|
|
Драмата „Баба се мажи“ го надмина очекуваното |
Минатата сабота, 3 декември, во просториите на Полскиот клуб се прикажа последната петта престава на „Баба се мажи“. Како и што се очекуваше, до последно место беше пополнато и публиката задоволна го напушти клубот со благодарност и барање преставата повторно да се прикаже и да уживаат во доживувањата на баба Јана која преку ноќ стана сензација или целебрити – славна. Понуди пристигнаа од Квинбијан и Мелбурн и се планира баба Јана со белото магаре да отиде во овие градови каде Македонците достојно ќе ја пречекаат. Се надеваме дека понуди ќе има и за мажење, а свадбата секако ќе биде по македонската традиција. Според кажувањето на драматургот Душан Ристевски, „Баба се мажи“ беше една од најгледаните престави на Австралиско македонскиот театар од Сиднеј. Истата беше видена од повеќе од 1500 луѓе, публиката задоволна, коментарите позитивни, а и глумачкиот тим задоволен што успеа да се даде квалитетна престава. Турнејата за во другите градови изгледа е неизбежна во почетокот на годината, а и се планираат други две нови продукции за наредната година, едната наменета за младите. За да се „овековеча“ плодната година на Театарот на 17 декември во просториите на Civic Theatre со почеток во 19 часот, ќе се одржи традиционалната Гала вечер каде ќе се доделуваат награди за глума Александар Македонски, но ќе следи и богата театарска програма која ќе биде започната со прикажување на поетскиот драмски приказ Неда, кој авторот Душан Ристевски го работеше инспириран и врз основа на поемата „Сердарот“ од Григор Прличев. Честитки за ова реномирана театарска група која успева да ни нуди се повеќе квалитени дела и да ни го збогатува културниот живот на овие простори. Иван Трпоски |