|
|
Донаторско претставување на монографијата „Атанас Близнаков“ од Славе Катин во Торонто, Канада |
По повод 40. годишнината од формирањето на фондацијата „Aтанас Близнаков“, на 11-ти мај 2017 година, се одржа донаторска промоција на јубилејното издание на монографијата за македонскиот национален деец, иселеник и повратник од САД, Атанас Близнаков, дело на Славе Катин, кое е на македонски и англиски јазик, а коe е издание на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Делото беше претставено пред голем број македонски иселеници од сите делови на Македонија, а во рамките на активностите на катедралната Македонската православна црква “Свети Климент Охридски” и Клубот на пензионерите „Гоце Делчев“ од Торонто, Канада. За монографијата зборуваше ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски, а присутните ги поздравиja проректорот на УКИМ д-р. Билјана Ангелова, генералниот конзул на Република Македонија во Торонто, д-р Јовица Палашовски, свештеникот Благе Димитриевски и авторот на монографијата Славе Катин. Во своето излагање д-р Јанкуловски, меѓу другото, рече дека ова е трето претставување на значајната монографијата „Атанас Близнаков“ од Славе Катин на северноамериканскиот континент. Таа е посветена на најголемиот македонски донатор во иселеништвото - Атанас Близнаков (15. XII. 1901 – 10. VII. 1998), кој во текот на животот не се покажа како обичен печалбар, туку како личност што настојуваше да навлезе во суштината на македонската слобода и правдољубива идеја, гледајќи ги работите со многу сериозен пристап, со што се издигна над времето во кое живееше. Инаку, Атанас Близнаков емигрира во Соединетите Американски Држави во 1920 година. Работел во Гери (Индијана) и беше активен член на Македонско-американскиот народен сојуз (МАНС). Тој беше еден од основачите на друштвата „Александар Македонски“ и „Лазар Поптрајков“ и еден од иницијаторите за изградбата на првата македонска православна црква во САД, „Свети Петар и Павле“ во Гери, Индијана, а беше и претседател на Болничкиот комитет во Гери за собирање парични средства за изградба на Државната болница во Скопје. Атанас Близнаков заедно со својата сопруга Славка ја формира фондацијата „Атанас Близнаков“ во 1977 година на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, за стипендирање на талентирани студенти, се’ со цел да ја изразат својата љубов кон идните македонски генерации и кон македонскиот народ од сите делови на неговата родна земја – Македонија. Ова значајно дело беше промовирано пред голем број Македонци од сите делови на Македонија, особено од Егејска Македонија кои се иницијатори и значајни донатори на катедралната Македонската православна црква “Свети Климент Охридски” и на Клубот на пензионерите „Гоце Делчев“. На крајор ректорот проф. Никола Јанкуловски заклучи дека со формирањето на фондацијата „Атанас Близнаков” се даде драгоцен придонес на Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј”, на македонскиот народ и на Македонија, а во исто време таа претставува поттик и инспирација за Македонците во дијаспората. „Македонска нација“ |