|
|
Ватикан – центарот на Римокатоличката црква (3) |
ОД ПАТУВАЊАТА ПО СВЕТОТ – ИТАЛИЈА Посетата на Ватикан секогаш буди пријатни чувства, но овој пат и средбата со папата Јован Павле II оставија неизбришливи траги во сеќавањето за сè она што го видовме, почувствувавме и доживеавме. А, таму, во градот кој е и држава - Ватикан, има што да се види, да се научи, да се прошират видиците, сознанијата, да се збогати големото духовното живеење… Оваа самостојна папска држава со површина од 44 хектари е лоцирана во центарот на Рим, сместена на десниот брег на реката Тибар, опкружена со ѕидови. Во минатото Ватикан постоел како собир на папските згради и цркви, а од 11 ноември 1929 година постои како самостојна држава. Ватикан има своја железничка станица, радиостаница, ПТТ служби, монетарен систем и друго, во кој има формално неограничена власт. Ватикан како држава има дипломатски односи со голем број земји во светот, меѓу кои и со Република Македонија. Тоа е особено изразено со Македонската православна црква, која долги години одржува верски посети во текот на празнувањето на гробот на свети Кирил. Ватикан го има папскиот дворец што е изграден во 1146 година, а во состав на дворецот подоцна се изградени бројни згради во кои се сместени: познатата библиотека, архивата, музејот и други простории, во кои се чуваат ретки уметнички и културни вредности од египетската и античката култура, до највредните дела од минатиот и овој век. Меѓу нив има и бројни историски предмети од минатото и уметнички дела од сегашноста на Македонија. Под ватиканска управа има 13 цркви и други установи во Рим, кои заедно со Ватикан претставуваат организациски центар на Римокатоличката црква. Рим плени. Неописливо е чувството од онаа чудесна мешавина на старото и новото. Покрај духот на историјата, кој го носи како белег на своето постоење, Рим динамично и впечатливо живее како европска метропола и како главен град на Италија. Кога сонцето ќе почне да заоѓа зад хоризонтот, ноќта свечено настапува на сцената осветлена со илјадници рефлектори, лампиони, разнобојни рекламни паноа и блескави излози. Во луксузните продавници на Виа де Кондоти и Виа Венето испаруваат скапоцените парфеми. Кафулињата, рестораните и дискотеките се полнат со бројни туристи секогаш во чекор со модата на самите римјани. На крајот на прекрасната Виа де Кондоти со својата убавина блеска и Шпанскиот плоштад со огромни скалила за кои велат дека се вистинско место за „безделничење“. На овој плоштад се одржува една од најатрактивните модни ревии во светот. Рим може да се доживее и на друг начин. Да се почувствува преку мирисот на морето и какафонијата на какви се не јазици на дојденците, или можеби преку хаотичниот сообраќај. Или, пак, едноставно, да уживате во темпераментот на Италијанците. Рим се и илјадниците веспи и убавите девојки на нив. Рим се и тортелините, и пиците, и лазањите, и шпагетите, и виното, и… Слики, икони по ѕидовите, мали капели, прекрасни скулптури на познати христијански црковни лица и други сакрални нишани кои кај намерникот и репортерот будат восхит. Црквата „Свети Петар“ е огромна уметничка оаза, една галерија, каде човек може да остане сам со себе и да му се предаде на уживањето што му го предизвикуваат бесценетите експонати и силниот гениј на уметникот. Особено мамат формите на грандиозните фигури, кои колку подолго се гледаат, човек мисли дека тоа е визија и пренесување во некој друг свет. Ги посетивме катакомбите во подрумот на црквата, како и неколкуте храмови од левата и од десната страна. Во нив се наоѓаат голем број уметнички слики, орнаменти, скулптури, бисти и други вредности што го прават овој светски споменик и привлечен за сите посетители, без разлика на возраста и религиозното убедување. Со посетата на храмот човек го збогатува духот и се чувствува поголем верник отколку пред влегувањето во храмот. Затоа, со право се вели дека посетата на црквата „Свети Петар“ претставува ново доживување, продлабочување, збогување и проширување на човековиот видик и спознанија. Посетата на базиликата „Сан Клементе Римски“ и поклонението на свети Кирил Солунски беа незаборавни. Црквата се исполни кога делегациите од Македонија, заедно со хорот „Русикум“, влегоа во просторот во кој се наоѓа гробот на свети Кирил. Сите посетители во црквата, пред гробот на свети Кирил застануваат молкум пред светите големи сесловенски