетесата Виолета Сековска.
ПРОМОТОР: Милчо Јованоски, Охрид 20.8. 2016г. Кога ќе се спомене далечна Австралија и денес а уште од млачечок, на почетокот на седумедесеттите од минатиот век ми одзвонуваат гласовите на подоцна моите колеги од Радио Охрид, ненадминатите спикери Леонора Чекреџи и Цветко Божиноски. Тие читаа секоја недела поздрави и честитки од нашите слушатели и сонародници кои, како што тогаш се велеше привремено заминале во странство да спечалат и да се вратат. Во етерот летаа честитките за родендени, крштевки, имендени и свадби. Се редеа песните на легендарните македонски гласови на Васка Илиева, Никола Бадев, Александар Сариески, Виолета Томоска, Кирил Манчески и ред други. Секоја нивна песна за ислениците за гурбетчиите за проклета и далечна Австралија беше како посебна приказна , приказна откорната од кревките души на разделените, споените, подоцна со некои никогаш невидените, заборавените. Кога мојот пријател и соработник – господинот Иван Трпоски летово ми предложи да зборувам и да ја претставам на оваа охридска промоција неговата книга под наслов МАКЕДОНИЈА – НЕ ТЕ ЗАБОРАВАМЕ составена од лично негови новинарско – публицистички трудови, се прашав дали сум тој најсоодветниот и дали на мое место можеше да биде и друг? Подоцна сам сфатив дека изборот на Иван не е случаен. Близу две децении со моите прилози објавувани на Дојче веле им ги приближувам Охрид и Македонија на нашинците по белиот свет, а шест години, колку минува времето брзо сум дописник и за австралиското државно радио СБС со седиште во Мелбурн и Сиднеј. Така луѓето на петтиот континет ми станаа поблиски. Се трудам како новинар и преку сопствениот веб портал ПУБЛИЦИТЕТ.мк да го правам најдоброто – Македонците каде и да се по светот да ја знаат вистината за Македонија. И за крај од овој дел и помислата да се биде втор промотор по познатото новинарско име Фиданка Танаскова која зборуваше на скопската промоција на книгата не е лесно. Одговорноста напротив е поголема. Дозволете сега да се навратам на ентузијастичкиот труд на нашиот Иван Трпоски кој од Волино до Сиднеј – Австралија и циклично на секои четири години станува светски патник за да ја победи носталгијата со пишувањето, творењето и доаѓањето пак во родната грутка. Книгата: Македонија – не те забораваме на цели 270 страници на луксузна хартија и формат е сведоштво за минатите и потрошени младости и животот на илјадници Македонци кои стапнале како него на австралискиот континет и таму започнале нов живот. Книгата е ода на херојството, на непроспаните ноќи, на тешките физички работи кои секогаш им биле судени на Македонците од Стилворк, до рудниците или како што таму ги викаат бушовите. Книгата во себе ја носи сета љубов на поетот, публициститот, вљубеникот во сопстевната родна грутка. Книгата е воедно огледало и хроника на мноштвото настани, записи, репортажи за успеси, недостатоци, остварувања и достинувања на нашиците во Австралија. Радојка Трајанова |