|
|
Во Сиднеј незаборавна драмска изведба |
Минатата недела, на 7-ми мај, во просториите од Шопфронт театарот во Карлтон (предградие на Сиднеј) по четврт пат беше прикажана драмската изведба „Неочекувана забава“ од авторот Стефо Нанцу. Во полната сала, артистичката група од Сиднеј на гледачите им приреди вистинско изненадување со изведбата на ова драмско дело, кое преовладува со семејни проблеми на помладата генерација, од која последиците ќе ги трпат родителите и нивните деца. Оваа драма е мошне поучна приказна, од која поука може да добие секое семејство кое живее во оваа нова наша нова татковина во која животот е многу брз и темпераментен и бара меѓусебно разбирање и толеранција. Авторот и режисер, Стефо Нанцу, ова дело толку умешно го напишал и режирал што навистина треба да му позавидат и врвни театарски и филмски сценаристи и продуценти. Уште позначајно е тоа што во драмата успеал да внесе двојазичност и толкувањето на улогите им го доверил покрај на македонските артисти и на артисти од други јазични националности. За артистите од овој Австралиско-македонски теарар од Сиднеј може слободно да се каже дека после неговото 10 годишно постоење, во кое настапувале во повеќе драмски дела на авторот Душан Ристевски и на други автори, тие се целосно компактен тим и нема драмско дело кое со љубов и елан тие не би го реализирале. Во последново драмско дело настапуваат седумнаесет артисти од повеќе возрасти што е вистински успех и за секаква пофалба. Од респект за нивната артистичка пожртвуваност не сакам да издвојувам добар од подобар, туку тоа ќе го сторам преку објавување на нивните имиња во овој запис, кој се надевам ќе остане и како историски доказ за постоењето на театарот и неговите успеси во афирмацијата на македонскиот јазик и култура во оваа далечна земја, Австралија. Еве ги нивните имиња: Гордана Милошевска, Валентина Апостоловска, Васко Србиновски, Зоран Гулабовски, Татјана Нешковска, Антонио Нешковски, Илдико Кис, Стефани Тодоровски, Стефан Нешковски, Марика Кулевска, Ана – Марие Вајлс, Мајкал Кулевски, Ребека Осаливан, Софиа Тудмаен, Изабел Синдон Џордан, Јаворка Котевска и секако авторот и режисерот Стефо Нанцу кој играше повеќе улоги . Техничката работа му беше доверена на Никола Апостоловски кој професионално раководеше со сценското осветлување и музичкиот аранжман. Последната претстава на „Неочекувана забава“ ќе биде идната сабота на 13-ти мај во Волонгонг, во просториите на црковната сала на црквата Св Димитрија Солунски со почеток во 19 часот. Иван Трпоски |