просветители, преведувачи, книжевници, духовници... Македонија му оддава катагодишна должна почит на свети Кирил Солунски. Во базиликата на црквата „Сан Клементе Римски“, каде што почиваат моштите на свети Кирил, тие мајски деновимакедонската државна и црковна делегација одржа чествување, со што истовремено и официјално започна традиционалната манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“. Црквата беше исполнета. Влеговме во просторот во кој се наоѓа гробот на свети Кирил. Големо беше задоволството што ни се укажа таа ретка можност да му изразиме благодарност на свети Кирил што јазикот на старите Македонци го издигна до степен на книжевен, прифатен од целото словенство. А македонската држава и црква му оддаваат должна почит на великиот просветител свети Кирил Солунски секоја година, токму во базиликата на црквата „Сан Клементе Римски“, каде што почиваат неговите мошти. Кај нашиот народ отсекогаш било длабоко и искрено почитувањето кон свети Кирил Солунски и неговиот брат свети Методиј. Нашите предци им се обраќале молитвено за закрила и духовно, речиси, секојдневно, а не само кога бил денот на нивниот празник. Ги споменувале за да се потсетат какви светители стојат во нивното црковно и национално битие и богатство. Им се молеле за духовна поткрепа и светлина тогаш кога нивните непријатели биле жестоки и кога сопствените сили им биле при крајот, тогаш кога темнината била ужасна, а надежта на умирање. И тогаш кога ропството и гневот биле неподносливи светите браќа и нивните ученици им болскотеле во мракот и ја поткрепувале нивната вера во посветла и поубава иднина. По толку векови кога се обновени древните црковно-народни обичаи и традиции, кога е обновена Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, кога на најсвечен начин се прославуваат јубилеите на нашите црковни и народни великани, одлуката за поклонички патувања во периодот од четириесет и пет години, пред гробот на сесловенскиот апостол, е одлука на чувството на благодарност и пиетет кон свети Кирил, зошто тој ги посеал првите `ркулци на македонската и словенската писменост, кои станале движечка и животна сила за сите словенски народи. Светите браќа ги развиле своите духовни дарби и создале дело од непроценлива културно-уметничка вредност, што претставува голем придонес во духовната и културната ризница, не само за македонските и другите славјански народи, туку и за човештвото во целина. Инаку, историската вистина за прославата „Македонија во чест на свети Кирил“ започнала уште во 1970 година. Таа година со златни букви ќе остане забележана во историјата на Светикириловиот гроб во Рим, на Македонската православна црква, на македонскиот христијански народ и на Македонија. Имено, во таа година, по повод празникот на словенскиот апостол, по вторпат беше одржана поклоничка свеченост, на која присуствуваше поглаварот на Македонската православна црква Неговото Блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Доситеј, кој ја откри спомен-плочата изработена во бакар на која на македонски јазик е испишан следниот текст: Инаку, првото чествување од смртта на свети Кирил Солунски се одржа на 14 февруари 1969 година во Рим во базиликата „Свети Петар“, со концелебрација (сослужение) во слово на просветителското дело. Чинот се одржал во таа импозантна катедрала посветена на првиот Христов апостол, кој, исто така, како и свети Кирил Солунски, дошол од Исток во илјадалетниот град, или градот на вечноста - Рим, за да го проповеда христијанското учење. Свети Кирил Солунски дошол да го брани тоа учење, да докаже дека може да се проповеда на јазикот на Словените (на Македонците), а не само на латински, еврејски и елински јазик, како што дотогаш се верувало. Дошол кај поглаварот на западните христијани пред единаесет векови и бил разбран, и оттогаш христијанската вера се проповеда и на словенски - старомакедонски јазик Се вративме од Рим во вечерните часови кога сонцето тонеше кон запад и кога на аеродромот „Петровец“ се спушташе ноќта. Авионот како орел го надлетуваше градот од кај Водно, за потоа да направи полукружно движење кон Велес и за неколку минути да се најде кон пистата од јужната страна. Потоа, авионот силно зачкрипи на пистата и за миг се најде спроти пристанишната зграда на аеродромот „Александар Велики“, од каде се приклучивме кон реката автомобили што се движеа кон Скопје. Продолжува
|